Твитер во борба против теориите на заговор
22 јули 2020Твитер трајно ќе ги укине налозите кои се поврзани со екстремните теории на заговор како што е групата „КјуАнон“ која изнесува тврдења за заговори во американската власт и јавност против претседателот Доналд Трамп.
Мерките вклучуваат забрана за пристап на налозите кои се поврзани со анонимната група „Кју“, која е позната како „КјуАнон“, и ќе ги блокира споделувањата на овие содржини.
Со новата политика ќе бидат опфатени околу 150.000 профили ширум светот. Твитер објави дека досега укинал над 7.000 налози поради манипулации, злоставување на жртви и други кршења на правилата за однесување на оваа социјална мрежа.
Повеќе:
-Коронавирус: Теорија, мит или идеологија на заговор?
-Каде се во светот има корона-протести и зошто?
Теоретичарите на заговори како „КјуАнон“ тврдат дека во „тајната војна“ против претседателот Доналд Трамп се вмешани истакнати личности од разни сфери од општеството - од разузнувачки заедници и политиката преку бизнис светот , индустријата за забава, сѐ до поранешните претседатели на САД Бил Клинтон и Барак Обама.
„КјуАнон“, меѓу останатото, тврди дека членовите на Демократската партија се вмешани во меѓународни злосторнички организации, а нивната содржина нашироко ја пренесуваат на социјалните мрежи како Фејсбук, Тик Ток, Твитер и Јутуб. Многу содржини на „КјуАнон“ имаат и антисемитски карактер.
Фејсбук веќе укина мрежа лажни профили поврзани со налогот „КјуАнон“ преку кои се пренесуваше нивната содржина.