1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поранешен нацист осуден за злосторства во логор

БГ /РТР
23 јули 2020

Судот во Хамбург осуди 93-годишен Германец како соучесник во убиството на 5,232 затвореници, повеќето Евреи, во нацистички концентрационен логор за време на Втората светска војна.

https://p.dw.com/p/3fpqu
Deutschland Hamburg | Fortsetzung Prozess | SS-Wachmann
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Heimken

Седнат во инвалидска количка во судницата и со лицето покриено зад сина папка, Бруно Д. призна дека бил чувар во нацистичкиот логор Стутхоф во близина на Гдањск, во окупирана Полска, но тврдеше дека неговото присуство не значи и вина за злосторствата.
Тоа не беше доволно за судот во Хамбург кој го прогласи за виновен за соучесништво во убиствата од август 1944 до април 1945 и му одреди двегодишна условна казна.

„Како можевте да се навикнете на тој хорор?“ праша судијката Ане Мајер- Геринг читајќи ја пресудата.
Околу 65,000 луѓе беа убиени или починаа во Стутхоф. Обвинителите наведоа дека повеќето биле застрелани во глава или отруени со смртоносниот гас Циклон Б. 

- повеќе на темата: Како Германците гледаат на нацистичките злосторства

Поради тоа што Бруно Д. имал 17 години во периодот додека се случиле злосторствата, му беше судено во суд за млади, а рочиштата беа ограничени на две по три часа неделно поради неговото кревко здравје.

Во својата последна изјава пред судот, тој се извини за страдањата на жртвите, но одби да преземе одговорност.

„Сакам да им се извинам на сите луѓе кои минаа низ тој пекол на лудило и на нивните роднини и преживеаните“, изјави тој пред судот. 

- повеќе на темата: Нацистичкото минато на германските милијардери

Речиси 75 години по Холокаустот, бројот на осомничени злосторници се намалува, но обвинителите и натаму се обидуваат да ги изведат пред лицето на правдата.
Судска одлука од 2011 година го отвори патот за кривичен прогон и на сите оние кои работеле во логорите на смртта, без оглед дали биле директно вмешани во злосторствата.

Иако се очекуваше ова да биде последно судење на поранешен нацист за воени злосторства, сепак обвинителството минатата недела обвини уште еден поранешен чувар во Стутхоф кој е на 95-годишна возраст. Во моментов се активни уште десетина истраги.