Напад врз стабилноста на Германија
22 декември 2016Алтернатива за Германија (АфД) прва знаеше: „Ова се мртви на Меркел“- пласираа во јавноста некрунисаните мајстори на едноставните мудрости. Очигледно е дека тоа е вистинскиот тон со цел мобилизирање на прости души - додека многу жртви во Берлин уште се борат за живот. Не дека на таква дрскост не се сметаше - напротив. Кризните ситуации, човечките катастрофи, обично се повод за барања на политички корекции и за заемно обвинување. Во таа смисла нема изненадувања.
Мирната земја станува нервозна
Но нападот во Берлин е пресврт. Германското општество, кое со години беше и повеќе од задоволно со себе, многу е нервозно. Ангела Меркел меѓу сонародниците важи за мудра гаранција за стабилност во времињата на бројни кризи, но и за виновна поради поларизирање на општеството. Во однос на бегалците, културата на добредојде и привременото губење на контрола на германските служби, се испреплетуваат толку многу мислења, што многумина веќе не знаат дали тоа „Ќе успееме!“ на канцеларката е добро или не. Само дали напаѓачот во Берлин навистина е бегалец?
Едно е сигурно: тоа беше напад. Напад кој носи симболичен потпис. Оној кој носи смрт и ужас во Берлин, на божиќен панаѓур, оној што знае што сака да постигне. Исламистичкиот тероризам Германија, земја која во светот е сѐ уште позната како чесен посредник со умерена надворешна политика, ја позиционираше во првите непријателски редови.
Конкретен страв од теророт
Напад од такви димензии во Германија немало уште од атентатот на минхенскиот Октоберфест во 1980 година. Местото и времето на нападот го носат следниот потпис: напаѓачот удри во срцето на Берлин, во европскиот центар на моќ, на божиќен панаѓур, кој иако е комерцијален, сепак е традиционално место на христијански ритуал. Најдоцна сега, повеќе апстрактниот страв од терор, во Германија стана конкретен.
Почнуваат да се јавуваат вистински и самодекларирани политичари за безбедност. Секогаш се сметаше на тоа дека Бундесверот повторно ќе биде вклучен во игра: секогаш под мотото „треба да се обидеме“- бидејќи кој знае уште дека Бундесверот, не смее да биде ангажиран на внатрешен план. Многу полоши сега се сѐ почестите дискусии за врските меѓу приливот на бегалци и потенцијалната опасност од тероризам. Доколку тоа воопшто постои.
Со своето барање да се редефинира бегалската и безбедносната политика шефот на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), Хорст Зехофер, повторно го отвори прашањето кое Ангела Меркел пред неколку недели можеше да го затвори. Сигурно дека луѓето сега со право бараат поголема безбедност, но нападите со камион во Ница, а сега и во Берлин, покажаа дека еден единствен човек и возило тешко 40 тона, можат да бидат оружје за масовно убивање - дури и ако не дошол ниту еден бегалец во земјата.
Дали ќе успее канцеларката?
Не е потребно да се биде симпатизер на АфД да се констатира дека германската правна држава претрпе тешки повреди. На популистите тоа им го олеснува ширењето на страв: прво неконтролираниот прилив на стотици илјади бегалци од летото 2015. година, потоа случувањата за време на новогодишната ноќ во Келн, а сега и мртви во Берлин. Од перспектива на граѓаните, тоа е знак дека државата не успеала - дури и ако е илузија да се верува оти политиката може да ги контролира сите непредвидливи работи.
Нешто се менува - политичките приоритети ќе се променат. Сојузната влада повторно има главна задача. Ангела Меркел знае што ја чека. Предизборната тема ќе се вика внатрешна безбедност. За избирачите масовно да не преминат на десна страна, таа мора да ја врати довербата во државата која ги штити своите граѓани. Доколку не успее, тоа ќе биде триумф на напаѓачите: расеан раздор и дестабилизација на консензусот на едно демократско општество.