1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Родната куќа на Адолф Хитлер ќе стане полициска станица

БГ /АФП
2 јуни 2020

Австриските власти денеска го соопштија планот за „неутрализација“ на родната куќа на нацистичкиот диктатор со нејзина пренамена во полициска станица. Објектот беше собиралиште на нацисти од целиот свет.

https://p.dw.com/p/3d9Xq
Österreich Braunau 2016 | Geburtshaus von Adolf Hitler
Родната куќа на Адолф Хитлер во БраунауФотографија: picture-alliance/dpa/Maxppp

Куќата во северниот австриски град Браунау на границата со Германија, каде Хитлер бил роден на 20 април 1889 година, беше преземена од владата во 2016 година. Судбината на објектот беше предмет на долга правна битка со сопственикот на куќата која заврши минатата година.

Австриската архитектонска фирма Марте.Марте, е избрана меѓу 12 кандидати за да ја изврши пренамената на објектот. Владата очекува трошоците да достигнат околу 5 милиони евра и работата да заврши до 2023 година.

„Ќе биде отворено ново поглавје за иднината од родната куќа на диктатор и масовен убиец“, изјави министерот за внатрешни работи Карл Нехамер. Австриските власти очекуваат дека со промените во архитектурата и употребата на куќата ќе се „неутрализира просторот“.

Иако Хитлер минал само кусо време на имотот, тој и натаму привлекува нацистички поддржувачи од целиот свет. Анти-фашистички демонстранти исто така често организираа протести пред зградата.

Од пред куќата ќе биде отстранета и комеморативната плоча и ќе биде префрлена во музеј.

Семејството Помер кое ја поседуваше куќата речиси 100 години, доби отштета од 810,000 евра по долга судска процедура.