1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муктада ал-Садр и „бунтот“ во Ирак

Биргит Свенсон7 мај 2016

Шиитскиот свештеник Муктада ал-Садр застана на чело на протестите во Ирак.Од неговиот став зависат многу нешта во покерот околу формирање на нова влада. Протестите во Багдад траат веќе неколку месеци

https://p.dw.com/p/1IjbL
Фотографија: Reuters/A. Al-Marjani

„Ќе дојдеме повтoрно!“, се заканија демонстантите кога во понеделникот (2.5.2016.) си заминуваа од владината населба, строго чуваната „зелена зона“ во центарот на Багдад. На почетокот овие луѓе беа незадоволни поради лошото снабдување со струја и вода, но сега веќе бараат и политички реформи, реорганизација на владата и борба против корупцијата. Собирањето на протестантите секој петок го започнаа оние кои се занимаваат со култура, потоа им се приклучија политички активисти, за на крајот на чело на движењето да застане шиитскиот свештеник Муктада ал-Садр. Тој со своите говори ја доведе ситуацијата до вжештеност, што минатиот викенд резултираше со упад на протестантите во „зелената зона“ и во зградата на парламентот.

За Муктада ал-Садр ваквиот развој на случувањата е сигурно задоволувачки. Никогаш порано немал толку големо влијание врз политичките случувања во Ирак.

Пред 10 години овој 42-годишник важеше за бесен бунтовник, радикал подготвен на насилство. Неговите симпатизери одеа по улиците на Багдад, крадеа и масакрираа сунити, ја тероризираа целата населба и така испровоцираа поделба на градот на населби на шиити и сунити, која главно се одржа до денес. Избувнувањето на речиси тригодишната граѓанска војна може во голема мерка да ѝ се припише на т.н. Махади армија, милиција под контрола на ал-Садр која имаше околу 50.000 борци. Тие формираа и „одреди на смртта“, одговорни за убиството на бројни граѓани кои имаа врска со режимот на поранешнот претседател Садам Хусеин. Ал-Садр така започна крвава одмазда за убиството на неговиот татко Мохамед ал-Садр, угледен шитски ајатолах. Тој беше жртва на Садамовите војници. Багдадската населба Садам-Сити така е преименувана во Садр-Сити.

Жестоки протести во Багдад

Ненадејни пресврти во животот на ал-Садр

Ни Американците не беа поштедени. Припадниците на неговата милиција поставија над 6.000 бомби чија цел беа американски војници. Кога американската управа издаде налог за апсење на „шиитскиот терорист“, тој побегна во Иран. Неговата канцеларија издаде соопштение дека заминал „за да се посвети на студирање на религијата“. По повлекувањето на американсите војници од Ирак , тој во 2012. година се враќа во Багдад, приредувајќи големо изненадување со заедничка молитва со сунитскиот имам во една сунитска џамија. Ова требаше да биде симболичен гест на помирување помеѓу двете верски струи во исламот и почеток на низа пресврти на Муктада ал-Садр.

И додека неговите симпатизери тогаш веќе зазедоа важни позиции во владата на премиерот Нури ал-Малики, ал-Садр на големо изненадување се стави на страната на сунитските демонстранти. Тие ѝ се противеа на владата на ал-Малики и бараа поголемо влијание и права за одлучување во Ирак во кој во меѓувреме шиитите го водеа главниот збор. На својата војска Махди и’ нареди положување на оружјето и најави оти ќе се повлече од политиката. Со подемот на т.н. „Исламска држава“, овој имам со црн турбан и седа брада армијата Махди ја прогласи за „бригади на мирот“.

Време на демагози

Сега за повлекување од политиката веќе не станува збор. На протестите во Багдад на 26. февруари јавно беше критикуван новиот премиер Хајдер ал-Абади. „По овој собир премиерот брзо да делува“, побара ал-Садр пред собраната толпа. Тоа беше демонстрација на неговата нескриена политичка амбиција.

Irak Demo der Unterstützer von Muktada al-Sadr in Bagdad
Фотографија: Reuters/A. Saad

„Денес стоиме пред вратите на „зелената зона“, а утре ќе бидеме во неа“, најави тој. Не- за крадците кои седат таму, да- за реформите“, се зборовите кои предизвикаа воодушевување. Два месеци подоцна зборовите преминаа во дела и толпа луѓе ја зазеде „зелената зона“. Ирак се’ уште нема нова влада. Ова е вистинско време за демагози: народот е бесен поради корупцијата, војната против теророт носи човечки животи и огромни средства кои се при крај, цената на нафтата радикално падна и економијата е на колена.

Што му е потребно на Ирак: политичар или проповедник?

Ирак денес се бори со огромни проблеми како што е на пример борбата против ИД за зачувување на единството во земјата. На чело на земјата е неефикасна политичка класа која енергијата ја троши на интерни пресметки. Муктада ал-Садр добро ја сфаќа оваа ситуација. Меѓутоа, некои стравуваат дека тој таа ситуација би можел бескрупулозно да ја злоупотреби во своја полза. „Изгледа дека работите не би биле подобри ако тој е на власт“, вели една демонстрантка и додава: „Верски лидер наместо политичар? Дали е тоа решение? Стравувам за идината на мојата земја.“