1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Легализација на канабисот во Германија

Матијас фон Хајн
27 ноември 2021

Пушењето марихуана во Германија наскоро би можело да биде целосно декриминализирано. Новата влада со тоа би направила крупен напредок, согласно со општествената реалност, смета Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/43Mmx
Deutschland Protestaktion Kiffen für legalen Cannabis-Konsum in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Во размислувањата околу смислата или бесмисленоста на забраната на канабисот, би сакал да ве поканам да учествувате во мал експеримент: замислете да влезете во некој супермаркет и сакате да купите некој алкохол. Но, на полиците стојат само шишиња без етикети. Во најдобар случај, формата на шишињата, можеби и бојата на течноста навестуваат што се наоѓа во нив. Можеби е тоа виски стар 20 години, можеби блуткаво пиво, можеби домашна ракија од која ќе ослепите. И уште нешто – супермаркетот се наоѓа во една од најмрачните и најопасни улици во градот.

Јасно е дека ваква трговија никому не помага, ни на јавното здравство, а ниту на заштита на младината. Но, вака некако изгледа моментната ситуација во која се наоѓаат корисниците на канабис. Анкетите откриваат дека во Германија отприлика една третина од граѓаните барем еднаш во животот консумирале илегални дроги.  Канабисот е убедливо најраширена. Досега застареното законодавство буквално ги присилуваше оние кои сакаат да пушат „тревка“ да се снабдуваат на криминалниот, нетранспарентен црн пазар. Без никаква контрола на квалитет на понудената стока, без сознание што се наоѓа во дрогата, каква е нејзината „смеса“, дали е „разредена“, а за тоа време организирани криминалци трупаат пари во своите џебови.

Војната против дроги е војна против корисниците

Освен тоа, не смее да се заборави заканата со санкции. А тоа не се само празни зборови, покажуваат и новите податоци на Сојузната служба за борба против криминалот за состојбата во  Германија во поглед на опојни дроги: од околу 400.000 регистрирани деликти во рубриката „дроги“, околу три четвртини се поврзани со консумирање и деликти во врска со користење.

И самиот податок покажува дека војната против  дроги во Германија  всушност првенствено е војна против корисниците на дроги. А тоа е војна со значителни колатерални штети, војна во која е невозможно да се победи. Колку е апсурдна целта – општество без дроги, покажува и фактот дека дрогите се достапни дури и во тоталитарни општества или во затвори. Аргументите кои одат во прилог на политиката на забрана на дроги звучат отприлика исто како кога политичарите кои се занимаваат со здравството би рекле дека во борбата против половите болести и инфекции со ХИВ треба да се стави фокус на апстиненција. Тоа е додуша сигурно најдобар начин на заштита од зараза, но ретки се оние кои навистина сакаат да живеат како апстиненти. Помага само делење кондоми или просветителска работа околу темата полови активности.

DW Kommentarbild Matthias von Hein
Матијас фон Хајн, автор на коментарот

Затоа е добра веста дека „семафор-коалицијата“ очигледно се договорила околу легализација и регулација на канабисот. Тоа беше очекуван чекор, позициите на социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП) по ова прашање беа релативно слични и пред сојузните избори. Но, таа одлука воедно претставува и напуштање на заостанатите, застарени догми, тоа е прифаќање на комплексната стварност. А таа реалност изгледа и вака: без оглед на забраната, „тревката“ масовно се консумира, посебно кај младите, значи токму онаа популација која заговорниците на прохибиција сакаат да ја заштитат со својата пропадната политика на забрани.

Бум на производството на медицинска марихуана

Канабисот одамна стана составен дел од германското општество. Модерната политика во поглед на дрогите се обидува да се справува со ситуацијата на интелигентен начин, таа не ги криминализира консументите, туку ги штити. Таа поттикнува просветителска работа околу ризиците од консумирање дроги, нуди помош во случај на потреба. Секако дека канабисот не е безопасна работа, како и секоја друга супстанција која содржи делови кои имаат одредено влијание на организмот на консументот, користењето канабис со себе носи и ризици, па и нуспојави.

Но, луѓето би можеле да научат како да се справуваат со тие ризици. Би можеле да стекнат одредена компетенција во поглед на дрогите,  токму онака како што тоа успеваат и мнозинството луѓе во врска со алкохолот. Или исто онака како што тоа го прави мнозинството корисници на марихуаната. Таа компетенција најдобро успева во опкружување во кое не доминираат табуа и закани со казни. Во опкружување во кое дрогите не се сатанизираат паушално, туку со прагматичен поглед се прифаќаат и опасностите, а тие имаат и позитивни страни, уживање, спознавање, екстаза,  оздравување. Станува збор за минимизирање на ризиците.

Самофинансирање на превенцијата

Затоа е исправен пристапот кој нуди декриминализација, и тоа не само на консумирањето. Корисниците на канабис мора да имаат легални и сигурни можности за негово набавување. А како трикратен татко можам да речам: подраго ми е ако државата, или дуќаните кои ги контролира државата, настапуваат како трговци, отколку некои членови на организиран криминал. Државата преку легализација и регулација би можела да собере пари за финансирање на сѐопфатни програми за превенција и помош. Една нова студија на Универзитетот Диселдорф пресмета дека приходите кои би се оствариле од оданочување на канабисот и заштедата во поглед на кривичниот прогон, би можеле да изнесуваат околу пет милијарди евра. 

Легализацијата на канабис не е само здравствена тема, туку во суштина и тема која се однесува на граѓанските права. Општество кое се гордее со диверзитет, би морало да го издржи и фактот дека некој по напорниот работен ден ќе се „заслади“ и со еден џоинт.