1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Презентиран договорот за британско-европски развод

ЕМФ / дв
28 февруари 2018

Европската Комисија го претстави својот предлог договор за излегувањето на Велика Британија од Унијата. Документот ги регулира модалитетите на британско-европскиот развод.

https://p.dw.com/p/2tSg4
Brüssel Eu-PK zu Brexit  Barnier
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Преговарачот на ЕУ, Мишел Барние (на насловната фотографија), во Брисел го претстави првиот предлог договор за Брегзит и рече дека се надева на забрзување на преговорите. „Ова е клучен момент во преговорите. Ако сакаме тие да успеат, а јас го сакам тоа, тогаш мора да ги забрзаме“, рече Барние.

Предлогот на ЕУ содржи и точки кои најверојатно ќе бидат многу тешки за британската влада. Брисел, имено, упорно опстојува на барањето при Брегзит да се избегне граница на ирскиот остров. Затоа, доколку е неопходно, за британска Северна Ирска и натаму би продолжиле да важат важни правила на царинската унија и на внатрешниот пазар на ЕУ, иако британската влада сака при истапувањето од ЕУ да ги напушти двете работи.

Повеќе:

Спор околу правата на граѓаните на ЕУ во Велика Британија

Мобинг врз ЕУ-граѓаните во Англија

Лондон во декември се согласи да бидат избегнати гранични контроли на ирскиот остров, но станува сѐ појасно дека оваа цел е неспоива со желбата на Лондон за напуштање на царинската унија со ЕУ. Како британската влада има намера да го реши овој проблем, не е јасно. Доколку правилата на ЕУ важат и натаму во Северна Ирска, а не важат во остатокот од Велика Британија, тогаш во рамките на Обединетото кралство би важеле двојни стандарди, што значи би постоела така да се каже внатрешна граница. Северноирската партија ДУП, која во моментов во парламентот ѝ дава поддршка на британската влада, отфрла таква опција.

Nordirland Protest gegen den Brexit an der britisch-irischen Grenze
Протести на британско-ирската граница против Брегзит (29.03.2017)Фотографија: Getty Images/C. McQuillan

Според преговарачот на ЕУ, Мишел Барние, има и други спорни точки, како во делот на условите од преодната фаза, која би требало да заврши до крајот на 2020 година. ЕУ бара Велика Британија во тоа време да се придржува до сите ЕУ-правила и и натаму да плаќа, но да нема право да одлучува во телата на ЕУ. Најголеми се разликите во делот на долгорочните односи по крајот на преодната фаза. Британската премиерка Тереза Меј треба да ги претстави своите предлози околу ова прашање во петок. Барние, пак, за наредната недела најави нова рунда советувања. На почетокот на неделата тој треба да води разговори со врвни политичари од Северна Ирска.