Измамата наречена електромобил
14 ноември 2018На прв поглед се работи за успех: до крајот на годината на германските улици ќе се возат дури 50 отсто повеќе електрични автомобили отколку во изминатата година. На почетокот на јануари 2018 година, според официјалните податоци на Сојузната канцеларија за моторни возила, во Германија биле регистрирани околу 54.000 електромобили. Во првите 9 месеци се регистрирани нови 24.574 возила.
Но, полека! Кога ќе се погледне малку подетално, брзо станува јасно дека електромобилите во Германија не играат некоја важна улога. Нивниот удел во вкупниот број регистрирани возила е микроскопски мал: во Хамбург изнесува 0,18 насто (што е највисок процент од сите сојузни покраини), во Берлин и во Баварија по 0,17 отсто, на трето место е Баден Виртемберг со 0,16. На дното е Саксонија Анхалт со 0,06 насто.
Споровозна електрификација
Електричниот погон многу бавно се „пробива“ во доменот уличен сообраќај - „а тоа е и еколошки смислено“, посочува фирмата СЕГ Аутомотив, производител на автомобилски делови, во својата најнова анализа. Компанијата од Штутгарт низ светот вработува над 8.000 работници и соработува со речиси сите големи автопроизводители. И нејзините агрументи се и тоа како разбирливи.
СЕГ се повикува на пресметките на реномирани сообраќајни и стручњаци за климатски прашања. За производството на еден електричен автомобил поради големите батерии се испушта многу повеќе јаглероден диоксид отколку за некое возило со мотор на внатрешно согорување. И затоа е-автомобилот, како што тврди СЕГ, во текот на својот комплетен животен циклус штеди над 50 отсто емисии ЦО2 само во земјите со мал удел на фосилни енергенси.
Повеќе на темата:
-Бајката за „чисти“ електромобили
-Од 2030 година само електромобили?
-Електромобили и за обичниот народ
Како пример се наведува Франција, која полага на нуклеарната енергија (со прашањата на згрижување на радиоактивниот отпад не се занимава), и Норвешка, која може обилно да користи природни ресурси, пред сѐ вода.
Клучните пазари со голема емисија на ЦО2
На бројни клучни пазари, како во САД, Индија, Кина, но и во Германија, за време на производството на електрична енергија во атмосферата се емитува толку многу јаглероден диоскид, што на подолг рок чистокрвните електрични автомобили и плаг-ин хибридите воопшто не носат некоја предност кога е во прашање заштитата на климата, или нивниот еколошки биланс дури е и понегативен во споредба со возилата со мотори на внатрешно согорување.
Врз основа на податоците од студијата на најголемиот германски авто-мото клуб АДАЦ, СЕГ ја поставува следната пресметка: со оглед на актуелниот микс во производството на електрична енергија во Германија, еден мал електричен автомобил, кој поминува над 50.000 километри за време на животниот век, „произведува“ повеќе јаглероден диоксид отколку некој соодветен модел на возило кој користи бензин или дизел. Еколошкиот биланс на електромобилите би бил подобар од оние модели со внатрешно согорување само во случај комплетната енергија која се троши да е добиена од регенеративни извори - значи 100 проценти. Работите се малку поинакви во случај автомобилот да помине над 150.000 километри. Тогаш е-автомобилот со актуелен „струен микс“ има подобар еколошки биланс, а во случај да користи еко-енергија еден таков автомобил за време на целиот животен век емитува само мал дел ЦО2 споредено со соодветните модели на внатрешно согорување.
Среден пат
Како да се дојде до помалку емисии на ЦО2 со актуелниот енергетски микс? Среден пат, според мислењето на СЕГ, е „48-волтниот-дизел-благ-хибрид“, една релативно млада технологија кај која возилото истовремено се движи и произведува енергија.
Технологија која е сѐ поомилена кај производителите ширум светот - поради својата енергетска ефикасност и сѐ построгите законски одредби.
48-волтниот дизел хибрид во процесот на производство создава, за волја на вистината, минимално зголемување на емисиите јаглерод диоксид, но може во текот на процесот на користење во сообраќајот да заштеди и до 15 отсто гориво и ЦО2. И така во земјите во кои не се произведува доволно „зелена“ електрична енергија тој може да стане дури и најдобрата мобилна варијанта во контекст на заштита на климата.
Но, во целата оваа калкулација има и една ситница која не смее да се премолчи - СЕГ, сигурно веќе погодувате, произведува токму такви системи.
Голем потенцијал
Магазинот „Едисон“, кој се занимава со областа на е-мобилноста, одржливоста и вмрежениот живот, веднаш пресмета дека анализата на СЕГ, и покрај сите непрецизности, се движи во вистинска насока. Кај моторите на внатрешно согорување без сомневање има уште голем потенцијал за намалување на испуштањето на ЦО2, но исто така потенцијал има и во подрачјата на развој на батерии и на енергетскиот микс.
Јасно е дека со зголемувањето на изминатите километри расте предноста на електромобилите. Оптимално би било кога електричните автомобили во користеле исклучиво соларна енергија. Од друга страна воопшто нема смисла некој е-автомобил по тригодишен лизинг со годишна километража од 15 илјади километри да се замени со некој нов модел, тврди „Едисон“. „Ова е сознание за кое всушност не ни треба некаква пресметка, туку само малку човечки разум втемелен на одржливоста“, заклучува магазинот.