1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската демократија е загрозена

Александар Герлах
19 февруари 2020

Деснорадикалната АфД профитира од политичките превирања во Тирингија, смета Александар Герлах. И се додека партиите од центарот, вклучително и ЦДУ на Меркел, се обвинуваат меѓусебе, демократијата е под закана.

https://p.dw.com/p/3Y06M
Deutschland Braunschweig AfD Bundesparteitag | Abstimmung
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Hartmann

Германската политика последниве недели се справува со последиците од случувањата во источната покраина Тирингија. Скандалот избувна откако член на либералните Слободни демократи (ФДП) беше избран за покраински премиер со помош на гласовите на деснорадикалната и популистичка Алтернатива за Германија (АфД) и на конзервативците (ЦДУ) на Ангела Меркел.
Вниманието најпрво беше фокусирано врз гамбитот на АфД. Имено сите пратеници од оваа партија гласаа за кандидатот на ФДП, а ниту еден за кандидатот од сопствената партија. Со таквиот чекор беа дискредитирани центристичките ФДП и ЦДУ. Но локалниот лидер на АфД, Бјерн Хеке кој може да се нарече и фашист, беше уште поуспешен во своите напори да ги сврти овие партии една против друга.
ФДП се извини за скандалот, а нејзиниот лидер мораше да побара доверба од партиските делегати- и ја доби. Несудениот премиер експресно поднесе оставка.
Во ЦДУ, покраинскиот лидер Мајк Моринг најави оставка од сите партиски функции, а наследничката на Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер најави повлекување.

Тирингија „никогаш повеќе“

Следната година, Германците ќе излезат на избори на кои треба да се избере наследник на Меркел, која е на функцијата од 2005 година. Популарноста на актуелните коалициски партнери во владата, централно-левите Социјалдемократи (СПД), според некои анкети е падната и под 10 проценти. Сега оваа партија се обидува да профитира од случувањата во Тирингија со став дека сите партии десно од центарот се недемократски. И кај Зелените, кои се во политички подем, се погласно се игра на картата на прогласување на ривалските Либерали (ФДП) за „нацисти“ и се маршира под знамето „Никогаш повеќе!“.
Се досега, слоганот „Никогаш повеќе!“, како поука од катастрофата во периодот 1933-1945, ги обединуваше сите германски мејнстрим партии во битката против радикалната десница. По гласањето во Тирингија, професорот на Харвард Даниел Цилблат, кој стекна меѓународна слава со книгата „Како умираат демократиите“, излезе со став дека реакциите на скандалот покажале дека Германците безусловно ги отфрлиле расизмот и десничарскиот екстремизам.
Но тоа станува се потешко во ситуација кога водечките фигури на мејнстрим партиите се обвинуваат меѓусебно и своите политички ривали за застранување од Уставот. Таквото однесување најпрво предизвикува поделби меѓу партиите, а потоа и јаз во општеството. Токму тоа и оди од рака и ја засилува АфД.
Партиите кои се сместени лево во германскиот политички спектар веројатно ова го сметаат за вкалкулиран ризик кој ќе им го отвори патот за коалиција на сојузно ниво меѓу СПД, Зелените и партијата на Левицата- која е наследник на источногерманските комунисти.
Слично како и АфД, и делови на Левицата се под надзор на германската домашна служба за заштита на Уставот. Тирингија е дом за бројни личности кои биле активни во источногерманската диктатура и кои и понатаму одбиваат да ги осудат неправдите во таа држава.
Во некои покраински парламенти во Германија, радикалната десница и радикалната левица веќе ги имаат бројките потребни за апсолутно мнозинство. Тоа уште еднаш ја потенцира потребата од засилена соработка на партиите од политичкиот центар, а не за меѓусебни пресметки и кавги.

Kommentarfoto: Prof. Dr. Dr. Alexander Görlach
Александар ГерлахФотографија: Harvard University/D. Elmes