Џандармедија
18 јули 2019Коинциденција на иронијата е што паралелно со домашната сага за несреќниот сплет на правосудството, политиката, криминалот и новинарството, во САД се прикажува мини-серијата „Најгласниот глас” посветена на ликот и делото на Роџер Ајлс. Контроверзен лик на американската политика и новинарство, советник на три претседатели, ПР стратег и основач на Фокс Њуз како моќно пропагандно крило на Републиканската партија. И автор на неверојатно визионерската проценка дадена уште во далечната 1968 година дека „во иднина, политичките партии ќе станат телевизиски мрежи.”
Визијата на Ајлс за улогата на медиумите во иднината денес е веќе реалност на сегашноста. Било да е тоа во САД, Европа или Македонија, улогата на медиумите ги надминува капацитетите на истоштените, испразнетите, компромитирани партии и политичари кои без медиумите би биле сведени на пантомимичари на темна сцена. Медиумите ја делегитимираа улогата на партиите и идеолошките поделби на десници и левици, компензирајќи ги далекусежните политики со инстант-дневни екцеси на поделба – од Трамп до Брегзит, до имиграцијата, СЈО. Изборите не се веќе за избор на најубедливите, туку за најгласните пропоненти кои нудат доволно гледаност. По таа линија на логика, доколку во ерата на политичките партии царуваше сталинистичката мисла „не е битно кој колку гласа, битно е кој пребројува", во сегашната медиумска инфо-забавна демократија важи правилото дека „не е битно кој и колку факти изнесува, битно е кој и како ги интерпретира". Единствената константа која останува како врзивно ткиво помеѓу двата система се полицијските служби како насушна потреба на секој систем.
Бомбите ја уништија смислата
Тоа се координатите на сегашната хистерија во јавноста околу најновите скандали на нашата политичка сцена, борбата меѓу раскараните медиумски империи, збунетоста на партиите и агонијата на јавноста која полека се приспособува кон современиот тренд на скандаломанијата. Заев, како некогаш Груевски, се обидува да фати барем една од ретките сламки на спас, глумејќи популистичко лудило на „поштењачка” наивност и со секоја детинеста гримаса тонејќи уште метар подлабоко во вртлогот. Мицкоски од трибини збунето следи како клановската кавга во СДСМ му ја исцицува релевантноста и шансата да капитализира од гневот на јавноста. Ахмети вреска дека „УДБА и ОЗНА пуштаат бомби” несвесен дека Албанците одамна не им веруваат на „бомбашите” од СДСМ и Америка, но и тоа како им веруваат на сопствените очи за криминалците од Мала Речица.
Други колумни од авторот:
Сѐ што се случува денес е само епизода од логичниот тек на настани за кои одамна предупредувавме. Бомбите ја уништија смислата на политичките партии, соголувајќи ги физички и идеолошки. Бомбите го разголија правосудниот систем во неговата реална димензија на извршувачи на волјата на партиите и тајкуните. На ред дојдоа медиумите, нивното разголување како кербери на парите и службите. Бомбашкиот процес ќе продолжи со лупење на кромидот сѐ до неговата срж – домашните служби и странските интриганти. Тоа е барем поуката од досегашните искуства. Имено, на сите досега објавени бомбашки напади им претходеа месеци на тивки шепотења по кулоари и притаени алузии по социјални мрежи. Така беше со ВМРО, СДСМ, ДУИ пред нивните бомби. Така беше со СЈО и селективните истраги. Така е сега со медиумите и нивните патрони. Доколку повнимателно следите, ќе го слушнете и силниот жагор на шепоти за домашните служби и за странските дипломати. Треба само трпение до нивните детонации. Tик, так and the bang!
Канибализмот на системот продолжува. Ликовите во последната епизода, тој бласфемичен спој на медиуми и обвинители во рекетарско-уценувачка мисија, се персонификација на таквиот канибализам. Систем во кој лидери на компромитирани партии (да Мицкоски, и твојата партија ја бираше Катица) и дипломатии си дозволуваа да изберат секаква вејка за обвинител и со медиумска помош од Радио Трубарево па се до ББЦ ги прогласат за „Чарлиеви ангели” на правдата. Систем кој поради тупавоста на јавноста толерира да секаков гротескен лик преку ноќ стане медиумски магнат и светец заштитник на извикани новинарски бардови. Но која е причината во позадината на таквата леснотија на подеми и падови, на лежерниот однос на нашето правосудство и медиумска фела?
Компромитација на сите страни
Одговорот е сосема едноставно сублимиран во прашањето: Обидете се да најдете барем два домашни влијателни медиуми – македонски или албански - во чие основање нема учествувано полицијата и/или разузнавањето? Доколку не во првиот круг, тогаш барем во вториот круг на директно замешателство од самиот нивен зачеток. Таквата папочна врска на медиумите со сопствените креатори ја запечатува нивната судбинска зависност од благосостојбата или – како денес – распаѓањето на системот кој ги создал.
Повеќе за случајот „Рекет“
Токму затоа сегашниот случај „Кате 13” отскокнува од другите скандали поради директната вмешаност на трета страна во домашната политичка сцена диктирана од компромитирани медиуми, компромитирани партии и компромитирана меѓународна заедница. Немам ни трунка сомнеж дека и оваа патрдија на медиумско-обвинителска мафија би била решена „набрзина”, да не е појавата на новиот „страничен” фактор. Кој со прецизен временски тајминг и на елегантен начин ја демонстрира и разголи пост-сувереноста на Македонија и трулежот на политиките на САД и ЕУ во китење ординарни криминалци и полусвети како „прогресивни надежи” на демократијата, медиумите и правдата. Затоа, да внимаваме со повиците за протекторати. Не дека на Македонија не и е потребен асален протекторат. Туку поради тоа што случајот „Кате 13” укажува дека ние сме ионака веќе под патронажен „љубаво-хубавен” протекторат. Дадени под наем од Западот, како нова форма на крим-политички outsourced protectorate.
Во Македонија демократијата како замисла е веќе речиси невозможна за изведба. Не дека како општество не сме зрели, туку поради сите темни петна на засегнатите кои би биле расветлени во случај на воспоставување на вистински демократски систем, поредок и отчетност. Тоа е и причината зошто не верувам во декларациите на западните претставници во кои бараат владеење на правото, демократија, отчетност, и уште помалку во независноста на домашните медиуми.
Вистинскиот тест претстои
Сагата со Кате 13 ќе продолжи, закопувајќи ја СДСМ уште неколку метра подлабоко во калот на кавгите помеѓу „провинцијалните” заштитници на невиноста на „Кате 13” и скопските „авангардни” поборници на Орце Камчев како нов „маченички” спиритус-мовенс тајкун на „отпишаните”. Суровоста на битката не е диктирана од демократските инспирации и идеи на двата табора, туку од споделениот страв за губење на привилегиите. Првите, свесни дека со падот на Заев завршува нивниот излет во светот на високи грантови и ниски политики. Вторите, престрашени дека со губењето на Сорос и победата на Заев ќе бидат заковани на маргините на поделбите на колачот и оставени на милост на превртливите тајкуни како Камчев. Затоа, очекувајте уште повеќе европско напредњаштво од кампот Заев, уште повеќе патриотизам од кампот Камчев, уште повеќе врескања УЧК од Груби, уште повеќе шеќерински укажувања на Мицкоски дека „крајно време е да СДСМ се соземе” - но не очекувајте промена на подобро.
Она што треба да очекуваме од самите себе, како граѓани, е да бидеме превентивно спремни за претстојната неминовна експлоатација на домашната полит-медиумска канибализација и западна миопичност од страна на трпеливите набљудувачи од истокот. Залудно и погубно е надежите за имунизација од такви влијанија да и ги оставаме на милост на „мудроста” на конференциско-симпозиумските заложби на домашната политика и западна дипломатија за опасностите од лажни вести. Барем се додека нивните борби се спроведуваат преку лажни медиуми, фингирани обвинителства и свиркачи во служба на тајкуни.
Нашата податливост кон еуфорични триумфализми и глорификации на подметнати „нови надежни дечки и девојки” редовно не води кон неизбежни депресии и деморализации во себе, во системот, во западните партнери. Но и на оваа депресија и деморализација ќе и дојде крај. Отстапувајќи место за нова еуфорија и наивна верба во лесни решенија за тешките ни маки. Или пак за критички постудено просудување и избор за останување на правецот во кој ќе се движиме и понатаму. Вистинскиот тест за нашата зрелост и судбина допрва претстои.