1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски за „Ди Пресе“: нема корупција во врвот на власта

Б.Георгиевски19 јуни 2015

Во интервју за „Ди Пресе“, Груевски ги отфрла обвинувањата за корупција и тврди дека во Македонија нема проблем со слободата на медиумите. Грција е во фокусот на германскиот печат

https://p.dw.com/p/1Fje6
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Австрискиот весник Ди Пресе во денешното издание објавува интервју со македонскиот премиер Никола Груевски во кое тој, меѓудругото, говори за актуелната политичка криза во Македонија, евро-атлантските интеграции и спорот за името со Грција.
„...Груевски не размислува за оставка, ниту за коалиција со опозицијата. Разочаран е од ЕУ“, го сумира разговорот во кратки црти Ди Пресе.

Првото прашање се однесува на политичката криза, бојкотот на парламентот од страна на опозицијата и секојдневните протести, а директното прашање гласи: дали сте подготвени за оставка за да овозможите нов почеток?; на што Груевски одговара:

„Однадвор тоа изгледа поинаку. Протестираат 50 до 100 луѓе од кои повеќето работат во јавната администрација во општината во која Зоран Заев е градоначалник“.

Објаснувајќи ја позадината на скандалот со прислушувањето, Груевски повторува дека бил уценуван од Заев.

„Кон средината на септември добив СМС порака од Заев во која бараше средба со мене. Ги известив надлежните затоа што стравував од уцена. Јавниот обвинител нареди да се снима мојот разговор со Заев. Заев ми кажа дека поседува телефонски разговори и дека е подготвен да ги употреби материјалите. Но тоа немало да биде добро за државата, па затоа требало да се формира експертска влада. Бев уценет“.

Груевски понатаму вели дека снимките се манипулирани и лажирани. „Заев на неговите прес-конференции ги презентира монтираните снимки во лажен контекст“.
На прашањето на новинарот, дали со тоа негира дека во неговата земја има корупција во врвот на власта, Груевски одговара потврдно.
„Јас не мислам дека има корупција на највисоко ниво, но тоа е работа на судовите“.

Повеќето медиуми се партиски

Македонскиот премиер вели и дека се согласил на предвремени избори, и бил подготвен истите да ги организира „уште во јули годинава“, но опозицијата инсистирала тие да се одржат во април следната година.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
„Јас не мислам дека има корупција на највисоко ниво“, вели ГруевскиФотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

На забелешката на новинарот, дека неговата партија е во предност затоа што повеќето медиуми го поддржуваат него, Груевски одговара дека „проблемот во Македонија не е во недостатокот на медиумски слободи“.
„Проблемот е што повеќето медиуми се партиски, и ја поддржуваат или владата или опозицијата. Само неколку се неутрални“, вели Груевски.

Препораката од ЕУ не донесе многу

Околу заканите на ЕУ дека ќе ја повлече препораката за почеток на преговорите за членство со Македонија доколку не се реши кризата, Груевски коментира дека таа и досега не донела многу.
„...Од досегашните препораки не добивме многу. Не беа почнати преговорите. Сепак, повлекувањето на препораката за нас ќе биде чекор назад. Еврокомесарот Хан многу ни помогна. На 2 јуни потпишавме договор со кој се предвидуваат избори во април. Така ќе се дојде до решение- и преку анкетна комисија во парламентот. Нашиот интерес е да има кристално чисти избори“.

Во однос на спорот за името со Грција и блокираните евро-атлантски интеграции, Груевски оценува дека „ЕУ-членките прават премалку за да се најде начин за напредок на Македонија“ и додава дека „ЕУ е 100-процентно концентрирана на грчката криза и нема капацитет за ништо друго“.
На забелешката на новинарот дека и националистичките тонови од Македонија и подигнувањето статуи на Александар Велики би можеле исто така да се сметаат за контра-продуктивни, Груевски одговара дека тоа е само одговор на грчките провокации.
„Има само две статуи кои се поврзани со грчката историја. Грција со години не провоцира, не нарекува вештачка држава, вештачка нација. Тоа доведе дотаму, да преземеме чекори со кои ќе покажеме дека тоа не е точно“, вели Груевски за Ди Пресе.

Luxemburg Yanis Varoufakis und Christine Lagarde
Јанис Варуфакис и Кристин ЛагардФотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Грција во фокусот

Кај мнозинството германски медиуми денеска главна тема е грчката криза, а веќе наголемо се анализираат и сценаријата по можниот „грегзит“.

„Вчера двете страни го засилија притисокот“, пишува Берлинер Цајтунг.
„Ципрас се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. Сигналот: ЕУ може да загуби не само монетарен партнер, туку и повеќе од тоа. Шефицата на ММФ Кристин Лагард вели дека нема да има одлагање на роковите за отплата на грчкиот кредит. Но, таа додаде дека ќе биде флексибилна доколку Атина изнесе некои нови предлози. Но за тоа повеќе нема надеж. (...) Грција со задоволство за сето тоа би разговарала на ниво на шефови на држави и влади со надеж дека таквата одлука ќе биде повеќе политичка отколку техничка. (...) Грчките банки ги губат парите на своите штедачи- само меѓу понеделникот и средата од приватните сметки се подигнати две милијарди евра“, пишува Берлинер Цајтунг.