Меркел патува во Кина со тежок багаж
5 септември 2019Некогаш стопанските договори во вредност од 150 милијарди евра беа само мал спомен со кој претставниците на германската влада се враќаа од Кина. А шефицата на таа влада во Кина можеше пред ТВ камерите да се слика со кинески духовник додека тој ѝ раскажуваше како му било во затвор.
Тие времиња се минато. Кога канцеларката Меркел денеска (05.09. 2019) патува во Кина, со неа во авионот пак седи германска стопанска делегација. На дводневната програма на посетата, покрај разговорите со раководството на Кина, е и една средба со студенти. Односот со Кина е покомпликуван од било кога, а листата на непријатни теми е долга.
Човекови права: Ујгури и Хонгконг
Во пресрет на посетата, Џошуа Вонг, еден од предводниците на протестното движење во Хонгконг, на канцеларката ѝ упати отворено писмо барајќи нејзина поддршка. При последната посета на Кина, Меркел успеа да издејствува Лију Сија, вдовица на починатиот дисидент Лију Сијаобо, да добие дозвола за излез од земјата.
Но, разговорите за кршењето на човековите права во Кина се сѐ потешки и поретки. Во 2017 година беше прекинат дијалогот меѓу двете земји за човековите права. Критиката на германскиот министер за надворешни работи за постапката на Кина кон Ујгурите произведе дипломатски инцидент. Се проценува дека околу еден милион Ујгури се во заточеништво.
Страв од рецесија
Кина е најголем снабдувач на Германија и по САД и Франција, трет по големина увозник на германски производи. Двете земји во 2018 година остварија размена на стоки во вредност од 199,3 милијарди евра.
Но, Кина не е само најважен трговски партнер на Германија, туку и нејзин политички конкурент. Во почетокот на годината, Сојузот на германската индустрија во еден документ предупреди од „системски натпревар“ со кинеските фирми кои добиваат „државна поткрепа“. Според мислењето на експерти, Германија моментно се наоѓа пред рецесија. А стравот од пад на економскиот раст би можел да им даде крилја на германските настојувања да се подобрат трговските односи со Кина.
„Нов Пат на свилата"
Кина постојано наоѓа начини да го оствари своето економско влијание во Европа. На пример во форма на пристаништа или железнички траси: идејата за глобалниот инфраструктурен проект наречен„Нов Пат на свилата“ е Кина да си обезбеди копнени и поморски патишта кон Африка и Европа. Некои членки на ЕУ веќе ветија соработка со Кина во овој проект.
Стручњаците стравуваат дека со него Кина би можела да го прошири не само своето економско, туку и политичко влијание. Еден од партнерите на Пекинг во тој проект е и Грција, која во 2017 година вложи вето на заедничката изјава со која ЕУ требаше да изрече осуда на кинескиот однос кон човековите права.
И постојаниот спор меѓу САД и Кина ги оптоварува односите на Германија со овие две земји. Со своето повлекување од атомскиот договор со Иран, американскиот претседател Доналд Трамп изврши дополнителен притисок врз германската влада, додека Пекинг за време на посетата на иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф се обиде да создаде економски поттици за Иран да продолжи да се придржува на таа спогодба.
Подготовка на самитот
За други турбуленции во односите со САД и Кина се погрижи и позицијата на Германија кон концернот Хуавеи. Кинескиот телекомуникациски концерн е еден од главните снабдувачи на светот со опрема за поставување мобилни мрежи со стандард 5Г. САД го исфрлија Хуавеи од својот 5Г пазар, а Германија е – неодлучна.
Она што би можело да ги израдува сите скептици во однос на Кина, а посебно Франција, би било планираното склучување трговска спогодба меѓу ЕУ и Кина. Берлин веќе најави дека своите добри контакти со Пекинг, ќе ги искористи за време на својот мандат како претседавач со Советот на ЕУ во 2020 година за да организира самит ЕУ-Кина во Германија. Меркел сега би можела да поработи во Пекинг на подготовка на тој самит.
Сложена ситуација
Европската комисија неодамна ја прогласи Кина за свој „системски ривал“. Берлин со Пекинг се наоѓа во однос кој двете страни го нарекуваат „сѐопфатно стратешко партнерство'. Веќе пет пати се одржаа консултации на претставници на кинеската и на германската влада. Оваа година првпат ќе биде одржана и заедничка воена вежба на Германија и на Кина.
„Кина е стратешки партнер, но и конкурент“, изјави Ангела Меркел. Но, таа амбиваленција е токму она што создава несигурност во Германија и во странство.