Грчкиот пациент – десет години подоцна
23 април 2020Барем сценографијата е исправна: на рибарското пристанише на сончевиот остров Кастелоризо премиерот и шеф на социјалистите Јоргос Папандреу застана пред камерите за да најави дека Грција веќе не може да си ги подмирува обврските и зависи од финансиска помош. Беше 23 април 2010 година. Потоа ЕУ најави кредитна програма тешка 110 милијарди евра со која Грција за година и пол требаше повторно да се врати на пазарот на капитал. За возврат потребни беа болни реформи и кратења. Таканаречената „Тројка“ составена од претставници на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд требаше да ги анализира и оценува реформите и врз база на тоа да даде зелено светло за исплата на секоја идна кредитна транша од заемот. Но, дури и најмалите реформи се одлагаа под притисок од „улицата“. Само за пример: дури во 2012, значи по две години тешки преговори, преодниот премиер Лукас Пападемос издејствува бебешкото млеко да не се продава по прескапа цена ексклузивно во аптеките, туку по нормална цена да биде достапно и во супермаркетие.
Намалувањето на платите и пензиите до 40% предизвика гнев кај народот во Грција. Се случија внатрешно политички турбуленции, изненадувачки промени на влади и кавга со Брисел. Грција е ослободена од пакетот за спас дури во 2018 година – шест и пол години подоцна од првично планираното. Јоргос Кирстос, економист и европарламентарец од редовите на конзервативната Неа демократија смета дека вината се „раширила на повеќе плеќи“: „од една страна европските партнери го минимизираа проблемот за да не ги разлутат сопствените гласачи, од друга страна сите влади и опозициски партии во Атина „додадоа свој зачин во манџата“, а Европа им беше виновна за се,“ обвинува Киртос во разговор за Дојче Веле. Шефот на социјалистите, Папандреу секако ја плати цената: по кавгите со ЕУ партнерите и неговите внатрепартиски противници, некогашниот носител на надеж се повлече во 2011 година. Неговата партија и денес мора да биде задоволна само со едноцифрени бројки во анкетите.
Спас непосредно пред бездната
Дали грчкиот пациент е спасен? Панајотис Петракис, професор по економија на универзитетот во Атина е претпазлив оптимист. Економскиот модел на Грција кој во прва линија се потпира на туризмот, речиси и да не е променет во текот на годините, вели тој за ДВ. Кога ќе ги погледнете апсолутните износи и долговите остануваат непроменети. Како и да е: „договорената одолговлечена исплата на долгот со доверителите е рамна на отпис на долговите,“ смета економистот. Со тоа Грција до 2030 година има доволно слободен простор повторно да застане на нозе. Петракис е критички настроен кон ММФ кој ја потцени ликвидноста во кризни времиња. И не е сам во тоа: уште во 2013 година економистите од ММФ, Оливиер Бланшард и Даниел Леиг во една анализа посочија дека негативните последици од наметнатата политика на штедење од ММФ „не може да се предвидат во целост".
Петракис нерадо зборува за грешките од страна на политичарите. Но сепак економистот критикува дека политичкото раководство во Атина „не го сфаќало секогаш обемот на економските проблеми“ и во 2015 година се остави впечаток дека постои и друг пат. Овој пат ќе доведе до катастрофа, вели Петракис – страничен удар на левичарската партија Сириза која дојде на власт во 2015 за да „раскрсти со политиката на штедење“. Левичарскиот премиер Алексис Ципрас и неговиот министер за финансии Јанис Варуфакис спроведоа референдум за барањата за штедење на доверителите. По мнозинското референдумско „Не", Ципрас повторно се погрижи за изненадувачки пресврт и сепак се согласи со мерките за штедење. Пред тоа германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле предложи Грција да излезе од еврозоната. Прашањето дали Шојбле во тоа време дејствувал самостојно или во координација со канцеларката Ангела Меркел сѐ уште предизвикува главоболки во Атина.
Европарламентарецот Маркус Фербер се присетува: „Вистината е дека Варуфакис многу работи ги доведе до ескалација. Шојбле беше особено исфрустриран, а со референдумот само уште повеќе се влоши ситуацијата, бидејќи Ципрас практично се закани со народно востание.“ Уште позачудувачки беше што Ципрас под притисок на Тројката ги спроведе работите и ги помина во парламентот, вели овој политичар од ЦДУ за ДВ. Заклучок: „На прашањето за излегување беше одговорено дека не мора да се случи.“ Сето ова има последици за Ципрас: Варуфакис си основаше нова левичарска партија, која во сегашниот парламент во Атина е застапена со девет пратеници, и е најжесток критичар на поранешниот левичарски премиер.
Короната промени сѐ
Во јули 2019 гласачите во Грција го сменија радикалниот лев курс. Нов премиер стана конзервативниот Кирјакос Мицотакис кој најави нагласено економски либерална политика. Нешто подоцна позитивно изненадување од Грција: туристичката бранша јавува за рекордни бројки, берзата во Атина доживува кулминација, економскиот плус расте. Грција се враќа на финансиските пазари и доаѓа до пари под поповолни услови од САД. Конзервативните тоа го толкуваат како јасна потврда за нивниот курс. Левицата посочува на тоа дека нивната економска политика го трасирала патот за економскиот раст. Во секој случај двете страни по исклучок се сложуваат во едно, дека Грција повторно е во игра.
И потоа дојде короната. Вирусот ја намали конјунктурата и го парализира туризмот, економскиот мотор на Грција. Поранешниот министер за финансии, Хардувелис, за телевизијата Скај изјави дека страхува од пад од 5 отсто на економијата годинава. Но, дури и таа прогноза делува оптимистички. „Експертите на Меѓународниот монетарен фонд најавуваат минус од 10 проценти”, вели економистот Петракис. Сличен пад грчката економија забележа само во 2011 кога го достигна врвот на должничката криза. Но, ако кризата со короната брзо се надмине, минусот може да биде изедначен, смета Петракис. А, доколку не? „Е тогаш секако сѐ ќе мора да се пресметува на ново”, предупредува економистот.