1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Џебна револуција – 10 години Ајфон

Мартин Муно
9 јануари 2017

Тоа стана нашата папочна врвца: воведувањето на Ајфонот пред 10 години го револуционизираше начинот на кој размислуваме и се однесуваме, пишува Мартин Муно.

https://p.dw.com/p/2VVpQ
Deutschland Stress Arbeit Studie
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Warnecke

Постоеше време кога, доколку се најдевме во непознат дел од градот, моравме да застанеме и да прашаме некого по кој пат да продолжиме понатаму. Моравме да одиме на железничка или автобуска станица за да го провериме возниот ред и да дознаеме кога е нашата следна конекција. И секогаш носевме неколку уреди: мобилен телефон за разговори и пораки, МП3-плеер (а пред тоа и Вокмен) за слушање музика и камера за фотографирање. Тогаш беше незамисливо дека овие уреди можат да се заменат за нешто друго.

Подоцна, се појавија мобилни телефони кои успеаја да интегрираат дел од овие функции. Помеѓу менаџерите, мобилните телефони Блекбери беа вистински статусен симбол затоа што неговата тастатура им овозможуваше на луѓето кои не можат да пишуваат со обичните „Т9“ тастатури да пишуваат текст. Но, сите овие уреди имаа физички копчиња и повеќе или помалку комплицирана структура на менијата. Мобилните телефони можеа да направат повеќе, но и упатствата за употреба стануваа сѐ подебели.

Револуцијата дојде на 9 јануари 2007 година. Шефот на Епл, Стив Џобс го претстави Ајфонот на Саемот  Мекворлд во Сан Франциско. Новиот телефон имаше екран на допир на кој можеше да се пишува, да се прават гестикулации и да се зумираат фотографии. Оваа направа можеше да направи многу и во исто време беше лесна и интуитивна за користење. Или, со зборовите на Џобс: „Едноставното може да биде потешко од комплексното“. Мобилниот телефон стана мини-компјутер толку лесен за употреба, што и дете можеше да го користи.

Променети животи

Овие мали паметни телефони оттогаш го маршираат нивниот триумфален марш. Не само што Епл се издигна и претвори во највредниот бренд во светот, туку во периодот по претставувањето на Ајфонот и други компании претставија еквивалентни продукти. Во 2007 година беа продадени 122 милиони смартфони. Во 2016 продажбата изнесуваше околу 1.5 милијарди. Сега е невозможно да се замислат нашите дневни животи без смартфоните - без разлика дали е тоа Ајфон или некој од неговите конкуренти.

Deutsche Welle Martin Muno
Мартин МуноФотографија: DW

И поради тоа што секогаш е таму, смартфонот ги промени нашите животи на начини кои исто така претходно беа незамисливи. Во ерата пред Ајфонот, доколку некој погледнеше во својот телефон и брзо испратеше порака преку „Ватсап" за време на разговор, тоа ќе беше сфатено непристојно исто како и половина од присутните на состанок да читаат додека некој прави презентација. Гледаме во нашите мобилни телефони во моментов кога се будиме и потоа повторно, околу 200 пати во текот на денот сѐ додека конечно не ги оставиме пред да заспиеме. Американскиот социолог Шери Туркл верува дека смартфоните ефективно нѐ претвораат во луѓе-машини. И тоа е само првиот чекор. Многу луѓе веќе го имаат направено и вториот: Тие имаат т.н. „електронски уреди за носење“ како што е Ајвочот. Малкумина веќе имаат имплантирани микрочипови со кои извршуваат едноставни активности, како на пример отварање и заклучување на врата. Од тука недостига кус чекор до станување киборг.

Одамна се привикнавме на фактот дека речиси секој на улица или во автобус гледа во смартфонот наместо во околината или да комуницира со останатите човечки суштества.

Минатото лето ова доби нови димензии: Видовме групи од луѓе кои трчаат наоколу, понекогаш френетично, понекогаш среќно возбудени, држејќи ги своите мобилни телефони пред нивните носеви додека го прават тоа. Набрзо стана јасно дека станува збор за новата „Покемон Го" апликација. Ловењето на овие виртуелни чудовишта стана нов национален спорт.

На многу места работното и слободното време веќе не се одвоени. Истражувањето на „ЈуГов" минатото лето откри дека во Германија речиси еден од двајца вработени ја проверува е-поштата по завршувањето на работниот ден. Еден од тројца ја проверил е-поштата најмалку еднаш за време на последниот одмор. Истовремено, на 40 проценти од испитаниците им пречи доколку нивните партнери читаат службена е-пошта за време на одмор, а еден од тројца смета дека е стресно постојано да се биде достапен (на повик). Некои компании веќе одговорија на ова со воведување забрани за испраќање на и-меилови надвор од работните часови.

Станавме предвидливи

Со сите работи кои ги правиме на нашите мобилни телефони и со сите апликации кои ги користиме, зад себе оставаме огромна трага од податоци. Станавме предвидливи. Алгоритмите веќе се способни да ги предвидат нашите идни намери. Сенки од 1984-та?

Потпаднавме под контрола на овие мали работи. Тие нудат услуги кои веќе никој не сака да ги нуди. Тие ги спојуваат луѓето кои живеат разделени. Но сето ова има своја цена. Многу луѓе не можат да живеат без своите смартфони, дури и на неколку минути. Доколку смартфонот не е при рака, тие стануваат парализирани од анксиозност. Беа создадени термини да се опишат ваквите ситуации: „номофобија“, „ајдисордер“. Некои луѓе почнувааат да чувствуваат фантомски вибрации.

Зависиме од нашите уреди, но тоа не е добро за нас. Некој кој постојано зјапа во својот телефон е соочен со ризик од појава на здравствени состојби поврзани со стрес како што се висок крвен притисок, несоница или во најлошо сценарио - депресија.

Како и со секое друго револуционерно откритие, претставувањето на Ајфонот ни приреди изненадување во секојдневниот живот. Можеби наредните генерации ќе гледаат на нашето однесување со истиот потсмев со кој ние ги гледаме филмовите од возачите на првите автомобили кои извикуваат „стоп“ за да ја натераат колата да застане. Добар совет е да се подготвиме подобро за дигиталната иднина, доколку не сакаме да бидеме поробени од нашите мали помагала, туку да останеме нивни господари.

Има работи кои можеме да ги правиме сега. Има многу возбудливи работи за нас, работи кои може да ги истражуваме и откриваме надвор од лимитите на нашите мобилни телефони. Работи кои можеме да ги мириснеме и вкусиме и да ги почувствуваме на нашата кожа. Одвреме-навреме треба да се концентрираме целосно на искуства како овие. Одвреме-навреме треба да ги исклучиме нашите смартфони.