1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Администрацијата ќе тужи ако не им се исплати К-15

ДТЗ
10 февруари 2022

Синдикатот на УПОЗ бара да им се исплати регресот за 2020 година. Но, професорот Темелко Ристевски, смета дека за пандемска година, во која се работеше во вонредни околности, се бара „преку леб - погача“.

https://p.dw.com/p/46oop
Mazedonien Land und Leute -  Rentenversicherung Fond in Skopje
Синдикатот на администрацијата бара да им се исплати заостанатиот регрес за 2020 годинаФотографија: DW/ P. Stojanovski

Државната администрацијанајавува тужби доколку не им биде исплатен К-15 за пандемската 2020 година. „Доколку не бидат исплатени над четири милиони евра за регрес за годишен одмор за околу 20.000 вработени, тоа државата би можело да ја чини над 50 милиони евра, средства коишто ќе треба да бидат исплатени за адвокати, судски постапки и за извршители“, вели за ДВ, првиот човек на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски. Ваквото барање тие го изнесоа и на средба со новиот министер за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити. 

Според синдикатот, Алити ветил дека со ребаланс на буџетот ќе бидат обезбедни средства за исплата на регрес за годишен одмор, но и дека на седница на Владата ќе го покрене и прашањето за неисплата на регресот за годишен одмор за 2020 година. 

„Веќе се покренати тужби во граѓанскиот суд за остварување на ова право, а со цел да се спречи дополнително оштетување на буџетот со исплата на адвокатски и судски трошоци“, велат од УПОЗ. Синдикатот нема конретни бројки колку тужби се поднесени досега. Но, доколку не им се излезе во пресрет на барањето од 2023 година, тие најавуваат дека ќе ги охрабрат членовите да поднесуваат тужби во што поголем број. 

Законски, но дали е етички? 

Регресот за годишен одмор за 2020 и 2022 година е право кое на вработените во државната администрација им следува согласно Гранскиот колективен договор. Но, во Буџетот за 2022 година, не се предвидени средства за исплата на популарното К-15, а за 2020 година регресот воопшто не беше исплатен. 

Symbolbild Akten Dokumente Bürokratie
„Правно државата мора да ги исплати средствата за регрес, но етички апсолутно нема оправданост ваквото барање“, вели професорот Темелко Ристевски.Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

„Правно државата мора да ги исплати средствата за регрес, но етички апсолутно нема оправданост ваквото барање“, вели за ДВ професорот по управно и уставно право, Темелко Ристевски. Тој смета дека во услови на пандемија, треба да се има слух и разбирање дека државата се соочува со големи предизвици за справување со последиците од кризата. Според него, согласно Законот за облигациони односи, ако се оди на едно екстензивно толкување на законите, тогаш оние што ќе се одлучат да ја тужат државата, тешко дека би можеле да добијат на суд.  

Државната администрација, не само што за време на пандемијата не одеше на работа, туку и одмараше. Тие не правеа секојдневни трошоци за одење на работа и слично. Да се потсетиме само дека имаше и уредба со која беше регулирано дека тие што не одат на работа поради пандемијата, дека тие денови ќе им се пресметаат како дел од годишниот одмор“, вели Ристевски.

Владата во април 2020 година донесе уредба со која за оние вработени во јавниот сектор кои беа ослободени од извршување на работа и работни задачи, беше предвидено неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година, да им се смета за искористен. 

Преку леб-погача 

Според професорот Ристевски, во нормални услови на живот и работа, државата мора да ги исплаќа средствата за регрес на работници. „Но, во услови на пандемија, кога државната администрација во одреден период била привилегирана со неодење на работа, сега се бара од леб-погача“, дециден е Ристевски. 

Пандемската 2020 година влијаеше сериозно врз работата на администрацијата. По одлуката на претседателот Стево Пендаровски од 18 март 2020 година, за прогласување на вонредна состојба во земјата поради пандемијата, следуваше воведување на полициски час. Во согласност со препораките на СЗО и на Комисијата за заразни болести, Владата на 11 март 2020 година ги затвори сите градинки, основни и средни училишта, како и високообразовните институции.Истовремено, беа пропишани посебни услови за работа и рестриктивни мерки за работење и движење кои го поместија редовното работење на сите субјекти, како од јавниот, така и од приватниот сектор. 

-повеќе на темата: Администрацијата со повластен однос - во петок да работи само 4 часа

Па така, во март 2020 година со цел да се спречи ширење на вирусот, Владата донесе одлука административците да работат од дома. Дел од нив се вратија на работа во јуни, но голем број и понатаму беа ослободени од одење на работа, како бремените жени, хронично болни, како и родителите на деца до 10 години. Владата неколкупати даваше препораки административците целосно да се вратат на работа, но поради влошување на епидемиолошката состојба, беше повлекувана таквата препорака. Поради тоа, државните институции за време на пандемијата работеа со ротации на вработените и во смени. 

Nord-Mazedonien Skopje | Pressekonferenz Jeton Sakiri
Примената на мерките за заштита од коронавирусот за работата во турнуси, отсуствата поради вирусна зараза или изолација, предизвикаа големо влијание врз динамиката на работењето на администрацијатаФотографија: Government of North Macedonia

„Примената на мерките за заштита од коронавирусот за работата во турнуси, отсуствата поради вирусна зараза или изолација (карантин), предизвикаа големо влијание врз динамиката на работењето и пролонгирање на планираните активности и веќе започнатите проекти. Имено, институциите мораа да обезбедат поголема флексибилност во организирањето на работата, а државната администрација со соочи со предизвикот да работи од дома“, се нотира и во годишниот извештај на МИОА за стратегијата за реформа на јавната администрација (2018 -2020). Во него се заклучува дека од вкупно 108 активности во периодот јануари – декември 2020 година, целосно спроведени биле 19 активности, во тек на спроведување биле 24 активности, а доцнеле со реализација 65 активности. Зададената временска рамка за 2020 година била 18% реализирана.