Москва контра Твитер
17 март 2021Русија ќе го блокира Твитер за еден месец ако не ги отстрани забранетите содржини, соопшти денеска заменикот шеф на Роскомнадзор, Вадим Суботин. Рускиот државен регулатор за медиуми Роскомнадзор минатата недела ја успори брзината на испраќање фотографии и видео записи на Твитер, обвинувајќи ја оваа социјална мрежа дека не ги отстранила содржините кои поттикнуваат самоубиство на деца и информациите за дрога и детска порнографија.
Според соопштението на Роскомнадзор, Твитер не отстранил над 3.000 постови со забранета содржина, вклучувајќи повеќе од 2.500 кои поттикнуваат на самоубиство меѓу малолетниците.
Социјалната мрежа во одговорот ја нагласи својата политика на нулта толеранција кон сексуалното искористување на деца, пропагандата за самоубиства и за продажбата на дрога.
Повеќе:
-Русија се заканува со блокада на Твитер
-Само исклучување на Трамп од социјалните мрежи- нема да е доволно
-Твитер во борба против теориите на заговор
„Твитер не реагира на соодветен начин на нашите барања, а ако продолжи вака, ќе биде блокиран за еден месец, вонсудски“, изјави Суботин за агенцијата Интерфакс.
Руските власти ги критикуваа социјалните медиуми дека се користени за организирање на демонстрациите во кои учествуваа десетици илјади луѓе ширум земјата, барајќи ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални. Овој бран на демонстрации беше најголем во изминатите неколку години и беше голем предизвик за руските власти.