1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Италија: „Никој всушност не знае колкумина се заболени“

БГ /АФП
21 март 2020

Италија соопшти за рекордни 627 нови смртни случаи во петокот, со што вкупниот број на жртви надмина 4.000. Владата воведе нови ограничувачки мерки за граѓаните. Експертите велат дека никој не ги знае вистинските бројки.

https://p.dw.com/p/3ZocF
Italien Neapel | Coronavirus - Krankenwagen
Фотографија: picture-alliance/abaca/IPA/S. Laporta

Бројот на жртви кои секојдневно се пријавуваат во Италија сега стигна до фаза во која далеку го надминува и бројот во пикот на епидемијата во провинцијата Хубеи, во Кина. Но Матео Басети од престижната клиника Сан Мартино во Џенова вели дека владата веројатно нема поим колку луѓе всушност се заразени од Ковид-19.
„Толку многу луѓе кои го имаат вирусот шетаат наоколу и кои можат да заразат и други“, изјави Басети за италијанската новинска агенција АГИ.
„Овие 40 илјади случаи за кои зборуваме во Италија всушност можат да бидат и 100 пати повисоки“, вели тој.
Италија секојдневно урива црни рекорди откако стана нов епицентар на коронавирусот во светот. За помалку од четири недели земјата забележа повеќе смртни случаи од Кина, која го пријави првиот случај кон крајот на декември. Само во последните три дена регистрирани се 1.500 смртни случаи од Ковид-19. И бројот на инфекции во петокот забележа рекорден пораст од речиси 6.000 на вкупно 47.021.

Italien Milan | Coronavirus: Armeeunterstützung zur Corona-Krise
На улиците на Милано патролира и војскатаФотографија: picture-alliance/ZUMA/LaPresseC. Furlan

Италијанската влада најави дека ќе ја прошири забраната за јавни собири и ќе ги затвори речиси сите продавници и по претходниот рок од 25 март. Во делови од земјата, локалните власти преземаат и дополнителни мерки. Во Милано се ангажирани повеќе од 100 војници кои и помагаат на полицијата во спроведувањето на забраната за излегување од домовите. Дополнително, во петокот беа затворени и сите паркови. На оние кои џогираат им се препорачува да трчаат околу своите домови и згради.
Стапката на смртност во Италија од 8,6 проценти е највисока од сите земји во светот. Медицинските експерти тоа го припишуваат на големата просечна возраст на населението од 45,4 години- седум години повисока од просекот во Кина. Кај огромен дел од смртните случаи се работи за постари лица со најмалку една претходна болест. Просечната старост на првите 3.200 смртни случаи во Италија била 78,5 години. Речиси половината од нив имале три или повеќе претходно хронични заболувања. Само кај 1,2 отсто од жртвите не биле утврдени претходни заболувања.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи