1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што би можеле да се договорат Трамп и Ким?

Михаел Книге
23 мај 2018

Планираниот, а сепак неизвесен, самит САД-Северна Кореја отвора многу прашања. Кој ќе биде подобро подготвен? Поранешниот специјален пратеник на САД за Северна Кореја и аналитичари ја анализираат претстојната средба.

https://p.dw.com/p/2y7HX
Südkorea TV Donald Trump, Kim Jong Un
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Young-joon

Што во најдобар случај би можело да произлезе од самитот на Доналд Трамп и Ким Јонг Ун?

Роберт Кинг, американски специјален пратеник за прашања на човековите права во Северна Кореја од 2009 до 2017 година:

Во најдобриот случај двете страни со овие разговори би почнале одржлив обид за денуклеаризација и подобрување на односите. Проблемите во врска со тоа се комплексни. Недовербата на двете страни е присутна одамна и е голема. Разликите сигурно не можат да се надминат на една единствена средба. Затоа, сценариото на Џон Болтон за итна денуклеаризација на Северна Кореја е нереална. Нема јасни укажувања за тоа што би можеле да сторат САД за да ја задоволат Северна Кореја или на каков поттик би биле решени за Северна Кореја да работи на денуклеаризација.

Александра Бел, директор во Центарот за контрола и неширење на оружје

Ако од самитот произлезе нешто како договорот за Иран, тогаш тоа било исто толку позитивно, колку и парадоксално. Мора да се биде начисто дека за да се договори такво нешто се потребни месеци, ако не и години и дека тоа би бил најкомпликуваниот договор за неширење нуклеарно оружје кој воопшто некогаш е договорен.

Џошуа Полак, издавач на The Nonproliferation Review, Џејмс Мартин Центар за студии за неширење на оружје

Најдобриот случај кој можам да си го претставам е една про-форма средба на која ќе биде инициран преговарачки процес, а не на која таков процес би бил веднаш завршен.

Еванс Ривир, поранешен заменик шеф на мисија во американската амбасада во Сеул, раководител на одделот Кореја во американското МНР и порано главна врска на американската влада со Северна Кореја

„Најдобриот“ е истовремено и најневеројатниот случај, а тоа би била средба на која Ким Јонг Ун би се согласил со денуклеаризација каква што ја дефинираат САД. Тоа би значело дека тој би морало веднаш да пристапи кон уништување на одредени ресурси, објекти, оружје, делив материјал (што се добива како резултат на нуклеарна фисија, н.з.). Истовремено, би морал да прифати временски план за комплетно завршување на неговата нуклеарна програма и да се согласи со преговарачки процес со САД, кој има за цел постигнување договор за денуклеаризација и истовремено ги тематаизира техничките детали.

Што во најлош случај би можело да произлезе од самитот?

Кинг: Во најлош случај Трамп на оваа средба би гледал како на уникатен настан, на кој САД ги презентираат своите максимални барања за севернокорејска денуклеаризација. Разговорите би можеле да бидат прекинати веднаш, доколку другата страна се спротивставува на ваквите барања. Но, самитот барем би можел да биде единствена можност за завршување на непријателствата на двете страни и за создавање однос кој навистина би водел кон денуклеаризација.

Бел: Најлошо би било ако двајцата учесници на овој самит се разделат разочарани и бесни. Тогаш повторно би биле на истата точка како пред Олимписките игри.

Полак: Најлош случај би бил ако средбата ги потенцира само разликите и доведе до грубо завршување на процесот.

Ривир: Во најлош случај севернокорејскиот лидер би се спротивставил на денуклеаризација, доколку САД претходно не преземат чекори кои не сакаат или не можат да ги преземат (на пример завршување на американско-јужнокорејската алијанса или повлекување на американските трупи). И, доколку самитот заврши со меѓусебни обвинувања и доколку американскиот претседател размислува за воени опации во врска со нуклеарната закана од страна на Северна Кореја.

Karikatur von Vladdo Die Show von Mai
Карикатура на Владо за претстојната средба Трамп-Ким

Сметате ли дека Трамп и Ким ќе се подготват соодветно за самитот?

Кинг: Серизно се сомневам дека Трамп ќе биде соодветно подготвен за средбата. Нормално, соработниците на пониските нивоа подготвуваат вакви средби и ги испитуваат можностите за соработка. Тие многу внимателно се обидуваат да ги лоцираат заедничките интереси и сомнежи. Без вакви подготовки може да дојде до големи недоразбирања. Преговори со самоуверен млад лидер на една суверена нација се нешто сосема поинакво отколку средба меѓу еден градежен претприемач и неговите потенцијални партнери или финансиери.

Бел: Вакви шанси не се добиваат често. Затоа, би било штета доколку американската влада не ги заврши домашните задачи со цел да овозможи барем некаков успех. Ова е првото Трампово нуклеарно родео-јавање и целта е поставена прилично високо.

Полак: Доколку самитот навистина се одржи, Ким ќе биде подготвен најдобро што е можно и своите зборови ќе ги избира внимателно. Трамп, наспроти тоа, ќе се „протне“. Така функционираат двајцата. Трамп не прифаќа совети од своите соработници.

Ривир: За американскиот претседател не би можел да зборувам. Познато е дека тој не држи до брифинзи и детали. За Ким пак на коцка е судбината на неговата земја, па тој без сомневање ќе биде добро подготвен.

Повеќе: 

Грижи околу самитот САД-Северна Кореја

Северна Кореја најави прекин на нуклеарните и ракетните тестови

Има ли историски пример за земја како Северна Кореја, која се откажала од своето целосно функционално нуклеарно оружје?

Кинг: Не постои историски пример, ниту за денуклеаризација каква што САД ја бараат од Северна Кореја, ниту пак за поттик или безбедност каква што за возврат САД би можеле да ѝ ја понудат на Северна Кореја за да го натераат Ким да се согласи.

Бел: Досега ниту една земја не се откажала од својата целосно функционална програма за нуклеарно оружје - освен Јужноафриканската Република, а таа тоа го стори доброволно.

Полак: Такво нешто досега немало. Може да се помисли на Либија, но ако се биде искрен - Либија и немаше нукеларна програма која го заслужува тоа име. Или може да се помисли на поранешните советски републики, но и тоа не одговара. По распадот на СССР, Украина, Казахстан и Белорусија ѝ дозволија на Русија да ги отстрани сите нуклеарни боеви глави од нивните територии. И Јужноафриканската Република беше сосема поинаков модел. Таа од својот арсенал се откажа сосема тивко и тајно и дури подоцна призна дека воопшто имала такво нешто. Меѓутоа, до денес поседува резерви на облагороден уран од кој може да се направи оружје.

Ривир: Јужноафриканската Република, Украина или другите поранешни советски републики - ниту еден од овие примери не е сличен со оној на Северна Кореја.