Ѝ треба ли воопшто ЕУ на Хрватска?
9 мај 2017Иако не може да се рече дека граѓаните, во споредба со времето од претпристапните преговори, денес се значително поевроскептични, и натаму постојат сомнежи за работи кои се лесно утврдливи. На пример, дали членството во Унијата го исцрпува државниот буџет на Хрватска и има ли воопшто корист од европските фондови? Имено, во првите години тој однос беше изедначен, а во минатата е направен исчекор. Како што објави министерката за регионален развој и фондови на ЕУ, Габриела Жалац, во 2016 година од ЕУ-фондовите се земени 6,3 милијарди евра, додека во ЕУ-буџетот се платени 3,3 милијарди евра, што е голема нето-добивка.
Една од честите критики е дека ЕУ го уништува континентот со нерационалните имиграциски политики. За „привлекување на мигрантите“ притоа главно се обвинува германската канцеларка Ангела Меркел. За хрватската десница идол е Виктор Орбан, а оние порадикалните не гледаат проблем ни кај Марин Ле Пен. Ирационалниот страв дека Хрватска ќе ја преплават легални и илегални мигранти, не го гаси ни податокот што речиси никој од нив не сака да остане во Хрватска. Притоа, Министерството за внатрешни работи го унапреди граничниот надзор токму преку Шенгенскиот инструмент тежок 120 милијарди евра со искористеност од дури 97 проценти.
Хрватска е во регресија
Од другастрана, напредокот на самото хрватско општество во европски рамки е потешко да се квантифицира, но спроведените истражувања и политичката ситуација во регионот не охрабруваат. „Хрватска во постапката на прием во ЕУ стануваше подобро општество од претходно. Реформите и односот кон европските вредности беа подобри. Остваривме напредок во јакнењето на правната држава, посебно во врска со прогонот на воените злосторници и борбата против корупцијата. Се разви култура на дијалог која особено е видлива во односите со соседите“, вели професорот на Правниот факултет во Загреб, Иво Јосиповиќ.
Во највредниот дел од својот мандат од 2010 до 2015 година, во текот на кој Хрватска стана членка на Унијата, Јосиповиќ го вбројува подобрувањето на односите со БиХ, Црна Гора, а посебно со Србија. „За жал, во последниве години доаѓа до сериозна општествена регресија, препознатлива по нетолеранцијата, уривањето на правната држава, повторно силно видливата корупција и постојаната кавга со соседите.“
Неевропско однесување на Словенија
Тоа го докажуваат и пораките од соседна Словенија, од судирите околу самата арбитража за Пиранскиот Залив, преку „словенечката воспитувачка палка“ во вид на попречувањето на транзитот на туристите преку границите, па до пораките дека Хрватска лесно и евтино влегла во ЕУ, иако самата постапка беше ригорозна и исцрпувачка како никогаш претходно.
Хрватска ги исполни сите критериуми, мисли Јосиповиќ и додава: „Друга работа е што не продолжи по тој пат. Нашите соседи Словенци, за жал, хрватскиот прием го користеа за решавање на билатералните прашања на непримерни основи. Ако е нешто неевропско, тогаш е тоа таквото однесување.“
Споменатата општествена регресија, смета Јосиповиќ, не е само хрватска приказна. „И Европа влезе во криза на сопствениот идентитет и развој. Тоа кулминираше со Брегзит и размислувањата во некои други земји. Гледавте со колкав трепет го очекувавме исходот од изборите во Франција. За Европа и европејството ќе треба добро да се размисли, околу тоа што таа примарно е мировен проект. Останува и дилемата: повеќе или помалку Европа, односно формулата на нејзиниот иден развој. Од една страна постои преголема бирократизираност и носење шума прописи, која во комбинација со националните права, ретко некој може да ги следи“, вели бившиот претседател.
„Институциите на ЕУ имаат демократски дефицит. Во нив решаваат шефовите на државите-членки. Глобалните односи би терале кон повеќе Европа, посебно во надворешната и бзбедносната политика. Европските моќници меѓутоа решија да ја чуваат својата сувереност и недопирливост, па идејата за повеќе Европа очигледно не поминува, а идејата за помалку Европа доведува до распад, зашто не одговара на потребите на Европа. Ни недостига европски идентитет. Би било важно покрај националните идентитети, кои сигурно нема да ги напуштиме, да се направи обид за градење еден посилен европски идентитет“, смета Јосиповиќ.
Европа да, но само кога ни треба
Парадоксално, се стекнува впечаток дека дел од хрватските граѓани кој живее во други, претежно побогати земји од ЕУ, сака исклучиво јакнење на националното и дистанцирање од европскиот идентитет.
„Постојат историски причини за настанувањето на емиграцијата и нејзината политичка профилираност. Нашата емиграција во дел е чисто економска, но има и политички корени, врзани за крајно десни концепти. Таквата десна политика и надвор од Хрватска не е особено проевропски расположена. Има тешко образложливи неконзистентности. Од една страна на земјата која толку силно ја сакаат на дистанца од неколку стотици километри, ѝ препорачуваат излез од ЕУ, а самите се во ЕУ и ги користат сите нејзини благодети“, коментира Јосиповиќ. Сега, додава тој, за жал се создава сосем нова емиграција. „Тоа е новата проевропска емиграција на млади, перспективни и образовани луѓе. Голема штета е што токму тие заминуваат. Така, во иднина веројатно политичкото определување на емиграцијата ќе биде поинакво отколку денес.“