1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлекување на САД од Сирија? Лоша идеја!

Керстен Книп
2 април 2018

Доналд Трамп најави повлекување на американската армија од Сирија. Тоа би било фатално, зашто САД на тој начин би им го отстапиле регионот на актери кои ќе го втурнат во уште поголем хаос. Коментар на Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/2vMUz
Syrien Syrische Soldaten in Ost-Ghuta
Фотографија: Imago/Xinhua/A. Safarjalani

Американскиот претседател Доналд Трамп може да е ваков или онаков, но знае како да ги стави набљудувачите во мисла. Неговата најнова надворешнополитичка идеја гласи -повлекување на американските трупи од Сирија и тоа само неколку дена по именувањето на Џон Р. Болтон за советник за национална безбедност и на Мајк Помпео за нов министер за надворешни работи. Двајца политичари кои досега не беа познати како апологети на воздржан надворешнополитички курс, туку напротив - двајцата се залагаат за робустно застапување на интересите, ако треба и со употреба на воена сила. Како, значи, нивното именување на функциите оди заедно со идејата за повлекување на американските војници и воени советници од Сирија?

Човек не би грешел комлетно ако смета дека идејата на Трамп е повеќе спонтана, нешто по кое не мора и навистина да следува повлекување. Зашто, ако се случи, тоа, претпазливо формулирано, би било признание дека досегашната политика на САД не донесла многу. Но, тоа пред сѐ би бил чекор кон големо стратешко намалување на значењето на Америка во регионот. А тоа би го чинело многу Блискиот Исток и тоа на начин поинаков од 2003 година, кога САД врз основа на дрски лаги вмаршираа во Ирак и со тоа ја унесреќија не само таа земја.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Точно е дека САД никогаш немале релаксиран однос со режимот на Асад. Тие сакаа да ги видат симнати од тронот како таткото, така и синот Асад и тоа подобро денес отколку утре. Причините од една страна лежат во близината на двајцата сириски претседатели со Иран, која е најголем противник на Америка во регионот. А, од друга страна, тоа е поради нивниот непријателски став кон Израел, најважниот сојузник на Америка на Блискиот Исток.

САД седум години попусто работеа на соборување на касапот на луѓе, Асад Јуниор. Дали требаше да настапат поробустно? Дали требаше да се држат сосема настрана, што требаше да биде направено заедно со воздржување и на други релевантни актери - Русија, Иран, Турција, Саудиска Арабија? Тешко е да се одговори. Востанието можеше да се случи на многу други начини, да има многу други предзнаци.

Победникот би се викал - Иран

Меѓутоа, едно е сигурно: повлекување на САД сега не само што може да ја запечати судбината на Сирија со децении, туку тоа важи и за целиот регион. Би можело да се очекува - според сѐ дискретна - доминација на Русија. И - веројатно помалку дискретна - доминација на Иран во делови од Сирија, а оттука преку Либан сѐ до границите на Израел. „Шиитската полумесечина“ би станала стварност, и тоа сурова.

Остриот внатрешнополитички курс на режимот на имамите во Техеран, како и досегашниот настап на Сирија, укажуваат колку безобѕирно би се спроведувале интересите во регионот. Тоа се економски, но пред сѐ пропагандистички интереси, а најмногу продорно инсценирано непријателство кон Израел - карта со која победува во регионот, барем во времиња во кои Израел со оружје ги задушува протестите во Појасот Газа.

Мрачно сценарио

Последица од повлекувањето на САД би била триумфален Иран, кој би можел да го однесе регионот на прагот на нова војна. Признанието кое може да се прочита од најавата на Трамп - дека САД во војната во Сирија, освен успешната борба против терористите на Исламска држава, не постигнаа многу - е точно. Меѓутоа, сѐ говори дека повлекување би го втурнало регионот во уште поголем мрак.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид