1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Зошто Калининград ѝ е толку важен на Русија?

Бен Рестле
25 јуни 2022

Русија и Литванија влегоа во кавга откако членката на ЕУ забрани испорака на одредени стоки за Калининград преку нејзината територија. Но, што е Калининград и зошто ѝ припаѓа на Русија?

https://p.dw.com/p/4D4M1
Центарот на Калининград
Центарот на КалининградФотографија: Sergei Trofimenko/Zoonar/picture alliance

Литванија во понеделникот почна да го блокира транспортот на стоки забранети според режимот на антируски санкции на ЕУ преку нејзина територија до руската ексклава Калининград. Забранетите производи вклучуваат јаглен, метали и градежни материјали. Русија ја критикуваше забраната како „отворено непријателски“ чекор, барајќи итно укинување на ограничувањата за железничкиот транспорт. Литванија, меѓутоа, рече дека само ги спроведува санкциите на ЕУ против  Русија воведени како одговор на нејзината војна против Украина.

Што е Калининград?

Калининград е најзападниот руски регион или област. Тоа е ексклава, што значи дека не дели граници со континентална Русија. Калининград зазема дел од брегот на Балтичкото Море на запад, се граничи со Литванија на север и на исток и со Полска на југ. Се протега на површина од 15.000 квадратни километри и има население од околу половина милион. Главен град е истоимениот град Калининград.

Karte Kaliningrad mit Litauen Belarus und Russland EN

Зошто Калининград ѝ припаѓа на Русија?

Областа на денешен Калининград порано бил дел од германската Источна Прусија. На крајот на Втората светска војна, по поразот на нацистичка Германија, територијата е отстапена на Советска Русија. Нејзиниот главен град, познат во германско време како Кенигзеберг, е преименуван во Калининград - и истото име е дадено на целата област. По распадот на Советскиот Сојуз, Калининград стана руски регион.

Зошто Калининград е важен за Русија?

Географската локација на Калининград е стратешки и воено поволна за Русија. Регионот го има единственото балтичко пристаниште во Русија кое цела година е без мраз и е дом на руската балтичка морска флота. Позицијата меѓу државите на ЕУ и на НАТО, Литванија и Полска, значи дека руските нуклеарни ракети со седиште во Калининград се со близок дострел до големите престолнини.

По што друго е познат Калининград?

Филозофот Имануел Кант е роден во Кенигзберг, денешен Калининград, во 1724 година. Поголемиот дел од својот живот го поминал во прускиот град и таму е погребан. Кант е веројатно најпознат по неговиот концепт на категоричниот императив.

Калининград, исто така, е центар на светската трговија со килибар. Таму се наоѓаат околу 80 отсто од светските резерви на килибар.