1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Градот на мостовите сака да гради мостови

СН/агенции | дпа
31 декември 2021

Нови Сад е на Дунав, на крстопатот меѓу Централна и Југоисточна Европа. Српскиот град е европска престолнина на културата во 2022 година, а тоа му нуди шанса да покаже различност и креативност.

https://p.dw.com/p/4522H
Центарот на Нови Сад
Центарот на Нови СадФотографија: Novi Sad 2021

Во зградата на Плоштадот на слободата 3 во центарот на Нови Сад, во канцеларијата на фондацијата „Нови Сад 2021“, работат млади луѓе. Фокусирани се на своите компјутери. Мебелот е функционален, но истовремено и стилски убав. Таков ентериер човек може да замисли во старт-ап фирмите некаде во Европа.

Останаа само уште две недели до моментот кога вториот по големина српски град ќе стане Европска престолнина на културата - поради пандемијата сѐ ќе започне една година подоцна, наместо 2021 ќе биде тоа 2022 година.

Претседателот на фондацијата, Немања Миленковиќ, нѐ дочекува во просторијата за конферениции. Овој 44-годишник е програмски менаџер. „Пораката гласи: За нови мостови! Тоа е повик на акција, но и визија“, тој веднаш преоѓа на главното.

Од Австро-унгарија, до уривањето на мостовите

Нови Сад се наоѓа во средниот тек на Дунав, најголемата европска река. Тој е главен град на покраината Војводина, каде покрај Срби живеат десетици други националности. На Нови Сад, чие латинско име е Неопланта, автриската кралица Марија Терезија во 1748 година му доделила титула на слободен кралски град. Нејзините поданици потоа ќе го нарекуваат по своите мајчини јазици, Нојзац на германски, Ујвидек на унгарски и Нови Сад на српски.

Улични музичари во Нови Сад
Улични музичари во Нови СадФотографија: Dragoslav Dedović/DW

До 1918 година Нови Сад беше дел од Австро-унгарската монархија. Изградени се три моста преку Дунав. Во бомбардирањето на Северноатланскиот пакт, во пролетта 1999 година трите моста беа разурнати. Западната воена алијанса го присили тогашниот српски врховен командант Слободан Милошевиќ да го напушти Косово, чие мнозинско население се Албанци.

Мостовите, кои во меѓувреме се повторно изградени, нагласува Миленковиќ.

Шеесет милиони евра

Со буџет од 60 милиони евра Нови Сад, кој има околу 240.000 жители, подготви амбициозна програма. Во неа се обработени теми како што се миграциите, жените во уметноста, иднината на Европа. „До крајот на 2022 година ќе имаме 5.000 европски уметници кај нас“, вели Миленковиќ, не криејќи ја гордоста.

На отворањето на 13 јануари - за православна Нова година - Драган Живадинов, словенечки авангарден уметник, ќе го претстави својот спектакл на отворено, под името „Зенитеум“. Името означува поврзаност со авангардниот југословенски часопис од 1920-тите години кој, најпрво во Загреб, а потоа во Белград, излегуваше под името „Зенит“.

Германско-францускиот поет Иван Гол (1891-1950) имал жив контакт со „зенитистите“ кои биле исклучително поврзани со другите уметници на меѓународен план.

Serbien I Stadtansicht Novi Sad
Фотографија: Dragoslav Dedović/DW

Изгледа дека пандемијата не ги исфрли од рамнотежа реализаторите на програмата. „Таа е голем предизвик, но ние стекнувавме искуства“, вели Миленковиќ, кој е инаку и еден од коосновачите на музичкиот фестивал „Егзит“.

Србија имаше само еден целосен локдаун во пролета 2020 година, а потоа мерките главно беа благи. Во Нови Сад се претставени бројни предпрограмски содржини во врска со годината која градот ќе ја помине како европска културна престолнина. Сепак, заострување на пандемиските мерки во моментов не можат да се исклучат, особено поради сојот Омикрон.

Покрај Нови Сад, во 2022 година уште два града се европски културни престолнини: Еш сир Алзет, со 36.000 жители, вториот по големина град во Луксембург, и вториот по големина литвански град Каунас со над 300.000 жители.