Време на забрзано вооружување
3 ноември 2018Најавата на Доналд Трамп за откажување од ИНФ-договорот за неширење на нуклеарно оружје со среден дострел, предизвика очекувана вербална војна. Америка и Русија се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот. Притоа, во втор план се турка една заедничка работа за двете нуклеарни сили: конкуренцијата со Кина. Кога Роналд Реган и Михаил Горбачов во 1987 година го запечатија „двојното нулта-решение“ за балистички ракети и крстосувачки проектили, арсеналот на Кина не можеше да се мери со нив. Тоа одамна веќе не е така.
Кинеските ракети им пречат и на Русите и на Американците
Зашто во 1990-те Пекинг со нов елан започна проект со кој сакаше да ѝ се спротивстави на воената доминација на Американците во регионот на Пацификот. Тоа беа главно ракетни системи. Притоа, на Кина добро ѝ дојде што Американците и Русите си ги врзаа меѓусебно рацете токму во таа категорија. Воените планери во Москва и Вашингтон одамна се жалат поради тоа. Уште пред повеќе од 10 години Русите се обидуваа претпазливо да напипаат дали можеби поради Кина и други атомски сили не е подобро да не се закопува ИНФ-договорот.
Дотолку поенергично сега Пекинг се обидува да ја претстави целата работа како американско-руски судир кој е неодговорен во светски рамки и со кој Кина нема ништо. Но, Трамп стави јасно до знаење дека нов договор за спречување на забрзаната трка во вооружување нема да биде замислив без Кина.
Таа помисла е сѐ друго, само не погрешна. Меѓутоа, Пекинг никогаш не би се согласил со „нулта решение“, како што тоа пред повеќе од 30 години го сторија Вашингтон и Москва во еден биполарен свет. Зашто, додека двете супер сили тогаш, како впрочем и денес, се одлично вооружени на море и во воздух, Кина до неодамна беше силно концентрирана на ракетни системи. Значи, за духот на ИНФ-договорот да се пренесе во мултиполарниот свет на денешнината, ќе треба да се заврти многу поголемо тркало.
Мултилатерален договор со Доналд Трамп?
Дури и доколку конструктивните разговори на таа тема не би стоеле наспроти пренадуениот трговски конфликт, во кој Кинезите сметаат дека се цел на американски напад врз нивниот статус на светска сила, тешко е да се претстави дека токму Доналд Трамп би ковал мултилатерален режим за разоружување од вакви димензии.
Негов домен е уништувањето. Притоа, овојпат од голема помош му беа Русите со нивните тајни забранети крстосувачки проектили. Тие за крајот на ИНФ-договорот кој се заканува се во најмала рака барем исто толку виновни колку и САД. Сега сѐ укажува на тоа дека доаѓа време на забрзано вооружување на Американците, Русите, но и на Кинезите.