1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брзо предавање на клучот на Даунинг стрит

Биргит Мас / превод: ЕМФ13 јули 2016

Промената на премиерската функција доаѓа побрзо од очекуваното и притоа дури се прекршува партискиот статут на конзервативците. Но, внатрепартискиот избор и онака немаше да биде навистина демократски, оценува Биргит Мас.

https://p.dw.com/p/1JOFL
Фотографија: Sergey Elkin

Одеднаш сѐ оди многу брзо. До пред само три недели светот во Велика Британија сѐ уште беше во ред: економски одеше благо нагоре, невработеноста беше на историски ниско ниво. На Даунинг стрит 10 Дејвид Камерон се радуваше на стабилното мнозинство во својот втор мандат. Отцепување на Шкотска беше уште еднаш избегнато, во Северна Ирска беше главно мирно.

Но, за само една ноќ волјата на народот го растресе сето тоа, а Камерон е соочен со куп скршеници за кои е одговорен тој самиот. До последна минута се надеваше дека ќе победи на референдумот и со тоа од дневен ред конечно ќе се симне оптоварувачката тема Европа, околу која неговата партија се кара со децении.

Но, наместо да ја смири својата партија, Камерон сосема се преигра и со тоа ја втурна земјата во криза. По гласањето се случи пад на фунтата на историски ниско ниво, паника во Лондон, каде мнозинството беше против брегзит, а Шкотска се заканува со отцепување. Лабуристичката опозиција е растргната, а речиси секојдневно има нови оставки - се напушта бродот што тоне: Борис Џонсон, Најџел Фараж, Андреа Лидсом.

Според партискиот статут на конзервативците, кога еден партиски лидер дава оставка, би требало да има предизборна борба. Партиската база така би имала време од неколку недели за да може да избере. Да избере меѓу министерката за внатрешни работи Тереза Меј, која се залагаше за останување во ЕУ и Андреа Лидсом, застапник на брегзит, која си создаде име дури во текот на кампањата пред референдумот.

Maaß Birgit Kommentarbild App PROVISORISCH
Биргит Мас

Брза одлука

Изненадувачкото повлекување на Лидсом во понеделникот ја разниша оваа структура и партијата брзо донесе одлука: нема веќе противкандидат, Тереза Меј едноставно ќе биде назначена на премиерската функција.

И, така и треба. Конзервативната база и онака не е репрезентативен примерок на населението. Таа е постара од просекот и живее главно на југот на земјата. Нејзиното гласање, значи, на новата премиерка тешко ќе ѝ дадеше демократска легитимност. Освен тоа, никому немаше да му биде од полза ако Дејвид Камерон владееше уште неколку недели. Добро е што сега работите одат побрзо и што Камерон веднаш нарача камион за преселба.

Ќе беше поискрено ако Камерон уште од почетокот разјаснеше дека во случај на брегзит ќе даде оставка. Тогаш Бртиинците ќе имаа некаква претстава каква штрудла од настани би следела по нивната одлука. Наместо тоа, тој до крај тврдеше дека ќе го доврши она што го започнал и дека лично ќе преговара со ЕУ.

Криза на доверба

Вакви неискрености се и една од причините за актуелната криза - на политичарите во основа не им се верува. Гласањето за брегзит за многумина само маргинално е поврзано со ЕУ. Се работеше пред сѐ за тоа да ѝ се покаже среден прст на владата во Лондон, затоа што постоеше чувство на запоставеност поради глобализацијата, чувство дека во земјата се владее само во смисла на урбаната, модерна елита и за доброто на Лондон Сити.

Со оглед на тоа што новата влада не може да ги игнорира ваквите расположенија, Тереза Меј е во право што повлекува јасна позиција: брегзит е брегзит, нема втор референдум, нема нови избори, барем не во догледно време. Таа вети дека ќе ја помири земјата и ќе ја ограничи моќта на „биг бизнис“-от. Да видиме дали покрај преговорите околу брегзитот ќе најде време за тоа.

Дејвид Камерон во меѓувреме ќе влезе во историјата како трагичен премиер, како човек одговорен за излегување на Велика Британија од ЕУ, иако тој всушност никогаш не го сакаше тоа.