1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалската драма станува трагедија

Зоран Јордановски21 август 2015

Со прогласување кризна состојба на границите, Македонија, соочена со се’ посилен бран бегалци, се чини, сака да изврши притисок врз ЕУ за помош. Но, проблемот останува нерешен и допрва ќе расте, смета Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1GJR5
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Ужасните слики за хаотичната состојба во Гевгелија отидоа во светот. Сцените со очајни луѓе кои се обидуваат по секоја цена да се качат во преполнетиот воз, ме потсетија на снимките од Сајгон на крајот од Виетнамската војна. Ми се врати пред очи и сеќавањето на бранот од можеби и 300 илјади бегалци од Косово во 1999 година. По втор пат – а во обата случаја без сопствена вина – Македонија е конфронтирана со сериозен проблем, кој далеку ги надминива капацитетите на земјата да се справи со него.

Овој пат ги има помалку – барем досега – и сите бегалци сакаат да продолжат натаму кон Европа. Тогаш земјата се трудеше колку што и’ беа силите да им помогне на косовските бегалци. Сега човек не може да се оттргне од впечатокот дека македонската влада релативно долго време беше некако индиферентна спрема судбината на бегалците. Само да се потсетиме дека 30-на луѓе од далечни делови на светот, одејќи пешки, го оставија животот на пругата која им беше ориентир на патот кон Србија.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Но, македонските власти изгледа ја научија лекцијата од 1999, кога повиците за помош долго време одеа во ветер, а и сега исто така. Оттука е разбирливо што владата повлече кочница, прогласи кризна состојба и ја упати армијата на помош на полицијата на јужната и северната граница, откако бројката на бегалци последните денови почна драматично да расте. Иако од преку 41000 регистрирани илегални минувачи на границата само 47 побараа азил во Македонија, а другите веројатно стигнаа на крајната цел некаде во ЕУ, сепак е ова еден проблем премногу за земјата која си има повеќе од доволно свои внатрешнополитички проблеми. Покрај тоа, станува збор всушност за проблем на Европа.

Луѓето доаѓаат од земја-членка на ЕУ и сакаат да одат натаму, кон други земји на Унијата. Македонија гласно се жали дека Грција воопшто не се ни труди да го спречи илегалното минување на границата кон Македонија од страна на бегалците, туку напротив, уште и им организира превоз од егејските острови до непосредна близина на таа граница. Така еден ЕУ-проблем му се префрлува на сиромашниот сосед. Поради тоа е разбирливо решението на македонската влада. Но, тоа нема да го реши проблемот. На ничија земја меѓу Македонија и Грција веќе сега се наоѓаат илјадници луѓе на кои им е инто потребна храна и медицинска помош. Колку повеќе луѓе ќе се насоберат и колку подолго ќе мораат да истрајат таму, толку повеќе ќе расте притисокот. Македонија се надева дека тоа ЕУ ќе го почувствува како притисок врз себе. Само така може да се интерпретира решението за засилен надзор над границата. Во ЕУ има пари за подигање огради на границите, но нема доволно за да им се помогне на земјите кои случајно се на рутата на бегалците и кои навистина имаат потреба од помош.

Денеска за медиумите ќе нема ефектни слики од станицата во Гевгелија, но никој не може и не смее да здивне. Проблемот не може да се префрла ваму-таму, оти, да не заборавиме, во прашање се луѓе кои страдаат. И, бидејќи не изгледа како ЕУ бргу да ќе реагира, мораме да се подготвиме на уште поужасни слики, многу веројатно и на сцени на насилство; значи, на продолжение на драмата која станува трагедија. Всушност, таа веќе одамна е хуманитарна трагедија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема