Македонците - систематични само кога мразат
8 јули 2019„Се грижеше светот да не подиви, да не нѐ обрасне коров”, напиша Миљенко Јерговиќ пред два дена во својот омаж за Борка Павичевиќ. Тоа е навистина суштината на поимот хуманост и морален интегритет. Затоа и целата Кантова етика е фокусирана токму врз таа премиса. Дека хуманоста е можна само кога моралниот закон ќе биде вграден во свеста и во постапките на човекот. Од тоа се раѓа совесноста и одговорноста во постапувањето на една личност. Нема демократско општество без хуманост и морален интегритет. Демократијата не настапува автоматски со револуциите и со протестите. За неа е потребен долг и макотрпен пат на политичка, социјална, етичка, културна и образовна преобразба на целото општество. За тоа се потребни личности кои имаат силен морален интегритет, со што тие стануваат пример за сите други. Личности како Борка Павичевиќ, како Стефан Сидовски, како Горан Стефановски. Тие сиот свој живот го посветија на една цел. Затоа што имаат мерка и компас, тие пред другите со своите дела сведочат што е хуманоста.
Првиот симптом дека едно општество почнува да ја губи мерката и компасот е кризата во културата. Инвазијата од кич со „Скопје 2014” е само еден од сегментите на долготрајната културна стагнација во македонското општество. Кичот и пропагандната уметност се само видливиот белег на идеологијата која прави многу поголем пустош во умот и мислењето на луѓето. Декаденцијата во културата е секогаш само симптом на моралната деградација. Корупцијата која го следеше проектот на „антиквизацијата” само ја потврдува таа стара вистина. Културата е секогаш сеизмограф за моралниот и идејниот интегритет на едно општество. Македонското општество веќе одамна живее во криза не само на културните, туку на сите вредности. Горан Стефановски уште пред четири години го изрече тоа сознание на нему својствениот благ начин во есејот „Пофалба на обратноста”. Не случајно есејот тој го започнува со описот на роденденска прослава во една фамилија. Во неа возрасните, наместо да слават, се караат за политика. Тие не сакаат од него да научат ништо ново. Тие сакаат тој да се „определи”. Да застане во редицата, да фати „позиција”, кај едната или кај другата страна. А тој вели дека такво нешто е невозможно. Затоа што вистината не е ни кај едните, ни кај другите. Ама тие тоа не го дозволуваат. И сосем е разбирливо што со гостинот, дојден од далеку, во есејот разговара само детето. Возрасните се затворени во својот „маѓепсан круг од омраза и гнев”. Горан Стефановски се обиде во луцидниот есеј да им укаже на своите сонародници каде е патот. И им го даде компасот в рака со тоа што укажа на ослободувачката сила на човечноста, на сочувството, на љубовта и на стремежот за мир. Ползувајќи ја Шекспировата мудрост од „Ромео и Јулија”, Горан во тој есеј укажа дека во светот во кој владее омразата, нема место за љубовта. Затоа во состојбата на расцеп љубовта го избира единствениот можен пат – смртта. Тој со тоа им покажа на Македонците дека беспаќето во кое Македонија талка веќе со години може да биде катастрофално. Малкумина вистински ја разбраа тогаш таа порака. На многумина таа им беше премногу филозофска, премногу млака, премногу „гандиевска”. Затоа не разбраа дека светот подивува кога ќе ја изгуби мерката и компасот – најчесто во омразата кон Другиот. Во омразата „закоравуваат” и умот и срцето на човека. Ако сте биле само половина час во „македонската јавност” на Фејсбук, тогаш знаете како изгледа тој коров.
Школски пример за расцеп
Често моите сонардници ги доживувам како народ во длабок расцеп. А народ во расцеп, нема иднина. Ниту неговите дела можат да бидат трајни. Ние, Македонците, сме воспитувани со страв и недоверба кон сите – кон соседите, кон Големите сили, кон Европа. Со тој страв ја градиме сликата за светот. Ние не сме во светот во таа слика. Оти сиот свет е против Македонците. Во тоа сме уверени, до фанатичност. Напамет ги учевме „вечните апетити“ на соседите. Тие, можеби, се присутни и денес кај некои реакционерни умови во соседните држави. Но, тоа не значи дека Македонците мора вечно да живеат со стравот од нив. Македонија, и како Република Северна Македонија, има за првпат шанса во историјата да учествува во сите преговори и договори за нејзината иднина. Тоа е суштинскиот белег на секоја државна сувереност. Зошто најголемиот дел од Македонците уште живее со страв, небаре нема своја држава? Затоа што многумина уште не се соочиле со минатото на критички начин. Ние, родените во Југославија, долго верувавме дека Македонија била некаква митолошка „Каинавелија” (Славко Јаневски), во која братот го јадел брата си, само во минатото. Затоа што тогаш народот не бил просветен. На часовите по историја учевме дека само затоа пропагандите на соседите можеле да „сеат” раздор меѓу Македонците. Само така можевме да си објасниме, зошто во долгата борба за ослободување од турската власт Македонците се убивале или се предавале едни со други, дури и кога биле соборци.
Денес сѐ повеќе се уверувам дека ако сакаме да го разбереме минатото на Македонците, треба да се соочиме со сегашноста. Затоа што некои од нив и денес се однесуваат слично како и пред еден век. Не затоа што ситуацијата останала вековито непроменета. Впрочем, денес тие живеат во своја држава. Тие денес напати се однесуваат исто како и пред еден век (кога немале држава!) само затоа што забораваат дека денес имаат своја држава. И за неа се одговорни тие самите! А тие уште се заробени во сликата за „вечниот враг” на Македонците. Само што сега тој „враг” е другиот Македонец. Тој е „виновникот”, а тие, другите Македонци, оние со друга партиска и политичка ориентација, се „жртвата”. Дури и по цена на дестабилизација на државата, опозицијата ѝ посакува пораз на позицијата. Тие се кадарни и пред меѓународната заедница да ги оцрнуваат своите политички противници. Само за да се прикажат себеси како „големи Европејци”, додека дома ги хранат партиските поданици со најбедната националистичка пропаганда против истата Европа. Тие длабоко во себе, од омраза кон партиските противници, си посакуваат Македонија да не добие сега датум за почеток на преговорите со ЕУ. Затоа што се уверени дека тоа е само пораз на противникот, на актуелната владеачка коалиција. А забораваат во својата фанатична омраза дека тоа би било и нивен пораз. Недобивањето датум би било пораз за секој македонски граѓанин. Може ли да се замисли поголема самодеструктивност и недостиг на чувство за државотворност кај една партија, која, притоа, е уверена дека ги заштитува националните интереси? Таквите политичари се ужаснати од промената на името на државата. Ама затоа прават сѐ таа држава да остане и понатаму во криза и нестабилност. Што, тогаш, тие спасуваат? И не е ли ова однесување школски пример за расцеп?
Секој е гневен на некого
Сѐ повеќе се уверувам дека Македонците се чувствуваат најсилни само во омразата кон другиот Македонец. Небаре победата на едниот да е пораз на другиот Македонец. Изминатава година покажа дека ако во нешто Македонците се совршени, тогаш тоа е дарбата да мразат и да се потсмеваат на сѐ што не го направиле тие самите. Колку и да се неорганизирани во другите нешта во животот, во омразата, во потсмевот и презирот кон сонародникот, Македонците се систематични. Денес во Македонија се чини дека секој секого мрази. Дека секој е гневен на некого. Немир и страв, гнев и подбив, невера и скепса владее со животот. Сите веруваат дека имаат причина за гнев и омраза. Роднините се скарани заради промената на името со Преспанскиот договор. Партиите сеат омраза – пак заради името и Договорот. „Патриотите” ги мразат „предавниците”. Крадците и арамиите се „култивираат” себеси во лажна опозиција. Го критикуваат Преспанскиот договор, а во душата се благодарни што дојде до него, за да имаат за што да се „пазарат” со власта. За да останат засекогаш недопрени од законот.
Други колумни од авторката:
Македонските стереотипи за „дијаспора”
Улици и за деца - келнски летни медитации
Зошто Македонците не можат да излезат од тој маѓепсан круг на омразата еден кон друг? Затоа што никогаш вистински не се соочиле со себеси и со своето минато. За да се променат, тие треба да престанат да ги повторуваат грешките од минатото. Ако еднаш сфатат дека неединството, подложноста на пропагандите на соседите била трагичната слабост на Македонците во минатото, тие ќе можат да го променат своето однесување. За тоа е неопходно критичко соочување со минатото. Тоа не се случува со спомениците со кои се сопнуваат на секој чекор граѓаните во Скопје. Спомениците се само декор и пропаганда. Со нив не се создава критичка мисла. Затоа што со нив минатото се сакрализира и разубавува, но не се надминува. А минатото започнува да се надминува со сознанието дека сегашноста не може да го оствари својот потенцијал, пред критички да го обработи наследството од минатото - негативното и позитивното.
Реален е немирот на генерациите кои пораснаа во транзицијата. Токму со нивниот немир и очај манипулира националистичката пропаганда на опозицијата. Но, гневот на младите Македонци го предизвикува и нерешителноста на актуелната македонска влада вистински да се зафати со реформите. Еден умен млад човек во Скопје, кој е задоволен од својата работа, ми рече дека ако воопшто некогаш помислува, заедно со фамилијата, да ја напушти Македонија, тогаш тоа е затоа што веќе не може да издржи да живее со духот што владее во македонското општество. „Животот е преполн со немир, со гнев. Што од тоа ако имаш пари, кога, ако се разболиш, немаш добро здравство? Имаш здравствено осигурување, но мораш да се лечиш во приватни болници. Затоа што државните се катастрофа! Сакаш на децата да им обезбедиш добро образование. Но, на кои факултети? На македонските? Никогаш!”
Да се работеше како што се мрази...
Тоа е македонската реалност. Таа е длабоко раслоена и трагична. Таа може да почне да се менува. Но за тоа се потребни решителни, коренити и долготрајни реформи. Тоа сигурно нема да се случи со омраза и гнев на Македонците едни кон други. Време е Македонците да се обидат да ја надминат улогата на „жртва” на историјата. Тоа ќе се случи најбрзо ако почнат сите да се грижат за државата - од политичарите до последниот граѓанин. Дури и кога Македонија би станала утре членка на ЕУ, македонското општество, државата ќе ја градат со сопствен труд само македонските граѓани. Никој друг нема да го стори тоа за нив. За тоа треба сите да почнат да работат. Во најобичната смисла, од која зависи благосостојбата во сите нормални општества – со посветеност и труд. Да ја трошеа многу од Македонците и досега енергијата што ја вложуваа во омразата кон другите во работа, Македонија денес ќе беше рајска градина.