1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја најави крај на атомските и ракетните тестови

ЕМФ /агенции
21 април 2018

Непосредно пред одржувањето на самитот со јужнокорејскиот претседател Мун, севернокорејскиот властодржец Ким најави прекин на атомските и ракетните тестови и затворање на еден полигон за тестирање, јави агенцијата КЦНА.

https://p.dw.com/p/2wR5Z
Nordkorea Missile Tests
Фотографија: picture-alliance/dpa

Одлуката за прекин на тестовите и затворање на полигонот била донесена на Собранието на Централниот комитет на владејачката партија, јавува севернокорејската државна агенција КЦНА. На средбата се дебатирало за „нова ера“ во политиката.

„Од 21 април Северна Кореја ќе запре со нуклеарните тестови и лансирањето балистички интерконтинентални ракети“, се вели во извештајот на КЦНА. Ким, според оваа информација, изјавил дека неговата земја нема потреба од натамошни нуклеарни тестови и тестови на интерконтинентални ракети и дека нуклеарното вооружување е успешно завршено.

Затворањето на полигонот за тестови би требало да послужи како потврда за волјата за прекинување на атомските тестови, јавува КЦНА. На полигонот од 2006 година биле изведени шест нуклеарни тестови.

Kim Jong Un Neujahrsansprache 2018
Ким Јонг Ун изјавил дека неговата земја нема потреба од натамошни нуклеарни тестови Фотографија: picture-alliance/AP/A. Young-joon

Освен тоа, на Собранието на Централниот комитет бил навестен и нов политички курс со кој изолираната земја има намера во иднина да се концентрира на развој на, од меѓународните санкции, ослабнатата економија. Северна Кореа најавува дека сака со дијалог со меѓународната заедница да постигне мир и економски пораст.

Повеќе:

Трамп: Ако средбата со Ким не е плодна, си заминувам

Двете Кореи договорија самит за април

Јужна Кореја го поздрави ваквиот чекор на Северна Кореја. Ова е „значаен напредок“ на патот до нуклеарно разоружување на Корејскиот Полуостров, соопшти соработник во кабинетот на јужнокорејскиот претседател Мун Џае  Ин. Според него, со ова се подобруваат изгледите за успешни разговори меѓу Сеул, Пјонгјанг и Вашингтон. Најавата на Северна Кореја доаѓа една недела пред самитот на Мун и Ким во пограничното место Панмунџом. Од крајот на Корејската војна во 1953 година одржани се два меѓукорејски самита - во јуни 2000. и во октомври 2007. година. Двата самита се одржаа во Пјонгјанг.