1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров го поканил Ким Јонг Ун да ја посети Русија

ЖА / агенции
31 мај 2018

Рускиот министер за надворешни работи престојува во Пјонгјанг, каде разговарал со лидерот Ким Јонг Ун околу севернокорејската атомска програма. Продолжуваат подготовки за можен самит Трамп-Ким Јонг Ун.

https://p.dw.com/p/2yhRm
Nordkorea Pjöngjang Sergej Lwrow trifft Kim Jung Un
Фотографија: Getty Images/AFP/V. Sharifulin

На својата средба со севенокорејскиот лидер во Пјонгјанг, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го поканил Ким Јонг Ун да ја посети Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Од Москва се соопштува дека тема на разговорите меѓу Лавров и Ким Јонг Ун е севернокорејската атомска програма и прашања поврзани со билатералните односи.

Посетата на Лавров се случува среде подготовките за можен  самит помеѓу севернокорејскиот лидер и американскиот претседател,  што Доналд Трамп официјално го откажа, но потоа ретерираше.

Американскиот министер за надворешни работи синоќа во Њујорк го примил севернокорејскиот генерал Ким Јонг Чол, со кого денеска ќе има натамошни разговори. Ким е заменик-претседател на Централниот комитет на севернокорејската Работничка партија и близок соработник на севернокорејскиот лидер и главен командант на армијата, Ким Јонг Ун. Генералот е највисок по ранг севернокорејески функционер кој по 18 години престојува во САД.

Истакнат американски дипломат изјави дека разговорите на пратеникот од Пјонгјанг се во функција на евентуално одржување самит меѓу американскиот претседател и севернокорејскиот властродржец, првично планиран за 12. јуни во Сингапур. „Доколку самитот се одржи, Севернокорејците мора да кажат јасно на кои чекори се спремни“, изјавил дипломатот. Тема на историската средба би требало да биде разградувањето на севернокорејската атомска програма.  САД инсистираат на целосно и проверливо денуклеизирање на Северна Кореја, а за возврат нудат економски олеснувања. Пјонгјанг има поинакво гледиште за денуклеизацијата - набљудувачите сметаат дека Северна Кореја нема да биде подготвена да се откаже од својата атомска програма без добивање безбедносни гаранции од САД. Вашингтон во меѓувреме е спремен на одредени отстапки во таа насока, тврди американски дипломат.