„ЕУ не смее да ги заборави земјите пред својата порта“
10 мај 2021Дојче веле: Пратеничката група на Либералната партија во Бундестагот, ФДП, поднесе барање на земјите од Западен Балкан да им се понуди ангажирана и реалистична ЕУ-перспектива. Што значи тоа конкретно?
Рената Алт: Неизмерно важно ми е нашето внимание да е интензивно насочено кон Западен Балкан. Постојано сме во тек кога станува збор за меѓународната политика, за Русија, Украина и Сирија. Но, исто толку важно е да не ги заборавиме земјите кои се наоѓаат пред нашата порта.
Овие земји изразија намера еден ден да се приклучат кон ЕУ и се обврзаа на реформи. Треба да го набљудуваме овој процес и ангажирано да го поддржуваме. Но, не треба да бидеме премногу наивни. ЕУ мора да биде спремна за прием, за перспективата да остане реалистична.
ДВ: Во што се разликува Вашето барање од актуелната политика на германската влада?
Алт: Имам впечаток дека реформите на Западен Балкан во последно време успорија. Изненадена сум и што развојот на инфраструктурата на Западен Балкан во голем степен ѝ е препуштен на Кина.
На пример, автопатиштата. Тие се корисни, но по која цена? 21 милион евра од километар, како во Црна Гора? А сега земјата одеднаш констатираше дека не е во состојба да плати и бара помош од ЕУ. Вакво нешто не може да им се објасни на граѓаните на ЕУ во време на пандемија.
Од друга страна, во наш интерес е и економски да ги поддржуваме државите од Западен Балкан, зашто во спротивно ќе станат целосно зависни од Кина. Кина така ќе може да полага право на аеродроми, пристаништа и важни инфраструктурни проекти. Тоа не може да биде во европски интерес.
Што предлагате за тоа да не се случи?
Алт: Потребна ни е потесна соработка и контрола околу примената на финансиски ресурси. Финансирањето од страна на ЕУ треба навистина да биде почесто и поинтензивно проверувано, за парите да не исчезнуваат по некои канали.
ДВ: Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас беше неодамна во Србија и во Косово. Како ја оценувате неговата посета?
Алт: Ја поздравувам посетата на министерот Мас, но таа ќе беше важна ако се случеше уште ланската година. Во Србија стана посебно јасно колку неверојатно добро ѝ успеа на Кина да направи маркетинг од својата поддршка. Многумина поверуваа дека Кина пружи најголема поддршка за време на пандемијата.
А тоа не е точно: најголема помош пружаат САД, следени од Германија. Но, луѓето таму имаат поинаков впечаток, зашто за разлика од Русија и од Кина, од Германија не отпатува ниеден министер за лично да ја предаде помошта.
ДВ: ЕУ-перпективата и натаму останува релативно далечна и врзана за решавање на конфликти во регионот. Моментно во оптек се нови планови за исцртување на граници. Познат ли Ви е т.н. „нон-пејпер“?
Алт: За него знам само од медиумите. Но, веднаш ме потсетува на Чешка и на Словачка, кои во 1991 година се викаа уште Чехословачка. Во 1991 година земјата потпиша Договор за асоцијација со ЕУ и сакаше да пристапи во ЕУ како една земја. Потоа двете земји се разделија, воведоа граници и царини, кои ги укинаа по пристапот кон ЕУ.
На земјите од Западен Балкан би им препорачала конфликтите, вклучувајќи ги и постојните етнички конфликти, да ги решат што е можно побрзо. Мислам дека сега, со новиот американски претседател Џо Бајден, кој е извонреден познавач на Балкан, е стигнат поволен момент.
Тоа беше и целта на нашето поднесено барање: важно е да се сигнализира дека ние, заедно со американската влада сакаме да ги поддржиме развоите на Западен Балкан и да учествуваме во нивното креирање.