Ни треба херој (We need a hero)
13 ноември 2019Инспирација за насловот на денешната колумна е песната Holding out for a hero во изведба на Bonnie Tyler, која ме враќа во времето кога како менаџери на „џуниор” ја држевме дискотеката Мусандра во ГТЦ, таму некаде во деведесеттите години на минатиот век.
Отприлика тогаш стана честа една погрдна изрека за државата која еве до ден-денешен остана многу често изговарана од голем број на луѓе. Станува збор за погрдна фраза која е составена од два збора од кои вториот е „Државата”, а првиот почнува на буквата „Е”. На англиски јазик би влегол во категорија „The F word”. Многу се мислев дали директно да ја напишам оваа погрдна фраза или да се обидам да ја опишам. Се решив на ова второто од причина што мислам дека не е коректно, ниту културно јавно да се употребуваат такви зборови, иако сигурен сум дека секој од нас повеќепати јавно и пред други луѓе ја има истата изговорено. За сепак да можам прецизно да бидам сфатен, за потребите на оваа колумна фразата ќе ја формулирам како Е...Државата. Оваа погрдна и навредлива фраза не само што скоро три децении не успеавме да ја искорениме, туку како да си ја пренесуваме од генерација на генерација. Како да ни стана код, дел од нашата ДНК, нашите гени. Не се ескулпирам од вина ниту јас од овој неуспех, ниту од причините за тоа, ниту пак сакам да се правам дека сум паднат од Марс и дека и јас не сум дел од овој проблем, и поентата на овој текст не е тоа, туку еден обид за анализа на причините поради кои оваа фраза станала и сѐ уште е доста честа, а воедно е и еден крик, повик да најдеме начин да ја надминеме, поразиме и заборавиме оваа погрдна фраза за нашата држава.
Лов во матно
Времето на Мусандра некако се поклопи со времето на убиствената транзиција кога преку ноќ, како резултат на лошо владеење, огромен број на луѓе останаа без работа, на улица, без можност на своето семејство да му обезбедат нормална егзистенција. Го изгубија нормалниот живот кој го имаа. Со тоа се изгубија вредностите, се изместија во лош и непосакуван правец, па работи и луѓе кои претходно беа сметани за отпадници на општеството, станаа главни мангупи, вртеа пари, коли и женски без претходно да ги имаа барем свртено страниците на Зоки Поки или Алан Форд да речеме. Се појавија т.н. општествени хиени, кои знаеја одлично да пливаат и да ловат во матно. Други способности станаа курентни и важни. Нормалните луѓе, оние кои беа научени дека со учење, со труд, многу работа, чесност, добри манири и однесување се просперира во животот, немаа друг избор освен да се предадат и да речат: „Е...Државата”.
Претходни колумни на авторот:
- Македонци бестрашни и Македонци страшливци
Потоа дојде војната од 2001 година, па националистичкиoт радикализам стана мејнстрим. Оние кои беа патриоти, си ја сакаа државата и беа спремни да се жртвуваат за неа, брзо сфатија дека нешто во целата ситуација не штима, дека некој или нешто фингира или дека постои изразита неспособност кај тогашниот воено-политички врв. На крај гледавме и ние и целиот свет како брутално и без концепт се бомбардира Арачиново и како и по три дена битка сме неспособни да заземеме едно село и, да се изразам со војнички речник, да неутрализираме ограничен број сили, нешто за што имавме поддршка од целата меѓународна заедница. Па, кога тогашните водачи не успеаја во тоа, гледавме како со автобуси во конвој се извлекуваат тие сили. Секој патриот тогаш рече: „Е...Државата”. Потоа народот во огромно мнозинство ја даде довербата на другата партија и очекуваше сѐ да се промени на подобро, но доби мртво море. Едно големо ништо. Невработеноста достигна рекордни 38,8%, па не само младите, туку и постарите почнаа целосно да губат надеж во државата и да бараат начин да ја напуштат, да се иселат некаде во западна Европа, Америка или Австралија во потрага по подобар животен стандард. За да не бидам едностран и навивачки настроен кон мојата партија, ќе потенцирам дека иако доста работи и тргнаа на подобро во периодот што следеше, па значително почна да се намалува невработеноста, се отворија нови фабрики, се зголемија платите, пензиите, се воведоа субвенции на земјоделците, се воведе рамниот данок, почна интензивно да се гради, се преведоа капитални книжевни дела, сепак се направија и грешки. Особено голема грешка беше силната поделба која ја креиравме (за што скоро подеднаква вина имаме и двете партии), индоктринацијата, антиквизацијата, клиентелизмот, промената на името на аеродромот во Скопје, ненормално големиот број на споменици на многу мал простор, забраната за абортус, забраната за купување алкохол во продавница по 19 часот, мешањето во вкусовите и преференциите на луѓето, па неретко тоа што ние мислевме дека не е добро мораше да не биде добро и прифатливо за сите, како резултат на што произлегуваа некои неразумни и чудни одлуки, како на пример неформалната забрана за турбофолк во дискотеките во парк и.т.н. Партијата порасна до ненормални размери, со членство кое беше побројно од членството на нашите сестрински партии во земји кои се неколкупати поголеми од нашата, па бевме на добар пат да ја стигнеме онаа старата комунистичка партија во Социјалистичка Република Македонија.
...и пак ништо
Потоа започна Шарената револуција, се креираше еден франкенштајн-систем и се случи најцрниот ден во македонската понова политичка историја, настаните од 27 април. Нормалните, обичните луѓе со страв, неверување и со вчудоневиденост гледаа на сѐ што се случуваше и си повторуваа, Е...Државата. И повторно дојде другата партија. И пак ништо. Го сменивме и името на државата со цел да го оствариме нашиот најголем сон, и врвен национален стратешки интерес да станеме полноправна членка на ЕУ и НАТО, а сепак погрдната фраза за државата остана. И пак истата разочараност, депримираност. Како да живееме во колективна црна хроника. Апатичност, депресивност, разочараност што тера онака, од душа, повторно да излезе таа погрдна фраза за државата од која никако не можеме да се откачиме. Најчеста мисла и тенденција и понатаму остана дека најдобро е да се фати усвет од државава.
И тука доаѓаме до клучната поента. Иселувањето. Таа бела чума која ни го уништува потенцијалот, ни ја уништува иднината, ни ја уништува шансата некогаш да изградиме силна и просперитетна држава. Да, јас сметам дека причината за иселувањето на македонските граѓани најдобро се отсликува во зборовите „Е...Државата!” Дека тие зборови одразуваат една трајна состојба и се директна причина за иселувањето. Дека кога ВМРО е на власт се селат од државава тие што се од СДСМ, кога СДСМ е на власт се селат тие што се од ВМРО, а тие што не се припадници на ниедна партија, е тие се иселуваат постојано. Страшно, признавам. Така е и меѓу другото бидејќи секој млад човек кој се образува и се обидува да си го најде своето место во општеството, поразен, констатира дека постојат „лопови“ кои приграбиле огромни богатства, без многу работа или ризик. Дека постојат и некои наши граѓани кои заработуваат не така солидни 300-400 евра месечно работејќи на црно, па државата им го плаќа здравственото осигурување како да се невработени, а дополнително им плаќа и социјална помош, која предизборно обично и расте, па тие охрабрени од нефункционалноста на државата, иако имаат повеќе од 400 евра месечен приход, не плаќаат ни данок, ни струја, ни вода, ни ѓубретарина. Од друга страна, кога некој друг граѓанин што чесно заработува 300 евра месечно, или уште подрастично жените што им аргатат на конфекциите за помалку од 250 евра месечно, и кои си плаќаат данок и здравствено осигурување, не земаат никаква помош од државата, плаќаат редовно комунални давачки и сметки, ќе задоцнат два месеца со плаќањето на струјата бидејќи морале да платат школарина за факултет на детето, па не им стигнале парите, ним ќе им дојде извршител и ќе им наплати дупло, а пред тоа струјата ревносно ќе им биде исклучена. За повторното приклучување ќе си плати, нормално. Тогаш овие вторите, што чесно заработуваат, плаќаат данок и со тоа ги финансираат тие што не плаќаат, а кои во некои случаи заработуваат и повеќе од нив, со сигурност ќе ја кажат оваа погрдна фраза за државата, особено кога ќе се сетат дека има и стотици нивни сограѓани кои работат во државна администрација, земаат плата далеку повисока од нив, а не одат на работа. Некои од нив дури и работат нешто друго во државава или во странство. Истово се случува и кога некој шалтерски работник во банка со завршен економски факултет и плата од неполни 350 евра, само што завршил со читањето на одличните вести дека банката за која работи остварила профит од неколку милиони евра во првиот квартал од годината, ќе исплати надоместок за трето дете на родител кој со семејството живее во Германија, кој нормално неговиот престој во странство го нема пријавено во државава, па на секои две до три години доаѓа да си ја подигне помошта од државава затоа што нели, има трето дете. Ќе си дојде на шалтер, ќе си ги земе неколкуте илјади евра што законски му припаѓаат и ќе си замине пак за „Немачко”. Горчината во душата на шалтерскиот работник ќе му остане, исто како и горчината во душата на некој магистер по фармација кој е третиран и платен од газдата на аптеките како да е продавачка во аптеката. За жал истата горчина ја има и стопанственикот кој не може да најде квалитетен градежник или плочкар, иако е спремен да го плати далеку повеќе од тоа што газдата го плаќа магистерот по фармација кој работи во аптеката. Парадокс до парадокс, се согласувам. Парадокс, кој нѐ тера постојано да си ја повторуваме таа погрдна фраза за нашата држава и да мислиме како да си најдеме друга држава која ќе биде наша, а за која знаеме дека никогаш нема да биде наша. Во која знаеме дека секогаш ќе бидеме странци и за која нема да ја изговараме оваа погрдна фраза која ни стана константа за нашава држава.
Победа над фразите
Е, затоа ни треба херој. Ни треба херој кој е лидер и кој знае кон каде да оди. Кој има можност да го види опкружувањето и светот по дваесет години. Кој гледа кон иднината поучен од минатото. Кој е спремен пред избори да носи тешки и непопуларни одлуки кои се добри за државата, но не и за својата партија. И кој тоа јасно и без размислување ќе го објасни најдобро што знае пред граѓаните кои нема да ги гледа како гласачи. Кој нема да ги лаже или манипулира граѓаните и нема да ветува сѐ и сешто само за да остане или за да дојде на власт. Кој еднакво одговорно ќе се однесува кон државата и кога е власт и кога е опозиција. Кој ја гледа власта како товар и обврска, а не како привилегија. Кој во ниту еден случај кога ќе види дека губи, нема да прибегне кон радикална националистичка реторика. Кој нема да креира поделби помеѓу луѓето за од тоа да извлече некоја политичка корист. Кој нема да дозволи државата да манипулира со граѓаните, ниту пак граѓаните да манипулираат со државата. Кој нема да го гони политичкиот противник само затоа што овој јавно ja критикува. Кој е спремен да се извини кога ќе згреши. Кој ќе изгради систем на вредности. Кој ќе изгради економија базирана на знаење и технолошки развој. Кој ќе постави систем кој ќе им помага на самохраните родители, наместо да плаќа социјална помош на тие што не ја заслужуваат. Херој што ќе помогне на децата од нефункционални семејства, да не тргнат по лош пат. Херој што ќе ја реши растечката нееднаквост и сѐ поизразената сегрегација и стигматизација. Херој што не е опседнат со креирање на лоши вести и кој не врши брутална пропаганда. Херој што за 4 години ќе го реши проблемот со загадувањето. Херој чие лидерство се базира на етичност и што ќе се повлече кога е најсилен. Кој не манипулира со големи зборови, а има мала душа. Кој е спремен да излезе и да се спротивстави со визија и добрина. Без да плука, навредува, понижува. Без да конструира лаги и да се прави нешто што не е.
Ни треба херој што ќе успее да ја победи погрдната фраза „Е...Државата”. Ќе ја порази и ќе нѐ спречи да си ја мразиме и пцуеме сопствената држава, која ни е една и единствена. Херој кој е поголем од животот. Larger than life, што би рекла Бони Тајлер (Bonnie Tyler), чие вистинско име всушност е Гејнор Хопкинс (Gaynor Hopkins).