1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово-Србија: Разграничување е друго име за поделба

Ивица Петровиќ
21 февруари 2019

Властите во Србија конечно јасно и гласно обелоденија дека разграничувањето со Косово е официјален став на Белград. ДВ анализира што би можело тоа да значи за продолжување на дијалогот со Приштина

https://p.dw.com/p/3Dlul
SEAE Mogherini - Vucic - Thaci -Treffen in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/AA/EU POOL

Ставот на Белград најпрво го изнесе шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, а таа изјава ја поддржа и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Иако потоа државниот врв се обиде да ја прикаже целата работа како стара вест, и дека за тоа и претходно се зборувало, сегашните изјави се сепак прва официјална потврда на таквата политика.
Забележливо е дека потоа уследи и дополнително објаснување на министерот за надворешни работи Дачиќ дека „е тоа само идеја на државните претставници“ и дека за тоа ќе се изјаснуваат парламентот и народот.

Од предлог до државна политика

Токму на тој момент вниманието го врти и политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ. Разграничувањето, според него, е само друг збор за поделба на Косово, и тоа е засега само предлог на владејачките структури:
„Тоа може да стане државна политика само кога ќе добие потврда од граѓаните на референдум. Во моментов имаме само предлог на власта како основа за договор со Албанците, а за да дојде до договор, бидејќи тоа е уставно прашање, единствено граѓаните на Србија на референдум можат да кажат да или не“, вели Анѓелковиќ.

Козметичка корекција на границите

Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ за ДВ вели дека многу работи се нејасни околу ставот на Белград за разграничувањето. Не се знае дали тоа би се одвивало по етнички, територијален или комбинација од тие два принципи. Исто така, во Белград веќе се постави прашањето за линијата на тоа разграничување, и во таа смисла Јакшиќ смета дека се работи само за козметички измени на границите на Србија и Косово.
„Според мене, тоа нема да биде трампа на северот на Косово за некои општини на југот на Србија, бидејќи тоа би биле максималистички барања. Тоа ќе биде размена на неколку села од двете страни на границата, што би било прогласено за победа и компромис на двете страни“, уверен е Јакшиќ.
Доколку се постави прашање за припојување на одредени општини од југот на Србија кон Косово, тогаш би морал да се направи далеку поширок договор, смета Драгомир Анѓелковиќ.
„Мислам дека тогаш и Србија би барала да добие повеќе од северот на Косово, и тоа би значело целосна поделба на Косово, вклучувајќи ги тука и средините во кои Србите беа мнозинство до 1999 година. Во тој случај би морало да се постави и прашањето за Република Српска, што би значело нов договор за границите на Балканот“, смета Анѓелковиќ.

Serbien Außenminister Ivica Dacic
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ прв јавно ја изнесе идејата за разграничувањеФотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Опозиција без став

Опозицијата во Србија многу остро реагираше на идејата за разграничување. Опозициските лидери предупредуваат дека е на дело кршење на Уставот на Србија и наведуваат дека целиот процес би морал да се води во согласност со Резолуцијата 1244 на ОН, и дека, пред статусните прашања, мораат да се решат имотните прашања и човековите права на Србите на Косово. На опозицијата, од друга страна, и се префрла дека нема свој став за конкретно решение на косовскиот проблем, но и за членството на Србија во ЕУ.
Освен што забележува дека српската опозиција нема политика околу Косово, Бошко Јакшиќ вели „дека опозицијата самата себе се елиминира од тој процес, и дека на тој начин си пукаше во нога“.
„Дополнителен проблем е тоа што дел од опозицијата е против било какви преговори околу Косово, значи, се држи до онаа клеронационалистичка мантра дека Косово мора и натаму да остане во составот на Србија“.

Infografik Kosovo Serbien Gebietsaustausch EN
Планови за можна размена на територии меѓу Косово и Србија

Тајна дипломатија

Паралелно со идејата за разграничување, од ЕУ доаѓаат информации дека веќе наголемо се работи на правно обврзувачки договор меѓу Приштина и Белград. Тоа само ги подгреа обвинувањата во српската јавност дека целиот процес е нетранспарентен, дека го води само еден човек и дека многу работи се случуваат зад завеси.
Анѓелковиќ вели дека не може да замисли дека Белград ќе потпише било каков правно обврзувачки договор со Приштина без целосно решение.
„Во крајна линија, Бриселскиот договор е еден вид правно обврзувачки договор, па Приштина не го примени. Значи, за каков нов договор да зборуваме додека стариот не е реализиран. Новиот договор може да произлезе само по промена на состојба на теренот, а тоа значи после територијални промени“, вели Анѓелковиќ.
За Јакшиќ не е ништо страшно доколку проблемот се решава и со тајна дипломатија.
„Тоа не би бил никаков голем исклучок, таквите работи постојат во светската пракса. Секако, би било добро власта да ја обелодени таа широка рамка во која се разговара. Можеби знаат нешто повеќе во важните светски центри, но ние за жал сме исклучени од тоа“, заклучува Јакшиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи