Ќе се воведува ли патарина во Германија?
17 јуни 2019Ќе се воведе патарина за автомобили или не? Германската влада и сите возачи во ЕУ ќе дознаат утре (18.6.2019). Доколку судот одобри воведување на патарина, тогаш сите возачи ќе мора да плаќаат надомест за возење низ Германија.
Патарините ќе бидат во форма на вињети. За автомобилите кои се регистрирани во Германија, на сопствениците тоа ќе им биде нивелирано преку данокот за автомобили, така што тие практично нема да плаќаат патарина.
Австрија прва поднесе жалба против ваквите планови, за што доби и поддршка од Холандија. Аргументот на соседната земја гласи: оваа давачка е спротивна на европските договори, при што се дискриминираат Австријците и останатите граѓани на ЕУ, со исклучок на Германците.
Првичната одлука е веќе донесена?
Пред да се донесе одлуката се чини дека Германија ќе може да го убеди судот за исправноста на својата одлука. На почетокот на февруари генералниот адвокат на судот не изрази загриженост дека има повреда на европското право заради планираната одлука на германската влада да воведе патарина. Според него тврдењето на Австрија дека со тоа би се дискриминирале странцитее “фундаментално недоразбирање“. Исто така не може да се споредуваат возачи на возила регистрирани во Германија и други земји бидејќи тие не подлежат на германскиот данок за моторни возила.
Поради ваквите проценки на генералниот адвокат се очекува дека Судот ќе ја отфрли тужбата на Австрија. Секако неговата проценка и мислење не е обрвзувачка. Но, во пракса судиите на Европскиот суд на правдата често ги земаат во предвид препораките на главниот адвокат.
Плановите на министерот за сообраќај
Ако судот го одобри воведувањето на патарините, министерот од редовите на ЦДУ Андреас Шојер сака да почне да ја собира уште од октомври следната година. Подготовките веќе се во тек. Државата на сојузно ниво уште минатата година склучи договори со компании кои треба да ја гарнтираат реализацијата на проектот патарина.
Ако се воведе, и странците од ЕУ ќе мора да плаќаат за користењето на автопатите во Германија. Тоа ќе може да се направи преку набавка на вињета за десет дена, два месеца или една година. Цената може да варира во зависност од еколошкиот стандард на возилото. Вињетата за десет дена ќе чини од 5 до 15 евра, таа за два месеца од 16 до 30 и годишната од 74 до 130 евра. Основа за пресметката е комбинација од еколошката класа и јачината на моторот. Вињетите ќе може да се купат преку апликација на мобилен телефон или на шалтер на лице место. Приходите ќе се користат за изградба на нови и реконтрукција на старите автопати и улици. Според досегашните пресметки државата би можела да смета на 3,85 милијарди евра. Од тоа три милијарди би биле од германски возила, кои ќе бидат подигнати преку данокот за возила. Останатите 850 милиони би биле од странски возила. Контролата и работењето на патарините според актуелните проценки би чинело околу 245 милиони евра, што значи дека според проекциите би останале околу 600 милиони евра за изградба и одржување на улици.
Спорни пресметки
Пресметките се спорни. „Дефицит од десет до 155 милиони евра во првите години по воведувањето е многу веројатен", се вели во вештачење на форумот Еколошко-социјална економија изработено за фракцијата на Зелните во Бундестагот.
Според вештачењето, причината е во промената на првичниот концепт. Можело да се очекува дека тарифите за вињети за краток период ќе донесат поголеми приходи од странски возила, но ослободувањата за возила кои ја исполнуваат еколошката норма 6 би ги намалиле фактичките нето приходи. Тоа би можело да резултира во дефицит. Покрај тоа ќе мора да биде калкулирана и штетата за економијата предизвикана од намалениот прекуграничен сообраќај , се критикува во вештачењето. Сојузното министерство за сообраќај се држи до пресметките. „Нема да има дефицит", изјави портпарол на министерот Абдреас Шојер. Сепак, прво европските судии ќе си го кажат своето. Во вторник ќе одлучуваат за правната издржаност на патарината.