Катастрофа за Макрон
20 јуни 2022За францускиот претседател вториот круг од парламентарните избори е горчлив пораз. Иако тој беше реизбран со големо мнозинство во април, Французите сега му го ускратуваат мнозинството во Националното собрание кое му е потребно за ефикасно да владее. Неговата политичка групација, формирана од поранешните социјалисти и конзервативци и неодамна преименувана во „Ренесанса“, наместо „повторно раѓање“ доживеа еден вид „горење во пеколот“.
Поделен парламент
Можеби најшокантниот резултат на вечерта беше бројот на негласачи: 54 отсто од Французите, главно помлади и лица со пониски приходи, одбија да се појават на гласачките места во вториот круг. Ова се дополнителни 2% во однос на првиот круг. Уште во април, на претседателските избори, се зборуваше за заморот на граѓаните од политиката и фрустрираноста од политичката сцена во Париз. Актуелните бројки само ги потврдуваат анализите од кои имплицитно произлегува итноста од суштински реформи на системот.
Оние пак кои излегоа на гласање, повторно гласаа на начин што ниту еден политички блок не е ни привлижно до некакво мнозинство. Лидерот на новообединетата левица, Жан Лук Меланшон во изборната кампања се промовираше како идниот премиер. Со 130 освоени места, неговиот Сојуз е втората најсилна фракција во Националното собрание, но е сѐ уште далеку од тоа да може да формира влада.
Меланшон во изминатите недели постојано повторуваше дека Макрон ја втурнал земјата во хаос и социјална бездна. Тоа му донесе добар резултат и многу гласови од младите, но тие сепак не се доволни за да му обезбедат апсолутно мнозинство во парламентот.
Од друга страна голем успех постигнаа и десните екстремисти околу Марин Ле Пен на кои им успеа десеткратно да го зголемат бројот на пратеници и да станат трета сила во парламентот. Со тоа значително се зголемува политичкото влијание на Ле Пен, но и натаму важи „кордон санитар“ - договорот на другите партии да не соработуваат со нив во парламентот.
„Вечерва Французите ја зедоа судбината во свои раце и го претворија Емануел Макрон во малцински претседател“, воодушевено изјави Ле Пен.
На што се должи ваквиот исход од изборите допрва ќе покажат анализите за миграцијата на гласачите. Конзервативците се на разочарувачкото четврто место, но и на претседателските избори нивниот кандидат имаше катастрофален резултат со помалку од 5% освоени гласови. Сите обиди за заживување на традиционалната владејачка партија во Франција засега се неуспешни.
Шок во штабот на Макрон
Министерот за финансии Бруно Ле Мер зборуваше за „демократски шок“, но верува дека владата може да продолжи да владее. Премиерката Елизабет Борн, исто така, зборуваше за „пораз за земјата“ со оглед на големите меѓународни предизвици, но вели „ќе направат обиди да се формира мнозинство“. Треба да се бараат компромиси и да се работи на дијалогот меѓу различните политички сензибилитети, сметаат тие.
Но, како коалициски партнери всушност в предвид доаѓаат само конзервативците. По уште еден катастрофален изборен исход, нивниот лидер Кристијан Јакоб пак изјави дека се евидентно „во опозиција против Макрон“, и тоа така го перципира и партијата. Или Јакоб сака скапо да си ги продаде гласовите, или стравува дека и преостанатите конзервативци може да „исчезнат“ среде макронизмот.
Единствено јасно е дека политичкиот моментум на Макрон и претходната убеденост во победа се скршени. По пет години самостојно владеење, тој мора да бара политички партнери, што досега и не му се покажа како доблесна страна. Тешко дека ќе успее во големи реформи, а доколку ги преживее следните пет години на функцијата, тие ќе бидат многукратно потешки од неговиот прв мандат.