1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Калининград предизвикува нови тензии меѓу ЕУ и Русија

БГ /АП
21 јуни 2022

Шефот на рускиот Совет за национална безбедност Николај Патрушев им се закани со сериозни последици на ЕУ и Литванија поради делумната блокада на железничкиот транспорт кон руската енклава Калининград.

https://p.dw.com/p/4D0zD
Russland | Bahnhof in Kalingrad
Фотографија: Vitaly Nevar/Tass/dpa/picture alliance

Одлуката на Литванија да и забрани на Москва да пренесува стоки преку железничката линија кон руската енклава Калининград ќе резултира во одговор кој ќе има „значително негативно влијание“ врз литванскиот народ, изјави Патрушев во вторникот. 

Забраната за транзит на стоки, во рамките на санкциите на ЕУ кон Русија, литванските власти ја објавија на почетокот на месецов и таа беше дочекана со лута реторика од Москва која го отфрли потегот како незаконски. 

Секретарот на рускиот Совет за национална безбедност, Патрушев го посети Калининград во вторникот и се закани со одмазда. 

„Русија дефинитивно ќе одговори на овие непријателски акции“, рече Патрушев.
„Веќе се разгледуваат адекватни мерки и наскоро ќе бидат усвоени. Последиците од нив ќе имаат значително негативно влијание врз населението во Литванија“, се закани тој. 

Руското МНР во вторникот го свика амбасадорот на ЕУ во Москва и му врачи протест поради забраната за транзит. 

Karte Kaliningrad mit Litauen Belarus und Russland EN
Енклавата Калининград е отсечена од Русија и се граничи со Полска и Литванија.

Калининград е дом на околу 430.000 луѓе, и е изолиран од остатокот на Русија наоѓајќи се меѓу ЕУ членките Литванија и Полска. Возовите со стоки кон енклавата патуваат преку Белорусија и Литванија, но нема транзит преку Полска. Русија се уште може да ја снабдува енклавата по морски пат, без да се грижи за санкциите од ЕУ. 

Пропаганда од Кремљ 

Литванската влада во вторникот соопшти дека „транзитот на патници и не-санкционирани добра од и до Калининград преку Литванија продолжува без пречки“, и дека санкциите кон одредени стоки се дел од четвртиот пакет на ЕУ против Русија поради агресијата врз Украина. Литвански претставници велат дека руската реакција е обид на Кремљ преку пропагандна кампања да создаде слика за „блокада“, за домашната јавност. 

Премиерката Ингрида Симоните, оцени дека тврдењата за блокада на Калининград се производ на пропагандата на Кремљ.

„Се работи за тоа дека влегоа во сила санкциите на ЕУ за некои стоки, како што се челикот и обоените метали. Транспортот на сите други стоки кои не се дел од санкциите продолжува, како и транзитот на патници“, рече Симоните, нотирајќи ја големата иронија со која Русија бара почитување на меѓународни договори.

„Не знам дали остана меѓународен договор кој Русија веќе не го прекрши“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема