1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прашина од Сахара енормно го загади воздухот 

ДТЗ
23 јуни 2021

Граѓаните се жалат дека загадувањето особено го чувствуваат во попладневните часови. Но, не е само прашината од Сахара она што ги мачи македонските граѓани. Збунети се и во Државниот инспекторат за животна средина.

https://p.dw.com/p/3vPpF
Mazedonien Skopje Smog
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Топлотен бран и прашина од Сахара енормно го загадија воздухот во Северна Македонија. Граѓаните се жалат дека не може да се дише, а загадувањето особено го чувствуваат во попладневните часови. Но, не е само прашината од Сахара она што ги мачи граѓаните. Црни чадови од оган повторно почнаа да се шират во попладневните часови во одредени делови на главниот град Скопје, во близина на поранешната депонија Вардариште. Вознемирените граѓани споделуваат фотографии на социјалните мрежи и бараат надлежните да го сопрат труењето на воздухот.

Serbien Luftverschmutzung in Serbien
Големата концентрација на прашина во воздухот делува неповолно на здравјето на граѓаните.Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Високите температури, прашината, палењето на кабли, градежните зафати и слично, се само дел од мозаикот кој придонесува загадувањето на воздухот со ПМ 10 и ПМ 2,5 честички да биде далеку над дозволеното. На повеќе мерни места, вчера бројките покажуваа загадување повеќе од 100, а максимално дозволената концентрација е 50.

Топлотен бран до сабота

Големата концентрација на прашина во воздухот делува неповолно на здравјето на граѓаните. Синоптичарите за ДВ прогнозираат дека ваквата состојба ќе трае до сабота, кога се очекува намалување на температурите и расчистување на воздухот. До тогаш тешко ќе се дише особено во наредните два дена - кога се очекува и најголема концентрација на прашина, проследена со високи температури кои ќе достигнат и над 40 степени. Се препорачува што помалку движење на отворено, внесување на течности и почитување на здравствените препораки. 

-повеќе на темата: Последната европска депонија: Се печалат милиони на сметка на здравјето на македонските граѓани

„Во следните денови под влијание на топла воздушна маса од југ времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината. На повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени, а најтопло ќе биде во четврток и петок кога на места и особено на југоистокот ќе надминуваат и 40 степени“, најавуваат од УХМР. 

Загадено како во зима

Во скопската општина Карпош синоќа беа измерени 119 мг/м3 од ПМ10 честичките. Во Кичево завчера во 16 часот беа измерени 135 мг/м3 ПМ10, во Тетово во 18 часот - 123 мг/м3 од ПМ10 честичките. Невладината организација О2 иницијатива алармираше за невообичаено високите бројки на загаденост на воздухот и во Велес, Тетово, Гостивар, Струмица, Кичево, Куманово, Битола. „Нејасни се причините за ова, бидејќи летото само што почнува, температурите се околу 35 степени, а намалено е нивото на сообраќај низ градовите“, коментираат активистите, кои ги повикаанадлежните итно да излезат на терен и да проверат.

-повеќе на темата: Квалитетен воздух, утопија или реална можност

„Сите сме збунети, оти овие бројки се неочекувани за овој период од годината“, вели за ДВ Ана Петровска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина. Според неа, објаснувањето е најверојатно во топлотниот бран којшто ја зафати земјата и енормната количина на прашина којашто се чувствува во воздухот. 
„На пример во Кочани се забележуваат многу високи вредности, загадување какво што не е забележано ниту кога се палат стрништа. Очигледно е дека ова не е локален проблем, туку е резултат на бранот од Сахара“, вели Петровска. 

Кој го гуши воздухот?

Инспекторатот за животна средина будно ги следи и останатите предупредувања за појава на загадувачи во главниот град. Откако на социјалните мрежи во текот на вчерашниот ден се споделуваа фотографии на чад којшто се шири во близина на некогашната депонија Вардариште, Петровска вели дека се запознати со проблемот, којшто трае веќе подолго време. 

-повеќе на темата: Планетата стана огромна депонија, пандемијата ја турка на работ на амбис

„Ова не е нова состојба -  забележана е кај населението коешто живее во субстандардни услови во близина на Вардариште. Таму имаме сознанија дека во попладневните часови се палат кабли, за да се извади бакарот од нив, којшто потоа тамошните жители го продаваат за да обезбедат егзистенција. Тешко се решава овој проблем - бидејќи во него има и социјална димензија“, вели Петровска. Таа најавува координација со повеќе институции, кои со полициска асистенција ќе се обидат да најдат решение за загадувачите. Се размислува за воведување контроли и полициски патроли на „жариштата“ кадешто е детектирано дека најчесто се палат кабли. 

Nordmazedonien | Luftverschmutzung in Skopje
Причина за загадувањето може да биде и палењето на депониите - а нив се повеќе ги има. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но, не се само каблите проблем. Причина за загадувањето може да биде и палењето на депониите - а нив се повеќе ги има. 
И засилената градежна активност е дел од проблемот. Особено во текот на летните месеци се поинтензивно се гради, што создава дополнителна прашина која што го загадува воздухот. Проблем, според надлежните, е и тоа што слабо се постапува според елаборатите за изградба на поголемите објекти во однос на заштитата на животната средина, но и општините не водат доволно грижа за едукација и подигнување на свеста на граѓаните за фрлањето на кабаст отпад и пластика. Сето тоа, малку по малку, ја одзема и последната трошка надеж за чист воздух, особено во градовите, каде се потешко се дише.