Германија само се провлекува низ пандемијата
12 мај 2020Возењето со јавен траект преку езерото Гросер Ванзе до населбата Кладов, омилено викенд-излетничко место во Берлин - конечно е повторно можно. На траектот смеат да бидат максимално 150 луѓе, стои во известувањето. Носење заштитна маска, секако, е задолжително. Кога се качија сите, бродот беше преполн. Луѓето седат едни до други, не станува ниту збор за држење растојание. Но, затоа сите дисциплинирано носат маски. Луѓето шепотат, разменуваат прашални погледи. Дали е сѐ во ред? Може да помине, би рекол.Може да помине - тоа беше чувството кое преовладуваше минатиот викенд во Германија.
Барем кај поголемиот дел од луѓето кои не мислат како едно гласно малцинство дека вирусот е измислен или подлост на класата која владее во светот која сака сите да нѐ мачи. Со што на крајот повторно се мисли на Евреите. Да, има и такви теоретичари на заговори. Тие повторно демонстрираа, на пример во Штудгарт и во Минхен, и бараат почитување на нивните основни права.
Таквите пароли често пристигаат од рабовите на политичкиот спектар - од таму каде основните права инаку малку вредат. Но, зарем би можело да биде поинаку? Уште за време на бегалската криза и по неа, овие луѓе не пропуштаа ниту една можност да ја критикуваат демократијата. Сега тоа го прават поради коронавирусот. И сигурно дека општеството мора тоа да го издржи.
Колебливо кон ублажување на мерките
Но, ако разговарате со луѓето во трамваите или при купувањето со маска, тогаш дури и генерално мирните луѓе велат дека во меѓувреме многу нешта не разбираат. За некои, пандемијата е веќе помината, за други пак стоиме само на почетокот на апокалипсата. Единство на огромното мнозинство во општеството, какво што имаше на почетокот на воведувањето на забраната за контакт, се чини дека исчезна. Се стекнува впечаток дека во мнозинство се скептиците, кои сметаат дека ублажувањето на мерките започна пребрзо. Во тоа се вкопуваат и вестите за загриженоста на виролозите, кои со денови известуваат за зголемувањето на бројот на нови инфекции.
Рестораните кои се веќе отворени, на пример во покраината Мекленбург-Предна Померанија, го потврдуваат тоа чувство: ако келнерот носи заштитна маска, атмосферата не е добра. А менито најпрво мора да биде дезинфицирано. Луѓето се внимателни, гости има малку - поголемиот дел немаат доверба.
Повеќе:
-Меркел ги повика Германците на внимателност
-Анти-корона протести: Гневот се истура врз новинари
-Вработен во германското МВР тврди дека короната е „лажен аларм“
Се наметнува мислата за повлекување паралела меѓу две целосно различни случаи: прифаќањето на огромниот број на бегалци во 2015 година и пандемијата. И тогаш, пред пет години, на почетокот постоеше голема подготвеност да се следи канцеларката и нејзината изненадувачки либерална политика кон бегалците. Но, наскоро работите станаа потешки. Денес Германија и Европа во суштина цврсто се оградени против мигрантите. Сега, во корона-кризата, најпрво владееше сложност дека е подобро да се остане дома, но во меѓувреме овој консензус полека, но сигурно се распаѓа.
Не постои долгорочен план
Засега само се провлекуваме низ пандемија. Исто така, тешко е да се замисли како работите ќе продолжат ако ограничувањата во одредени региони повторно треба да бидат заострени затоа што бројот на нови инфекции ја надминува критичната граница. Она што политиката треба да го направи сега изгледа речиси невозможно: да претстави план за тоа како ќе се справиме со оваа пандемија, која ќе трае долго време - можеби една година, можеби и подолго. Политиката која ги коригира мерките и различно делува од место до место, од регион до регион.
Винфрид Кречман од партијата на Зелените, премиер на покраината Баден-Виртемберг, на викендот добро го опиша тоа: парадокс на политиката е дека една успешна мерка се укинува сама себеси. Забраната за контакти и замрзнувањето на јавниот и на економскиот живот кои функционираа, сега се ублажуваат. Но, исходот е неизвесен. Дури сега станува сосема јасно дека заштитните маски и одржувањето растојание од другите, работата од дома и ограничување на патувањата ќе нè следат уште долго време.