1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичката цена на спорот меѓу Скопје и Софија

17 мај 2021

Ќе може ли Бугарија да ја понесе политичката цена Албанија да започне преговарачки процес пред Северна Македонија? Според мене не, вели Илхан Ќучук, известувач за РСМ во Европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/3tTvd
Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

„Преку Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, ние ја потврдивме нашата искрена добрососедска намера кон сите. Република Северна Македонија ниту ќе провоцира, ниту ќе коленичи. Ние не сме проблем, ние решаваме проблеми", порача лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, на вчерашниот 26-ти изборен партиски конгрес, набројувајќи ги успесите на Владата предводена од СДСМ на надворешно-политички план.

Но засега на повидок не се гледа решение на проблемот со Бугарија. Источната сосетка се подготвува за нов изборен натпревар и во земјата функционира службена влада овластена за спроведување на изборите, но не и за други решенија, особено не во сферата на надворешната политика, што дополнително ги намалува македонските шанси за исчекор пред јунските самити на ЕУ.     

Иако има иницијативи разговорите да продолжат, засега тие не се проследени со конкретен резултат, делумно со оправдувања дека службената влада во Софија не може да носи одлуки, а делумно и со дилемата - во вакви услови кој би бил соговорникот на Скопје?

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Да не се губи време

Според европратеникот Илхан Ќучук, известувач за Република Северна Македонија во Европскиот парламент, разговорите меѓу Софија и Скопје не треба да прекинат ниту за време на техничката влада во Бугарија.

„Ние се наоѓаме во тешка политичка криза, имаме службена влада која со сигурност нема да се занимава со надворешно политички прашања, како што активно би се занимавала една влада избрана со легитимен мандат од 4 години. Од таа гледна точка идејата за поддржување на тој разговор е од исклучително значење. Не е лоша идејата да се размисли за тим што ќе му биде партнер на Бучковски во тој разговор. Се разбира, тој ќе биде избран од министерот за надворешни работи или од владата, но главната улога на тој тим ќе биде да ја подготви средината за носење на поважните политички решенија при формирање на редовната влада“, изјави тој за „Радио Фокус“.

Повеќе:

-Новата бугарска влада нема да го тргне ветото за С. Македонија во ЕУ

-Бугарија: Членка на ЕУ или мала копија на путинова Русија?

-Софија со нова порака: Имаме проблем и тој не е билатерален

Според Ќучук, интензитетот во разговорите е од исклучително значење и не смее да се губи време.

„Времето треба да се искористи на драгоцен начин за заздравување на врските, за обезбедување нова деверба и за доизградување на некои разрушени мостови, за да можеме да ја востановиме и нашата меѓународна фигура пред нашите европски партнери - дека можеме да бидеме субјект кој сака Западен Балкан да биде интегрален дел од ЕУ. Стратегиски интерес на нашата земја е да бидеме незаобиколен фактор за демократските држави кои се дел од НАТО и ЕУ. За тоа имаме основен консензус во земјата“, изјави Ќучук.

Mevlut Cavusoglu  und Ilhan Kyuchyuk
Илхан Ќучук (лево на фотографијата)Фотографија: Fatih Aktas/AA/picture alliance

Специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски, не беше достапен да сподели сознанија, дали се подготвува тим или личност со кои во таков формат тој би ги продолжил неговите активности за време на техничката влада во Софија.

Дијалог да, но по исполнети услови

Недостапен за одговор беше и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој од новиот шеф на бугарската дипломатија во привремената влада Светлан Стоев, минатата недела побарал одржување на Меѓувладината комисија и за отворање пат за преговори.

„Мислам дека е важно да се направи таа комуникација и што побрзо да се свика меѓувладината комисија, бидејќи таа ќе даде дополнителна динамика на соработка. Очекувам да има одредени состаноци, важни иницијативи во текот на оваа недела. Ние сме подготвени, посвететни да се ангажираме во овој процес, затоа што шансата за јуни е неповторлива, а другите циклуси на состаноци на ЕУ се поограничени и покомплицирани поради многу околности – домашни, регионални, европски", рече Османи.

Тој го повтори ставот дека е можно решение со Бугарија и со техничката Влада.

„Ние не смееме да застанеме.Треба да работиме за јуни со сите капацитети што ги имаме, да ја мобилизираме целокупната поддршка која можеме да ја добиеме за јуни оваа година. Техничката влада може да донесе такво решение", рече Османи.

Bulgarien Bujar Osmani und katerina Zaharieva
Фотографија: MFA of North Macedonia

Од бугарска страна ја отфрлија таквата можност.

„Да потсетиме на изјавата на министерот Стоев при неговото стапување на должноста, дека бугарската страна останува отворена за дијалог, но во исто време службената влада не е овластена да ја менува рамковната позиција на Бугарија, што беше усвоена со консензус од сите политички сили во парламентот“, се потенцира во позицијата на бугарското Министерство за надворешни работи.

Оттаму објавија дека Бугарија отсекогаш била и останува отворена за отворен дијалог и соработка со РС Македонија, но нагласуваат дека состанокот на меѓувладината комисија може да се одржи тогаш кога ќе бидат исполнети потребните предуслови и услови за тоа.

„Одржувањето средба во таков формат мора треба да биде исполнет со содржина. Во оваа смисла, потсетуваме дека на следниот меѓувладин состанок треба да биде биде усвоен годишниот извештај од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, се вели во соопштението од бугарското МНР.

Оттаму велат дека „од страна на Република Северна Македонија бил даден предлог за одржување телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи и дека тој ќе се реализира веднаш штом програмата на министерот Стоев дозволува“.

Овие пораки ја потврдуваат непроменливоста на бугарската позиција, што во преден план го наметнува прашањето - дали недостигот од решение сепак ќе обезбеди почеток на преговори со ЕУ само за Тирана, но не и за Скопје?  

„Тука повторно е големото прашање – има ли интерес Бугарија од тоа, и ќе може ли да ја понесе политичката цена Албанија да започне преговарачки процес пред Република Северна Македонија? Според мене не. Ние имаме интерес двете земји заедно да го почнат преговарачкиот процес, за да може тоа да даде дополнителен мотив и за разрешување на останатите билатерални прашања во регионот, меѓу Косово и Србија, да речеме. И да им даде дополнителни политички аргументи на елитите на одредени држави на Западен Балкан, да бидат многу активни во процесот на билатерална комуникација и тоа да го исцрта реформскиот пат на нивните влади“, порача Ќучук.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Процес Брдо-Бриони

Проширување на Европската Унија ќе биде едно многуте прашања од интерес на регионот, кои денеска се тема на јубилејниот десетти состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони што се одржува во Брдо кај Крањ, чиј домаќин е словенечкиот претседател Борут Пахор. На состанокот ќе присуствува и македонскиот претседател Стево Пендаровски, заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, на Хрватска - Зоран Милановиќ, на Црна Гора - Мило Ѓукановиќ, на Република Албанија - Илир Мета, со претседавачот и двајцата членови на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи и со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.

По состанокот, предвидено е лидерите да усвојат финални заклучоци во однос на неколку клучни теми, како што се процесот на проширување на Европската Унија, економското закрепнување на регионот на Западен Балкан и справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19.

Во рамките на учеството, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби.