Бербок во Буча:„Најлоши злосторства“
10 мај 2022Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, допатува денеска во посета на Украина. Првото место кое таа го посети беше Буча, град во близината на Киев, во кој беа откриени стотици убиени цивилипо руската привремена окупација на Буча во март годинава. Бербок посетата на Буча ја започна со разговор со жителите на градот.
Бербок притоа изјави оти е потресена од извештаите за масовните убиства на цивили и повика на итно расветлување на инцидентите. Министерката порача дека одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата. „Тоа им го должиме на жртвите“, рече Бербок. „И овие жртви, а тоа може овде да се почувствувава толку силно, овие жртви можевме да бидеме и ние“, додаде шефицата на германската дипломатија.
„Извонредно ми важно да бидам овде денеска“
По руската опсада на Буча, украинските власти соопштија дека пронашле ликвидирани цивили на улиците и во масовни гробници. Според последните податоци пронајдени се најмалку 1.235 убиени цивили.
Москва во повеќе наврати негираше дека во војната во Украина цел на нападите биле цивили, а обвинувањата оти руските сили убиле цивили во Буча за време на окупацијата на градот ги нарече „монструозен фалсификат смислен да се оцрни руската војска“.
Повеќе: Градоначалникот на Буча за ДВ: „Секој ден наоѓаме нови мртви тела, бројот на жртви расте“
Бербок во Буча говореше за „воени злосторства и злосторства против човештвото“. Тоа е место каде што се направени „најлошите злосторства“, рече германската министерка дополнувајќи: „И затоа ми е извонредно важно да бидам овде денеска“. Бербок за време на посетата на Буча беше придружувана од главната јавна обвинителка на Украина, Ирина Венедиктова, кој ги истражува наводите за воени злосторства во Буча.
Повторно отворање на амбасадата во Киев
Во попладневните часови, меѓу другото, планиран е разговор меѓу Бербок и нејзиниот украински колега Дмитро Кулеба. Министерката, исто така, сака повторно да ја отвори германската амбасада во Киев, која е затворена од средината на февруари. Последните вработени во амбасадата заминаа во Полска на 25 февруари и продолжија да работат делумно од таму, а делумно од Берлин. Германија е една од последните западни земји што најави повторно отворање на својата амбасада во Киев.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја овласти Бербок да отпатува во Украина за да ја потенцира солидарноста на Германија со земјата. Самиот Шолц, исто така, планира патување во Киев откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ги покани него и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер да ја посетат земјата.