Германска пратеничка бара ЕУ да ја притисне Бугарија
10 мај 2021Во пресрет на состанокот на ЕУ министрите за надворешни работи се огласи и германската пратеничка и членка на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Рената Алт.
Од свое и името на Либералната партија (ФДП), таа порача дека „ЕУ министрите треба да го искористат денешниот состанок за да се надмине блокадата на Бугарија кон Северна Македонија“.
„Ставот на комесарот Вархеји, Албанија сама да продолжи со преговорите е апсолутно несфатлив и треба да се отфрли во Советот.
Наместо да се казнува најдобриот ученик меѓу ЕУ-аспирантите, земјите-членки на ЕУ треба да ја искористат политичката криза во Бугарија, за да го зголемат притисокот врз земјата.“
„Германската влада има обврска да се координира со земји како Австрија, за да се поддржи Северна Македонија. Тоа што Скопје се уште не смее да преговара, испраќа катастрофален сигнал кон Западниот Балкан. И тоа токму во период кога засилено курзираат нон-пејпери за промена на границите, ЕУ мора да заземе јасен став“, оценува Алт.