1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Марксистички митови: Зошто Бугарија се кара со Македонија

Георги Ангелов
7 декември 2020

Митовите во бугарската историја не се малубројни. Некои од нив се засноваат на идеологијата на марксизмот, која е темелот и за актуелниот спор со Северна Македонија. Коментар на Георги Ангелов.

https://p.dw.com/p/3mIpd
Bulgarien Todor Schiwkow
Фотографија: BGNES

Северна Македонија се чини дека е на пат да се раздели со дел од своите историски митови под притисок на Бугарија. Такви најави дава премиерот Зоран Заев. Причината за ваквиот пресврт е што Бугарија го блокира почетокот на преговорите на поранешната југословенска република за пристап во ЕУ. Процесот во Скопје тече болно и драматично.

Околу 2.000 луѓе учествуваа на антивладин протест поради изјавите на премиерот Зоран Заев за БГНЕС дека Бугарија е пријател на неговата земја, а не „фашистичка држава“. Дури и претседателот Стево Пендаровски, кој беше номиниран од партијата на Заев, исто така ги критикуваше неговите забелешки. Тој рече дека спорот со Бугарија може да се реши само со почитување на достоинството на македонскиот народ и дека антифашистичката борба е „во основата на современата македонска држава“.

Митови и идеологии

Ваквиот став на елитата и на голем дел од македонското население очигледно е вкоренет во југословенското минато на Македонија, во чие идеолошко опкружување пораснаа и се образуваа неколку генерации.

Односот кон Северна Македонија, и воопшто кон историјата, во Бугарија е сличен и се заснова на идеологија што требаше да биде заборавена, па дури и  забранета со закон. Митовите во бугарската историја не се малубројни. Можеме да започнеме со претставата за протобугарите, „турското ропство“, тоа дека Русија „отсекогаш била пријател на Бугарија“… 

-повеќе на темата: Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков

Коренот на оваа мисловна парадигма можеме да ја бараме во општеството и во упорноста да се даваат објаснувања за историските настани од антиката до денес преку идејата за нацијата, која пак е од 19 век - т.е. од нашето блиско минато.

Историја Идеологија?

Најсолидниот извор, „Библијата“ за бугарската историја, врз која се разработени учебниците од неколку генерации, е повеќетомната историја на Бугарската академија на науките (БАН). Врз основа на тоа, и знаењето за историјата и светогледот на мнозинството Бугари и политичари е изградено врз овие томови. Првиот том е отпечатен во 1979 година, а седмиот во 1991. Потоа се објавени уште два. Одлуката за пишувањето и објавувањето на изданието беше донесена на деветтиот конгрес на Бугарската комунистичка партија во1966 година по повод одбележувањето на 1300-годишнината на Бугарија.

Во излагањето на професор Христо Христов, директор на Институтот за историја при БАН, одржано на 21 мај 1968 година на состанокот на Политбирото на Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија, се наведува: „Бугарската комунистичка партија им ја постави на бугарските историчари важната задача за пишување на повеќетомна историја на Бугарија, во која, врз основа на марксистичката методологија и научно истражување, треба да се откријат оние доблести и квалитети на бугарскиот народ што го сочувале за време на ропството и го претвориле денес во херојски градител на социјалистичкото општество." 

-повеќе на темата: Брунбауер: Во Бугарија е закотвен национал-комунистичкиот историски поглед

И дополнително:

„Пишувањето на повеќетомна научна историја има не само научно-когнитивно, туку и важно општествено-политичко значење за образованието на нашиот народ во духот на социјалистичкиот патриотизам и пролетерскиот интернационализам, за зајакнување и развој на нашето пријателство со братскиот Советски сојуз и другите социјалистички земји “, пишува проф. Христов.

Бугарија ризикува да остане во минатото

Во својата статија „Како митовите раѓаат фалсификати“, професор Евелина Келбечева пишува дека за креаторите на доктрината „1300 години Бугарија“, единствената можна успешна политика за Бугарија била да се фокусира на културните активности и да го интензивира промовирањето на бугарските културни достигнувања, главно на историското наследство. На овој начин, центарот на гравитација се префрла од нејасните и неуспешни постулати на комунистичкиот интернационализам во еден вид политика што може да се нарече „социјалистички национализам“. Национализмот отсекогаш бил испробано и надежно оружје во таква ситуација, забележува професор Келбечева.

И, ако Македонија е исправена пред дилема, дали да се одрекне од овој југословенски социјалистички национализам, останува прашањето кога и дали Бугарија ќе дојде во овој момент на катарза без ултимативен притисок однадвор? Во спротивно, ризикуваме, зјапајќи во нашето митологизирано историско значење, да ја пропуштиме сегашноста и да останеме во минатото.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи