1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Блискиот Исток останува кризно жариште

Монцеф Слими
27 декември 2017

И покрај поразот на Исламска држава, ситуацијата на Блискиот Исток останува конфликтна и несигурна и во 2018. година. Старите судири и натаму тлеат.

https://p.dw.com/p/2pzUZ
Saudi Arabien - Donald Trump zu Besuch in Riad
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Vucci

Луѓето од земјите на Персискиот Залив не мора да чекаат на повикот на мујезините од џамиите на главниот саудиси град Ријад за да дознаат дека „светата војна“ меѓу сунитска Саудиска Арабија и Иран како центар на шиитскиот свет,  е во тек и се одвива со полна пареа, па дури и стана побогата со нова епизода: испалување ракета од страна на јеменските бунтовници-Хути. Саудиската противвоздушна одбрана ја собори ракетата пред да падне на Ријад и да може да предизвика поголеми штети. Од џамиите, за да се смири населението, веднаш одекна: „Само еден е Бог - Алах“.

И додека поразот на Исламска држава во Сирија и во Ирак е најголемиот напредок на Блискиот Исток во 2017. година, развојот на ситуацијата упатува на тоа дека таму уште долго нема да има мир. Напротив, тензиите, првенствено во регионот на Персискиот Залив, укажуваат дека 2018. година ќе биде мрачна и конфликтна, со можност дури од нови војни.

Трагедијата во Сирија, како и судирот во Јемен се само некои од повеќеслојните конфликти во регионот, кои се нарекуваат и „посреднички војни“. Во нив, покрај регионалните протагонисти како Саудиска Арабија и Иран, учествуваат и големите сили: САД и Русија. Кон тоа треба да се придодадат и внатредржавните напнатости во областите помеѓу Багдад и регионите населени со Курди, во северниот дел од Ирак, или тензиите во Либија, земја на која засилено ѝ се заканува опасност од запаѓање во анархија.

Jemen Huthi Rebell in Sanaa vor dem Haus von Ali Abdullah Saleh
Припадник на бунтовниците Хути во ЈеменФотографија: Getty Images/AFP/M. Huwais

Улогата на Иран

САД јасно се позиционираа. „Време е да се спротиставиме на иранската закана“, изјави американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, по ракетниот напад врз Саудиска Арабија, за кој рече дека носи „ирански потпис“. Со тоа го артикулираше чувството на загрозеност, сѐ пораширено во Саудиска Арабија.

Таму со загриженост гледаат на влијанието на Иран во Јемен, Ирак и Сирија, па сѐ до Либан. Вториот напад врз Ријад од Јемен го става саудискиот принц Мохамед бин Салман, политички одговорен за походот врз оваа мала земја, под огромен притисок. И на меѓународен план тој е изложен на силни критики, додека хуманитарните организации постојано апелираат за окончување на војната во Јемен.

Повеќе на темата:

Трамп ќе си продолжи како што си знае

Израел и Саудиска Арабија: баш најдобри пријатели?

Во Јемен умираат од глад, светот немо гледа

Воена конфронтација не е исклучена

Ријад не може да одговори на многубројните предизвици, земјата едноставно не е во состојба да реагира соодветно. Бившиот американски дипломат Набил ал-Куру од Советот за глобални работи во Чикаго вели дека силата на Саудиска Арабија, посебно во однос на Иран, е преценета.

Од таа причина за кралството е од големо значење завршувањето на конфликтот во Јемен, додава политикологот од Обединетите Арапски Емирати, Абдул Калик Абдулах. Дотолку повеќе што бунтовничките Хути, по убиството на бившиот јеменски претседател Али Салех, се сѐ повеќе изолирани и за нив усмерувањето на војната во посакувана насока станува многу потешко. Оттаму, можно е спроведената блокада врз јеменските Хути, од копно и од море, следната година да донесе посакувани резултати.

Но, во тој случај се заканува пораст на напнатоста во Јемен, а со тоа и опасноста од директна конфронтација меѓу Саудиска Арабија и Иран. Ако таквата опасност во текот на 2017. година изнесуваше 20 проценти, во текот на 2018. би можела двојно да се зголеми, вели Абдул Калик Абдулах.

Kombi-Bild Benjamin Netanyahu und Mohammed Bin Salman
Потенцијални партнери? Бенјамин Нетанјаху и Мохамед бин Салман

Израелските грижи

Новата иранска доминација не ја загрижува само Саудиска Арабија, туку и Израел, што води кон израелско-саудиско приближување. Но, какви се шансите за негово заживување? Абдул Калик Абдулах е скептичен, тврди дека очекувањата се преувеличани. Во суштина, тие се базирани првенствено на желбите на Израел.

Но, самиот Израел сепак се однесува воздржано. Премиерот Бенјамин Нетанјаху неодамна изјави дека е мала веројатноста Израел, според желба на Саудиска Арабија, да се впушти во „заменичка војна“ со Иран. Израелски политичари и војската меѓутоа не ја кријат загриженоста, со оглед на продорот на иранските трупи во Сирија, во што гледаат загрозување на националната сигурност, дополнително и поради опасноста произлезена од либански Хезболах.

Во повремените воздушни израелски напади на воени цели во Сирија, експертите гледаат степен на подготвеност на ова земја да го ограничи иранското влијание. Израел не исклучува ограничени напади на војни постројки во Сирија и во Либан.

За двајцата експерти „Дилот на столетието“ - проектот за преселување на Палестинците од Западниот Брег и од Појасот Газа на западниот дел од Синајскиот Полуостров, има мала реална вредност. Предлогот, изнесен од американскиот претседател Доналд Трамп, е одраз во прв ред на „игноранцијата на политичката реалност во регионот“, вели Набил ал-Куру. Зад тоа првенствено се препознава желбата на американските конзервативци за поддршка на Трамп. Актуелната дискусија околу статусот на Ерусалим како израелски главен град ја потврдува оваа теза.

Kombobild Khamenei, Putin, Assad
Политички победници во 2017: иранскиот ајатолах Али Хамнеи, рускиот претседател Путин и сирискиот-Асад Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Badawi/dpa

Односите меѓу Москва и Техеран

Од одмерувањето на силите на Блиски Исток, покрај Иран, минатата година произлезе уште еден победник: Русија. Алијансата помеѓу Москва и Техеран би можела да се зацврсти и во следната година, сметаат двајцата експерти.

Непредвидлив и немирен меѓутоа би можел да биде курсот на турската надворешна политика, чии желби, согласно на нејзините интереси, се да влијае врз политиката кон Курдите во Сирија. Откако Турција во спорот меѓу меѓународната коалиција, предводена од Саудиска Арабија и Египет од еднастрана и Катар од другастрана, се стави на страната на малиот емират, дојде до оптоварување на нејзиниот однос со Саудиска Арабија.

Експертите се сложуваат во мислењето дека во целиот развој на ситуацијата на Блискиот Исток, интервенцијата на САД беше неефикасна. Вкупната американска политика буди впечаток дека администрацијата на Трамп има недоволно широк видокруг во однос на политиката која се води на Блискиот Исток. Политиката на Трамп не ги задоволува критериумите на велесила.