МЗ: Граѓаните ќе се вакцинираат каде што живеат
5 мај 2021Граѓаните кои што добиле пораки да се вакцинираат во друг град, сепак ќе можат да се пријават за имунизација во текот на денот во местото на живеење.
Министерството за здравство реагираше по укажувањата дека постари лица морале да патуваат со километри за вакцинација, откако добиле термини во други градови. Надлежните тврдат дека проблемот настанал поради тоа што граѓаните сами направиле погрешен избор на локацијата каде што сакаат да се вакцинираат.
„Граѓаните кои вчера добија известувања преку смс-пораки за вакцинација против Ковид-19 во друг град, а не каде што живеат, и поради таа причина не се вакцинирале вчера, тоа ќе можат да го сторат денеска, во местото каде што живеат“, велат од Министерството за здравство (МЗ).
-повеќе на темата: 102-годишна штипјанка и 90-годишен охриѓанец во ред за вакцинација
На пример, ако лицето добило порака дека треба да се вакцинира во Струга, а место на живеење му е во Скопје, денеска може да оди на кој било вакцинален пункт во Скопје, но задолжително да ја прикаже пораката што ја добил за вакцинација. Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира, веднаш.
„Тие немаат потреба повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар. Доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле, односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација. Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем“, соопшти Министерството за здравство.
-повеќе на темата: ЕУ размислува да ги отвори границите за вакцинираните патници
Истовремено, се апелираа до граѓаните да го почитуваат терминот за вакцинација, со цел да не се создаде метеж на вакциналните пунктови, но и апелираа граѓаните да се пријават за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk.
Од вчера имунизацијата на населението покрај во Скопје, се спроведува и во регионалните пунктови во Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, додека вакцинални пунктови има и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.
Против Ковид-19 досега се вакцинирале 61.603 лица, додека 218.577 лица се пријавиле за вакцинација.