Џо Бајден и Ши Џинпинг: Соработка наместо конфронтација
16 ноември 2021Американскиот претседател Џо Бајден при видео самитот го предупредил шефот на кинеската држава, Ши Џинпинг, од избувннување отворен конфликт меѓу двете земји. „Наша одговорност како претседатели на САД и на Кина е да обезбедиме конкуренцијата меѓу нашите земји да не прерасне во конфликт, сеедно дали намерен или ненамерен“, изјавил Бајден на почетокот на повеќечасовниот синоќешен разговор. Тој ја предупредил Кина да не презема унилатерални акции во поглед на Тајван, додека Ши Џинпинг од своја страна го опоменал Вашингтон да не си „игра со оган“ во тајванското прашање.
Американскиот претседател инсистирал меѓу двете земји да не владее ништо друго освен „едноставна, искрена конкуренција“. На својот соговорник му го пренесол силниот одбивен став на САД кон „едностраните напори за промена на статус-квото или минирање на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“, соопшти Белата куќа. Освен тоа, Бајден ја пренесол загриженоста поради „практиките на Комунистичката партија на Кина“ во Џинјанг, Тибет и Хонгконг, како и генерално во поглед на човековите права.
И Ши Џинпинг прибегнал кон остри критики – откако првично го поздравил Бајден со формулацијата „мој стар пријателе“ и побарал поголема кооперација меѓу двете најголеми светски економии, Ши го предупредил Бајден, според извештаите на кинеските медиуми, да не си „игра со оган“ во поглед на Тајван. Тајванските поборници за независност во повеќе наврати се обиделе да добијат поддршка од САД, „овој тренд е опасен и е рамен на играње со оган. А оние кои си играат со оган, ќе се изгорат“, изјавил кинескиот челник, според кинеската новинска агенција Ксинхуа.
И минатата недела, кинескиот министер за надворешни рабори Ванг Ји во телефонски разговор со својот американски колега по функција, Ентони Блинкен, се изразил слично. „Секое толерирање и поддршка на тајванското движење за независност го поткопува мирот во Тајванскиот теснец и на крајот ќе се врати како бумеранг“, истакнал Ванг.
Соработка кај важни теми
Без оглед на разликите, и Бајден и Ши ја потенцирале нужноста од соработка во глобалните прашања како пандемијата на коронавирус и заштитата на климата. „Здрав и стабилен однос меѓу САД и Кина е важен заради обезбедување мирољубива и стабилна меѓународна атмосфера“, изјавил Ши.
Онлајн самитот меѓу Ши и Бајден беше очекуван со нетрпение. Од стапувањето на претседателската должност, Бајден досега двапати разговарал телефонски со кинескиот претседател, но лична средба не се одржа - поради пандемијата, Ши веќе две години не патува во странство. Бајден јавно остро го критикуваше отсуството на Ши и од Конференцијата за климата на ОН што се одржа во Глазгов.
Тајван спаѓа во најкрупните конфликтни теми меѓу Кина и САД. Владата во Пекинг во островот гледа отцепена провинција што треба да биде повторно обединета со копнениот дел, доколку е нужно, и со употреба на воена сила. САД пак демонстративно застанаа на страната на владата во Тајван.
Тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг во изминатите години се заоструваа и кај други прашања, на пример трговијата, ситуацијјата со човековите права во Кина и односот со специјалната зона Хонгконг.
Бајден во економските и воените амбиции на Кина гледа најголем геополитички предизвик на 21 век и планира решителен став кон владата во Пекинг, но истовремено нуди соработка во областите како заштита на климата.