1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го советува Мицкоски?

15 февруари 2020

Мицкоски потроши ужасно драгоцено време со половина уста да ја убедува јавноста дека ова ВМРО-ДПМНЕ не е она ВМРО-ДПМНЕ. Оваа позиција го остави Мицкоски секогаш да биде на бришан простор. Колумна на Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/3XoTL
Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Можеби ја знаете онаа фамозна сентенца од чудесниот француски поет Шарл Бодлер: „Најдобриот трик на ѓаволот е да ве убеди дека тој не постои“.

Вмровскиот лидер Христијан Мицкоски во никој случај не е ѓаволот, но отприлика така се конципирани неговите политики од денот кога почна да ја води партијата – да ја убедува јавноста дека она ВМРО-ДПМНЕ што владееше 11 години не постои, а во исто време целата своја стартегија да ја темели врз многу од постулатите од тоа време. Некому тоа му изгледа дијаболично, некој мисли дека партијата нема зошто да се откажува од она што таа го смета за нејзини „најдобри години“ (оној период од 1998 до 2002 година самата партија го избриша како да не постоел), друг пак убедуваат дека Мицкоски и номенклатурата околу него не разбрале дека Македонија во меѓувреме се променила (не само со новото име) и дека на старите пароли и концепции им истекло времето на траење. Одговорот, вообичаено, не е еднозначен. Ниту пак може сериозно да натежне кон една од овие варијации.

Јавноста (а веројатно и многу луѓе внатре во партијата) не успеа да проникне во одговорот на прашањето - кој го советува Христијан Мицкоски да пропушти многу златни шанси да ја стави ВМРО-ДПМНЕ на нова пруга. Одговорот можеби е многу прозаичен – дека главниот советник на Мицкоски е самиот тој (што не би било изненадување, ако тој се сместил во графата на суетни професори). И дека сите совети што доаѓаат од околината одат кон јазот каде што е насочена водата кон само една воденица во партијата. Ако е тоа така, тогаш Мицкоски не го избрал најдобриот советник. Но ако советите доаѓаат од структури, кои „патриотизмот“ го завариле на постаментот на партијата за никој да не може и да не смее да го измести, тогаш на лидерот му направиле сериозна штета.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Мицкоски потроши ужасно драгоцено време, обидувајќи се некако со половина уста да ја убедува јавноста и гласачите дека ова ВМРО-ДПМНЕ не е она ВМРО-ДПМНЕ, а при тоа да не понуди ниеден вистински доказ за ова свое тврдење. Вообичаената реплика (и негова и на другите функционери) – Оставете ги тие прашања, сега ние не сме на власт – им остави еден огромен простор на политичките опоненти на партијата бескрајно и безмилосно да ги повторуваат обвинувањата дека ВМРО-ДПМНЕ останало во груевистичкиот шинел и дека од него не сака да излезе, зашто под него му е најтопло. Оваа позиција го остави Мицкоски секогаш да биде на бришан простор – да се бори за повеќе минутажа во интервјуата за да може да зборува за „новите“ политики на партијата. Во многу ситуации тој покажуваше надменост и нестрпливост кон новинарите кои секогаш упорно го прашуваат за наследството на Груевски. Пред некој ден тој на новинарите им изјави дека „времето во оваа држава ќе се мери до денот кога Заев во 21. век стапил на функција и денот кога Заев ја напуштил“. Тоа чисто премолчено прегрнување на годините на Груевски како некакво „златно доба“ за Македонија ја ставаат партијата во многу комплицирана ситуација – раковдството да се присетува со носталгија на режимските години, а од другата страна на брегот да биде голем дел од граѓаните кои не сакаат ни да помислат на враќање на мачните авторитарни времиња.

Премисите на стратегијата

Минатата недела се одржаа вонредни избори во Ирска (таму тие беа закажани, беше водена кампања и се отиде на гласање за околу три седмици). Спектакуларен успех постигна Шин фејн, секогаш сметана за политичко крило на ИРА. Таа освои најголем број гласови и го скрши едновековниот монопол на двете најголеми партии. Успехот на Шин фејн би можело да биде извонредна поука за ВМРО-ДПМНЕ. Во 2018 година Мери Лу Мекдоналд го наследи вечниот Гери Адамс (тој беше на чело на Шин фејн 35 години). За само две години Мекдоналд од ја доведе Шин фејн од опксурна партија од левицата (поврзана со терористичкиот радикализам на ИРА) до најсилен политички субјект во Ирска. Сигурно дека сенката на Гери Адамс врз партијата беше огромна, дури гигантска, но Мекдоналд најде сили да излезе од неа, да се дистанцира од насилничките политики, кои во минатото однесоа илјадници жртви во секташките борби  и да се сврти кон прашањата што се најважни за Ирците – здравството и проблемот со домувањето. И успеа. Не само што успеа, туку и направи триумф. Ирците излегоа на вонредните избори здробени од расправата околу „Брегзит“ и како ќе изгледа новата граница со Северна Ирска. Но, резултатите од излезните анкети беа запрепастувачки – само еден отсто од бирачите се воделе од драмата и последиците од „Брегзит“ кога размислувале кому да му го дадат својот глас. И речиси 25 отсто од нив преку гласачките ливчиња потврдија дека се убедени оти Мери Лу Мекдоналд раскрстила со наследството на Гери Адамс. И тоа за само две години.

Други колумни од авторот:

-Новата методологија ја бетонираше Преспа

-Лавиринтите на македонското судство: што би требало да знаете

-По кој пат ѕвони поштарот

ВМРО-ДПМНЕ влегува во двата месеци пред изборите без да посака да покаже дека има желба да се дистанцира од груевистичкото наследство и со тоа да го омеѓи базенот гласови кои ги очекува. Оние папагалски повторувања дека доколку партијата добие 80 пратеници ќе ја почне процедурата за враќање на старото име, ја носат вмровската реторика кон времето на Груевски, кога тој пред секои вонредни избори бараше најмалку 61 пратеник за да има одврзани раце да владее. Од друга страна, таа инфантилна математика навредува еден голем дел од граѓаните кои лесно пресметуваат дека за ВМРО-ДПМНЕ да освои 80 места СДСМ треба да има само отприлика 17, зашто околу 23 би му припаднале на албанскиот блок. 

Тоа е далеку и од невозможното, па оттаму се доаѓа и до прашањето врз кои премиси некој ја составувал оваа невозможна стратегија. Уште сега да се постави екстремно високо летвичката на успехот? Во партијата нема толку политички неопитни луѓе. Резултатот од изборите потоа да се претставува како недоволен за да се оствари овој патриотски план? Тоа може да биде добро политичко оправдување за вината да им се префрли врз грбот на граѓаните затоа што тие не одговориле адекватно на повикот. Да се најде убаво замислено оправдување за да се „прифати реалноста“? Тоа можеби изгледа како најприфатливо. Каде и да се наоѓа одговорот тој е сместен во класерот – алиби политика.

Од обид за движење до секта

Навистина е нејасно кој ја крои оваа амбивалентна политика во патриотската партија? Случајот со однесувањето на Рашела Мизрахи медиумски е најспектакуларен, иако тоа е само мало делче од јадрото на измешаните ставови. Десетици илјади пати функционерите на партијата повторија дека нивната идеја водилка кога ќе дошле на власт е стриктно почитување на Уставот и законите за да се вратела правната држава. Но однесувањето на Мизрахи и партиското одобрување на нејзините постапки со таблата ја поткопуваат уште на самиот почеток оваа нивна најавувана правна супстанца. Мизрахи херојски изјавува дека за неа немало ништо да значи да ја плати паричната казна затоа што таа верува во себе дека државата уште го има старото име. Барањето на премиерот Оливер Спасовски за нејзино разрешување изгледа како многу груб чекор, па дури и политички критичен, но тој, во основа, вади на чистина две работи: првата, дали е возможно во една влада, па макар била и техничка, да се толерира политичко двовластие; и втората, СДСМ се обидува да ги доведе до изјаснување политичките ривали за почитување на „реалноста“ – на Уставот и законите.

Nord-Mazedonien Ministerin Rashela Mizrahi
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Во овој политички гамбит ВМРО-ДПМНЕ има свои адути кои сака да ги фрли на масата каде што седат собрани граѓаните кои се незадоволни од промената на името. И нив да ги задржи во орбитата на партијата, па затоа ќе се замине уште подесно од патот по којшто тргнала. Но во оваа држава има и други маси, на коишто седат и други луѓе и кои мислат дека жештината на приказната со името е прилично оладена и дека треба да се кова некое друго железо. А некој мевовите за воздух не сака да ги тргне од еден те ист мангал. И дува ли дува со нив до изнемоштување, па можеби во еден момент да разбере дека тоа железо веќе не им треба на толку многу луѓе колку што претпоставувал.

Ова комплицирано бегство од самите себеси на неверојатно илустративен начин се виде при ратификацијата на протоколот за НАТО. Никола Мицевски, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, во говорот го рече и ова: „Ние сме политичка партија која ги следи принципите на легалност и реалност, којашто може да ја критикуваме и имаме право да ја оспоруваме...“ Тогаш дали Мизрахи и партиските функционери што наоѓаат оправдување за нејзината постапка ги следат „принципите на легалност и реалност“? Што е легално – дека името на државата уште е Република Македонија?

Разбирливо е дека е тешко да се извлечеш од пајажината која сама си ја сплетол. Да повторуваш безброј пати дека ВМРО-ДПМНЕ ја иницираше Декларацијата за членство во НАТО во 1993 година, а потоа да стоиш немо и замислено со спуштени раце во Собранието кога се разлеа громогласниот аплауз по ратификацијата на Протоколот. Тоа не беше поента на партијата, туку антиклимакс за неа, затоа што се откажа од капитализирањето на нивните дамнешни прозападни политики. Можеби ќе се дознае како се стигнало до одлуката да не се аплаудира во тој многу свечен момент – дали тоа било идеја на лидерот на партијата, дали до неа дошле со колективен труд, дали преовладало мислењето на одредена група?

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Христијан Мицкоски сака да зборува за „навигација“, „математички прецизно“ и за други нешта што се во неговиот професорски вокабулар. Тоа може да изгледа и симпатично. Но на политиката не и треба професорски речник, тој е наменет за студентите во аулите или за некој симпозиум. Клучот за еден успешен политичар е јасната мисла, јасните ставови, чистите проекции и ударната игла за неговите визии. Во ѕвездените години на Никола Груевски партијата имаше проекција да се претвори во движење, но и покрај огромниот труд и ресурси не успеа да стане тоа. Сега партијата оди кон еден чуден процес, да се претвора во секта, па макар добила и над 350.000 гласови на изборите.  

   

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар