1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови американски закани кон Турција

СН/ агенции
17 август 2018

Спорот меѓу Вашингтон и Анкара и натаму се заострува. Претседателот Трамп истакна дека Турција не се покажала како добар пријател на САД.

https://p.dw.com/p/33I7G
USA Türkei Flaggen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската администрација соопшти дека за Турција би можело да се воведат дополнителни санкции ако американскиот свештеник Ендру Брансон не биде наскоро ослободен.

Министерот за финансии на САД, Стивен Мнучин рече во Белата куќа оти би можело да бидат воведени нови санкции по неодамна наметнатите за двајца високи официјални претставници на Турција поради апсењето на американскиот свештеник, кој е обвинет за шпионажа и пружање поддршка на терористи. Американскиот претседател Доналд Трамп пак истакна дека Турција не се покажала како добар пријател на САД. Тој синоќа на Твитер порача дека САД нема да платат за ослободување на недолжен човек, но оти ќе продолжат да вршат притисок врз Анкара.

Трамп претходно нареди удвојување на царините на челик и на алуминимум од Турција, велејќи оти односите меѓу САД и Турција „сега не се добри“. Потоа, Турција на 15 август одлучи значително да ги зголеми царините за увоз на некои американски производи.

Покрај во трговски, Турција е и во дипломатски спор со САД, а тензиите во односите меѓу овие две земји ескалираа поради случајот на американскиот свештеник Ендру Бренсон, уапсен во Турција, но и поради други несогласувања.

Бренсон е уапсен во декември 2016 година, а неодамна е префрлен во домашен притвор. Тој ги негира обвинувањата дека ѝ помагал на групата која Анкара ја обвинува за обид за државен удар, и оти им пружал поддршка на курдските екстремисти.

Односите меѓу Вашингтон и Анкара се затегнати и поради други спорови, како што е американската поддршка на сириските курдски борици и одбивањето на САД на Турција да ѝ го предаде проповедникот Фетула Ѓулен, кого Турција го смета за одговорен за обидот за државен удар во 2016 година.