Примирје во конфликот меѓу Израел и Палестинците
6 мај 2019Израелската војска денеска соопшти дека ги укинала ограничувањата воведени за заштита на жителите на југот на Израел, сигнализирајќи со тоа дека е постигнат договор за прекин на огнот со палестинските екстремисти во Појасот Газа, за да му се стави крај на најтешкиот судир меѓу двете страни по војната во 2014 година.
Радиото Ал Акса на палестинското радикално движење Хамас кое владее со Појасот Газа исто така извести за договор за прекин на огнот, иако нема официјално соопштение на Хамас.
Новата ескалација на насилство во регионот започна во саботата утрината откако палестинските екстремисти, според наводи на израелската армија испукале околу 450 ракети врз израелска територија.
Повеќе:
-Израел и Палестинците - „вечен“ конфликт
Десетици илјади Израелци ги минаа ноќите во текот на викендот во страв. Многумина бараа жесток одговор од премиерот Нетанјаху.
„Го избравме Нетанјаху и тој треба да преземе одговорност. Не можеме веќе да бидеме меки. Време е да се повлече линија. Вака веќе не може понатаму“, изјави еден портпарол на армијата.
Како реакција на ракетните напади, израелските сили возвратија со воздушни напади врзоколу 220 цели во Појасот Газа меѓу кои и наводна бункерска работилница за изработка на оружје и згради во кои се претпоставува дека се наоѓаат силите на Исламски џихад и на Хамас кои ја контролираат оваа област. Според палестински болнички извори во израелските напади загинале најмалку 23 Палестинци. На израелска страна во палестинските напади загинаа четири лица. Пред веста за примирјето постигнато со посредување на Египет и на ОН израелските медиуми јавуваа дека воените сили се подготвуваат за подолготрајна конфронтација. Јаков Армидор, поранешен генерал-мајор и национален советник за безбедност не верува во претстојна копнена офанзива со цел да се уништи Хамас во појасот Газа.
„Израел нема да добие ништо со голема операција во Газа. На крајот на денот не сакаме да преземеме одговорност за два милони луѓе кои живеат таму. Поради тоа не ни е во интерес да го уништиме Хамас. Подобро е некој да сноси одговорност отколку ситуација во која нема таков," вели Армидор.
За Израел оваа ескалација се случува во многу чуствителен период. За две недели треба во Тел Авив да се оддржи финалето за избор на песна за Евровизија. Инаку условите за најновиот прекин на огнот не се познати, но претходните вакви договори не траеја долго.