1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на Орбановата тактика на провоцирање

Макс Хофман
3 октомври 2016

Неуспешниот референдум покажува дека татнежот на Виктор Орбан полека станува излитен дури и во Унгарија. Тоа на ЕУ може само да ѝ одговара, оценува Макс Хофман.

https://p.dw.com/p/2Qp4T
Ungarn Referendum
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Ujvari

Оној кој вчеравечер внимателно прислушуваше, можеби ќе можеше да го чуе злобното смеење од зградата на Европската Комисија во Брисел. Јасно дека дури и да беше важечки, унгарскиот референдум немаше да има големо влијание врз текот на европската политика кон бегалците, но вака Виктор Орбан доби удар и од својот народ, а не само од големците на европските институции. Сеењето страв од страна на Орбан дури и во Унгарија не извлече доволен број гласачи на избирачките места.

Целта беше недвосмислена. Унгарците уште еднаш на сите во Европа требаше да им стават до знаење дека не сакаат да примаат бегалци, дури и ако нивниот број, како што вели актуелната состојба, изнесува само 2300. За да му стане јасно на секого во ЕУ тоа го кажаа сите министри, Виктор Орбан и сега тоа требаше да го каже и народот. Само што, повеќето граѓани не беа расположени за тоа. Од околу 45% гласачи кои излегоа на референдумот, огромното мнозинство беше на страната на Орбан. Сепак, ударот од Будимпешта изостана поради тоа што референдумот е неважечки.

Deutsche Welle Studio Brüssel Max Hofmann
Макс ХофманФотографија: DW/B. Riegert

Отапени од пароли?

Која е поуката од овој референдум? Важечки или не, тој во пракса само го покажува она што и онака одамна го знаевме од анкетите (повеќето Унгарци не сакаат да примаат бегалци). Но, тој уште еднаш покажува и дека Виктор Орбан е подготвен да им оди на нерви на своите европски колеги онолку долго додека со тоа не ожнее успех дома. Но, токму таквата тактика се чини сега завршува. Референдумот чинеше околу 40 милиони евра. Орбан ја излепи Унгарија со повици за референдумот. Сепак, вчера не излегоа доволен број гласачи. На дел од Унгарците во меѓувреме веројатно им е преку глава од вечното татнење на Орбан.

Значи, целиот референдум беше всушност само машина за уништување пари, со цел на Брисел уште еднаш симболично да му се покаже дека „не е токму“. Бесмисленото гласање меѓутоа покажа дека полека доаѓа крајот на Орбановата тактика на провокации. За да го задржи дејството на својот популистички коктел, тој постојано одново мора да шири страв од крај на Оксидентот. Со други зборови: тој мора постојано да ја зголемува дозата, како што стори со референдумот, за да го добие посакуваниот ефект. На избирачите сега дозата веројатно им беше премала: мнозинството се чини отапе на постојаните пароли на својот премиер и вчера си остана дома, имало бегалци или не.

Сето зло доаѓа од Брисел

Причината можеби лежи во тоа што Унгарците - за разлика од Британците - сметаат дека членството на нивната земја во ЕУ е добро, барем добри се милијардите кои доаѓаат од Брисел. Затоа Орбан има и две лица. Кога е заедно со другите премиери се обидува малку да соработува. На самитот во Братислава на средината од септември тој зад кулисите даваше поддршка на сѐ, па дури изработи и сопствен концепт - „флексибилна солидарност во бегалската политика“ - но сепак не можеше сѐ да помине без никаква критика. Средбата е неуспешна, рече тој на крајот. Соработката со другите шефови на држави или влади на самитот е едната страна на Орбан, а  критикувањето на сѐ и сешто потоа за домашна употреба е другата страна.

Токму тука лежи и проблемот. Унгарскиот премиер го доведе до перфекција механизмот кој е познат: сето зло доаѓа од Брисел (или Берлин), сѐ што е добро е од сопствената земја. Круг кој се чини функционираше сѐ додека Европската Унија се мачеше да ги одржи работите какви што беа. Но, од референдумот за Брегзит е јасно дека овој начин на постапување со Европа води директно во пропаст. Малку соработка на самитите на ЕУ, а дома создавање атмосфера против заклучоците на Унијата, со сигурност не е пат кој води до целта. Крајно време е Виктор Орбан да го сфати тоа. Пропаднатиот референдум дава надеж дека ова сознание веќе стигнало до свеста на многу унгарски граѓани. За доброто на ЕУ.