1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата ги пропуштила мигрантите

Б. Георгиевски/ртр/афп21 август 2015

Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на очевидци, тврди дека македонската полиција попладнево им овозможила на стотици бегалци да влезат во земјата. Амнести интернешнл жестоко го критикува Скопје

https://p.dw.com/p/1GJa0
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Македонските безбедносни сили на границата кон Грција повторно ги пропуштаат мигрантите да влегуваат на територијата на земјата, јави агенцијата Ројтерс повикувајќи се на изјави на очевидци на теренот.

Стотици бегалци влегоа во Македонија, јавува агенцијата.
„Полицијата се повлече и ние влеговме, никој не не спречи“, изјавил бегалец кој инсистирал на анонимност за Ројтерс. Во извештајот нема детали дали полицијата направила отстапка само за оваа група, или ги пропушта сите бегалци.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека ќе им овозможи влез во земјата на „ранливите“ мигранти.
„На ограничен број илегални мигранти од ранливите категории ќе им биде овозможено да влезат во Македонија и да добијат помош согласно капацитетите на државата“, го цитира агенцијата АФП, соопштението на МВР.

Веста дека македонските погранични сили во текот на денот употребиле „солзавец и шок-бомби“ за да ги спречат бегалците да ја минат границата, претходно го обиколи светот.

Портпаролот на УНХЦР Мелиса Флеминг ја повика денеска Европа да најде решение за бегалската криза истакнувајќи дека Србија и Македонија „не може да бидат оставени сами да се справуваат со толку голем

број бегалци“. Флеминг ја критикуваше одлуката на Македонија да ги затвори границите за минување на мигранти.

„Тоа се бегалци кои бараат заштита и не смеат во тоа да се запираат“, изјави Флеминг. Европската комисија денеска соопшти дека Скопје има право да се штити од илегална миграција.

„Македонија има право во согласност со меѓународни закони да врши контрола на лица кои сакаат да влезат на нејзина територија и да забрани влез на оние кои не ги исполнуваат критериумите, соопштија во Брисел.

Mazedonien Griechenland Flüchtlinge an der Grenze gestoppt Polizei
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Критики од Амнести

Остра осуда на затворањето на границата стигна од организацијата Амнести Интернешнл, чиј заменик-директор Гаури ван Гулик ги обвинува македонските власти за „паравоен одговор“ кон бегалците и за повреда на меѓународното право.
„Македонските власти реагираат како да се однесуваат со учесници во безредија, а не со бегалци кои бегаат од војна и прогон“, вели ван Гулик.

Во соопштението на Амнести интернешнл се тврди, повикувајќи се на изјави на сведоци, дека македонските специјални единици пукале со гумени куршуми над главите на бегалците.

„Сите земји имаат должност да ги заштитат оние коин бегаат од војна и прогон, и Македонија не е исклучок. Кога системот не може да се справи со тоа, го подобрувате систем- наместо да го блокирате влезот на луѓето“, оценуваат од Амнести.

Тензии во ЕУ

Бегалската криза полека предизвикува вербални судири и меѓу земјите-членки и Европската комисија во Брисел. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер вчера оцени дека е „недозволиво тоа што европските институции продолжуваат да работат со толку бавно темпо“ во барањето решение за кризата.

Од ваквата изјава погоден се најде комесарот за миграции и домашни работи, Димитрис Аврамопулос.
„Комисијата деноноќно работи во текот на летото за да им помогне финансиски на своите земји-членки за подобрување на состојбата“, соопшти Аврамопулос.

Европската комисија изрази изненаденост и од најавата на францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев, дека европските министри ќе се сретнат во октомври во Париз, за да дискутираат за бегалската криза. Одлуката на Париз била донесена без пошироки консултации со земјите-членки и со парламентот, тврдат во Брисел.