1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лет во место на ЕУ и Кина

Бернд Ригерт
15 септември 2020

ЕУ покажа самодоверба на видео-конференцијата со Пекинг, но кинеското раководство не направи препознатливи отстапки. Коментар на Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3iTg8
Bundeskanzlerin Merkel in China
Средба „во живо“ на Меркел и Ши пред една година во Пекинг - така требаше да биде и во Лајпциг, но плановите ги поремети пандемијатаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Германската канцеларка, која во моментов е претседавач со ЕУ, всушност може да и’ биде благодарна на судбината. Пандемијата спречи средба „во живо“ во Лајпциг со кинескиот властодржец Ши Џинпинг, кој се нарекува „извонреден лидер“, и 27-те земји членки на ЕУ. Овој прв ЕУ-Кина самит во голем формат требаше да биде круна на претседавањето на Меркел со ЕУ, а ќе се претвореше во непријатен дебакл. Зашто, парадата во Лајпциг немаше да донесе резултати, или ако се земе како мерило она што вчера произлезе од видео-конференцијата на ЕУ-институциите со Ши Џинпинг - малку, многу малку.

Политичките односи на ЕУ со Кина се затегнати како ретко кога досега. Пекинг ја задушува демократијата во Хонгконг, во Шинџијанг се потиснува муслиманското малцинство, Тајван е соочен со закани, во Јужнокинеското Море ѕвечкаат сабји, а авторитарниот претседател Ши не се грижи ниту за слободата на мислење и човековите права. Тројцата претставници на ЕУ, Шерл Мишел како претседател на Советот на ЕУ, Урсула фон дер Лајен како претседателка на Европската комисија и Ангела Меркел како претседавач на ЕУ во оваа половина година, ги отворија жешките теми - тоа им е обврска. Но, Кина не го смени ставот за ниту една од нив.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Европа сака да се вклучи во играта

Шарл Мишел речиси пркосно побара „избалансиран“ однос. Европа е „соиграч“ на светската бина, а не само „терен за игра“. Тоа тешко дека ќе го потресе кинескиот лидер Ши Џинпинг. Кина е еднопартиска диктатура, која нема ништо со западните вредности. Политичките системи на ЕУ и Кина се баждарени на конкуренција, не на соработка.

Кинеската сила произлегува од нејзината економска сила и неверојатно брзиот развој во изминатите децении. Ангела Меркел и самата признава дека Кина станала многу посилна и дека затоа мора да се третира како јасен конкурент. Трговијата со ЕУ е тројно зголемена во изминатите 15 години. Кина е за Германија трет по големина пазар за извоз и важен доставувач. Зависноста, меѓутоа, е меѓусебна. Кина има потреба од ЕУ како продажен пазар.

Сепак, тројцата претставници на ЕУ овојпат се обидоа да настапат со поголема самодоверба и не го криеја својот долг список барања во економската сфера и климатската политика. ЕУ успеа да изгради релативно единствен фронт пред телефонскиот разговор со Ши. Вклучително и Италија, која е единствена ЕУ-земја која директно учествува во кинескиот инфраструктурен проект „Нов пат на свилата“.

Пекинг и натаму ги отфрла барањата за подобар пристап до пазарот и инвестициска заштита за ЕУ-компаниите во Кина. Договор за ова, кој според првичните планови требаше да се потпише во Лајпциг, годинава нема да се случи.

На ЕУ и’ се потребни Кина и САД

Европејците мудро избегнаа да се стават на страната на едниот или другиот во трговската војна на САД и Кина. Кога два економски џина се борат со царини и санкции, ЕУ треба да е воздржана. Патот што го одбра американскиот претседател Трамп е сигурно погрешен. На ЕУ, за да се опорави економски по пандемијата, и’ се потребни и Кина и САД. Тоа особено важи за германската автоиндустрија.

И, кога сме кај пандемијата - додека Белата куќа зборува за чума од Кина, ЕУ се воздржува од обвинувања. Но, таа не треба да попушти во барањата за независна истрага од страна на Светската здравствена организација. Сомнежите дека Кина рано сфатила дека се работи за коронавирус и дека тоа долго време го минимизирала, не се демантирани.

Лозарите може да прослават

По овој самит останува заклучокот дека двете страни ќе продолжат да следат сопствени интереси, пред се’ од економската сфера. ЕУ нема да ја отстрани диктатурата во Кина. Кина нема да го натера Западот да отстапи од своите принципи. Долгорочно, ЕУ би требало позасилено отколку досега да бара трговски патишта и пазари и во други делови од Азија.

Еден договор е сепак потпишан. Направен е прв чекор кон заштита на потеклото на производите од ЕУ. Германското вино и грчкото сирење веќе не смеат да се фалсификуваат во Кина, а потоа да се продаваат преку увозници од Азија или САД. Фета-производителите и лозарите може да прослават.

Значи, генерално, самитот со „извонредниот лидер“ и не беше толку извонреден. Продолжението следува, ветува ЕУ.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема