И власта и опозицијата со тактика „скала по скала“
8 ноември 2021Од СДСМ не соопштуваат дали оставката од премиерската функција која Зоран Заев ја најави на 31-ви октомври ќе биде доставена денеска до Собранието или тој ќе остави опозицијата прва да повлече потег. Како што најави викендов лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доколку денеска не биде доставена оставка од премиерот, опозцијата во 14:30 часот ќе ја почне процедурата за гласање доверба на Владата.
Додека песочниот часовник истекува, засега, единственото нешто што го потврдуваат извори од СДСМ, е дека „од први ноември до денес траел жесток внатрешен и надворешен притисок Заев да се откаже од најавената оставка на премиерската функција, со проценки дека тој е кохезивниот елемент кој можел да го одржи стабилно владиното мнозинство, во период кога земјата е пред важни предизвици“.
Истите извори не соопштуваат дали тој притисок води кон промена на најавата на премиерот дека ќе се повлече, но нагласуваат дека „сѐ ќе биде појасно во наредните денови“.
Власта ќе добие четири дена за консолидирање
Што е тоа што би можело да се случи во наредните денови, откако здружената опозиција и владејачката Беса соопштија дека заедно имаат мнозинство од 61 пратеник? Додека во СДСМ владее молк, сигнали за проактивност дојдоа од ДУИ. Централниот одбор на оваа партија вчера едногласно го овласти претседателот Али Ахмети да продолжи да разговара со сите политички партии (освен тие што се против евроатлантскиот курс) со цел да се задржи прогресивниот и евроатлантски пат на државата.
„Сакаме да им упатиме порака на граѓаните да бидат спокојни, затоа што, како што секогаш сме знаеле да го зачуваме овој курс на државата, така и ќе продолжиме и ќе обезбедиме сигурна иднина на граѓаните“, изјави портпаролот на партијата Бујар Османи.
По ова е јасно дека Ахмети ќе бара поддршка за владиното мнозинство од пратеници од опозициските партии за да се надомести изгубената поддршка од пратениците на владејачката Беса, која како причина за капката што ја прелеала чашата ги наведе приговорите на ДУИ до ДИК за избирачки места во општина Желино. Ако премиерот не ја достави оставката денеска, а опозициските партии ја почнат процедурата за гласање доверба на Владата, по сила на процедурата, власта ќе добие дополнително време од четири дена за консолидирање на нејзината поддршка.
Според член 215 од Деловникот на Собранието, „седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, „рокот за седницата почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, а „Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба“ (член 217).
Според ова, извесно е дека седницата мора да се одржи во четврток, но неизвесно е кој дотогаш ќе го има, односно ќе го одржи или изгуби мнозинството, имајќи предвид дека дотогаш ќе се води битка за секој глас.
Повеќе:
Мицкоски сака да формира ефикасна влада, СДСМ обвини дека го интересира само власт
Клековски: ДУИ ја донесе СДСМ на власт, ДУИ и ја сруши
Опозицијата формираше ново парламентарно мнозинство со Беса
Претседателот ги следи партиските активности
На списокот што го покажа Мицкоски 61 пратеник веќе се потпишани со цел да се изгласа недоверба на Владата. Тој вчера ги повика и останатите 59 пратеници кои ценат дека Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев води погрешна политика, да ѝ се придружат на опозициската иницијатива за изгласување недоверба на Владата. Запрашан, што ако успеат да изгласаат недоверба на Владата, но не успеат да формираат мнозинство за политичка влада, Мицкоски најави дека ќе се оди скала по скала.
„Ајде, прво, да се качиме на првата скала. Да ја завршиме најпрво првата работа, а потоа има процедури, закони и Устав кои треба да се почитуваат. Тоа не зависи понатаму од нас, зависи од тој што треба да го почитува Уставот. Мандат се дава на мнозинство“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Кабинетот на шефот на државата за ДВ велат дека претседателот ги следи сите партиски активности.
„Претседателот ги следи партиските активности и прегрупирања по завршувањето на локалните избори, но, до овој момент, не смета дека има простор за негов политички ангажман. Согласно неговите уставни надлежности, претседателот на државата е должен да постапува само ако добие соодветно известување од претседателот на Собранието, во случај на евентуално изгласување на недоверба на владата“, велат од Кабинетот на претседателот.